Banner
Мое ќоше

Груевски стана гневен

gruevski-gneven

Никола Груевски, многу трпеливиот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, навистина се разгневи и разбесни и почне да нарачува протести пред Државната изборна комисија. Убаво не’ опомена да молчиме Влатко Ѓорчев, вмровскиот сокол чии поткастрени канџи повторно пораснаа откако дејствува најсреќен во депресивниот изборен генералштаб на револуционерната партија. Ѓорчев предупреди дека трпеливиот човек може да стане гневен ако се украде големата изборна победа од два пратеника повеќе. Не си го дорече зборот, кога еве силен притисок пред ДИК да не презема ништо оти сите ќе бидат линчувани од народот на Груевски.

Ѓорчев заборави да им каже на граѓаните дали мисли дека е кражба ако се усвојат жалбите на политичките партии за изборни нерегуларности, или пак мисли дека би било кражба ако наместо ВМРО-ДПМНЕ, политичките партии кои се против режимот и кои не се задоволни од досегашното партнерство во владата направат коалиција која овозможува законско конституирање на новата влада со нов премиер, токму на платформата на слободата и владеење на правото и враќање на парламентарната демократија и на европскиот пат на Македонија. Или, пак, Ѓорчев мисли дека се’ е кражба ако ВМРО-ДПМНЕ не формира влада и Груевски не е повторно премиер.

Трпеливоста на Никола Груевски подолго време е изложена божемски на жестоки критики од неколку вмровски новинарски перјаници кои го карактеризираат својот идол како многу попустлив и неприфатливо толерантен и компромисен кон непријателите и предавниците. Одамна му префрлаат дека не е решителен да расчисти со странските платеници и шпиони на ЦИА кои се американски и бриселски инсталации во Македонија, багра која ја кодоши на секој чекор својата татковина, јавно зборуваат и пишуваат против мудрата, реформска и незаменлива власт која има широка поддршка безмалку кај целиот народ.

Сите анкети укажуваа на огромната популарност на водачот кој е трипати посакан од сите опозициски лидери заедно. Партијата ВМРО-ДПМНЕ на сите анкети и истражувања на јавното мислење од еминентни агенции и партиски институти, секогаш водеше три спрема еден. По сета таа силна поддршка, полтроните на Груевски преправени во критичари му забележуваа дека тоа му наложува обврска да расчисти безмилосно со предавниците. Деновиве нешто не ги слушам големите истражувачи да кажат како тоа три спрема еден стана еден спрема еден. Онемеа поради срамот од своите нарачани процени. А и подобро е што молчат, ваков резил и непрофесионалност тешко може да се оправда со што било.

Груевски е „напаѓан“ од неговите најверни следбеници и поддржувачи дека е неодлучен во ликвидацијата на Специјалното јавно обвинителство, кое се покажува како најголема опасност за дестабилизација на државата и обезглавување на власта. Дозволи паралелен судски систем во Македонија да гони божем организиран криминал, мафијаши и корумпирани високи ешалони на власта, а всушност се работи за американско-опозициска платформа за уривање на Груевски и ВМРО-ДПМНЕ. Сето тоа Груевски го голтал спокојно со голема верба дека и тој и неговиот народ ќе бидат трпеливи до 11 декември кога ќе уследи казната за ова двегодишно малтретирање и измачување. Казната се ветуваше дека ќе биде голема и уривачите на Македонија ќе доживеат катастрофален пораз по што требаше да настапи крај на кризата. Што мислите дали затоа беше големата трпеливост и толерантност на Груевски до таа мера да биде послушен кон барањата на опозицијата и немоќен пред притисокот на меѓународната заедница да се формира Специјално обвинителство за гонење кривични дела кои произлегуваат од незаконски прислушуваните разговори и до таму без ниту еден збор да ги смени своите најблиски соработници и самиот да си поднесе оставка од функцијата премиер и да го потпише пржинскиот договор. Дали ова трпение спасение не произлегува од фактот што Груевски знаел дека реалната слика е многу поинаква од неговата популистичка реална програма, знаел дека не е ни толку популарен ни омилен како што го прикажуваат анкетите и слават дворјаните, знаел дека работите не стојат на пазарот како што пишува во нарачаните анкети, знаел колкава е вината на злосторничкото здружение, знаел која е вистината од прислушуваните разговори, па морал да биде барем навидум толерантен и трпелив.

И како што ми пишува еден од читателите, резултатот од изборите е најдобро искажан со мислата: „ВМРО-ДПМНЕ извојува пораз, а СДСМ претрпе победа“. Мислам дека ова е најточната дефиниција на изборните резултати што им дава на двете партии и нивните многубројни партнери да прават мали, големи, тесни и широки коалиции какви сакаат и врз кои платформи сакаат, се разбира, водејќи сметка за расположението на гласачите кои дознаа дека режимот може да се урне и со избори. За жал, нема ниту една варијанта за конституирање стабилна влада. Со ваков изборен резултат и со вакви меѓусебни закрвени партиски односи постои само една можност која го отвора патот за излез од кризата во период од три до четири месеци. А, тоа е поширока привремена коалиција на политички партии кои имаат исти определби во своите изборни програми, а тоа се промени за враќање на демократијата, заштита на човековите права и слободи, контрола на власта, владеењето на правото, слободни и независни медиуми, борба против криминалот и корупцијата и непречена работа на Специјалното обвинителство. За остварување на овие цели не е потребно двотретинско мнозинство во парламентот. Решителноста во остварување на овие цели и попречувањето на реализацијата на овие стратегиски определби заеднички на повеќе политички партии ќе ги одреди многу појасно резултатите на неминовните предвремени парламентарни избори заедно со локалните избори напролет.

(Објавено во Утрински)

Коментирај:

коментари:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *