Banner
Мое ќоше

Народот одлучи, бара промени

 

promeni1

Големиот триумф на ВМРО-ДПМНЕ со десеттата победа и освоени 63 пратенички места колку што си нарача лидерот Никола Груевски од својот народ ја расипаа шиптарите. Му дадоа на Зоран Заев албански гласови, ама не доволно да ја поалбанчи и да ја редефинира Македонија, да ја федерализира, да мораме да учиме сите албански и во Струмица, и во Кочани, и во Виница, и во Прилеп, и во Велес, и во Кривогаштани, и во Прдејци, и во Горно и во Долно Дупени, сегде низ Македонија. Се спасивме за малку, за едно влакно, со иле и со многу наши пари извојувана е тешка победа, што е сосема оправдано, инаку Заев заедно со домашните и странските предавници во спрега со Албанците ќе направеа од државата кантонална Швајцарија на Балканите. Катастрофа.

Но, имало среќа во несреќа. Тоа што не им тргна од рака на сите албански лидери во Македонија да го поништат Охридскиот договор и да ја урнат унитарноста на Македонија ќе го направеше изродот македонски шиптароспасителот како што го нарекуваат Зоран Заев следбениците на Ќосето. Или селанчето од Струмица како што го викаат салонските политичари во СДСМ. Добро е што вака се заврши кризата со 51 пратенички места за патриотите и стабилна унитарна, неделива Македонија, наспроти само 49 столчиња во Собранието за непријателите што сакаат да ни ја растурат државата. Со две сандалии, или ако сакате пратенички фотелји, Македонија е спасена да си биде иста каква што беше изминатите десет години. Има уште луѓе што веруваат во тоа.

Е, сега почнува смешната страна на делбата на власта, а тие што веруваат во предизборни лаги пак мислат дека тоа е многу тажно. Зависи кој од која страна гледа, ептен е смешно, или тажно како ќе направат стабилна и цврста влада Албанците кои се за федерализација, кантонизација и против унитарноста на државата со патриотите кои сега ја куртулија Македонија од шиптароспасители и од Албанци националисти. Се разбира, ептен лесно, како и досега не би требало да има никаков проблем Ахмети и Груевски старите партнери од 2008 година наваму да седнат на заедничка маса и да се договорат за поделба на пленот. Ахмети со своите десет и Груевски со своите 51 столче, ќе направат 61, ќе го викнат ако треба Тачи ете ти 63 места, колку што си побара Груевски. Може ќе сакаат да влезат во власта и Зијадин Села од Беса и Гзим Острени од Алијансата и еве ти цели 70 места во Собранието и се’ да си биде како и досега. Чирибу, чириба нема веќе ни криза, ни редефинирање на државата, ни двојазичност, ни Специјално обвинителство, ни владеење на правото, ни правна држава, ни слободно новинарство, ни пречки на патот кон убави провизии и чесни тендери на кои секогаш победуваат нашите… Ама домашниот есап не излегува на пазар, а и Али Ахмети веќе не е истиот што го голташе секое паѓање и негово лично и на партијата на сметка на стабилноста на фотелјата на Груевски и на владата. Му треба на Ахмети уште една коалиција со Груевски и уште едно подголтнување на изборните резултати и дефинитивно да ја погреба ДУИ, а со партијата и себеси. Ахмети знае ама кој знае зошто се прави слеп при очи дека не гледа оти албанските гласови веќе не се добиваат како вмровските со приказните за двојазичност и со тоа што го имаат стекнато веќе одамна и со апстрактни кантонизации и федерализации, туку се директно против тврдиот режим на Груевски и криминалната врхушка на ВМРО-ДПМНЕ и на нивните партнери во власта и против ограничувањето на правата и слободите на граѓаните, против криминалот и корупцијата, против узурпацијата и злоупотребата на власта, против попречување на Специјалното обвинителство во гонење на организираниот криминал.

Најсмешната, или ако сакате најтажната работа е кога Груевски и ВМРО-ДПМНЕ прават коалиции со албанските партии тоа е добро за Македонија и нејзиното здравје, а кога СДСМ прави коалиција со истите албански партии тоа е опасно оти отиде државата во пармпарчиња.

Бројката од 613.000 луѓе кои се за смена на власта е најважната определба на мнозинството граѓани на Македонија. Толку на број се гласовите на сите политички партии кои учествуваа на изборите со платформата дека се против режимот на Груевски. Коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ која доби 454.253 гласа, или ако Али Ахмети и натаму подголтнува кнедли за стабилноста на ВМРО-ДПМНЕ и на Груевски, тогаш, заедно сосе неговите 86.848 имаат вкупно 541.101 гласови што е за 71.899 гласа помалку од граѓаните кои бараат промени и демократизација на Македонија, кои бараат пресметка со криминалот, ослободување на институциите на системот и на медиумите, подобар и поквалитетен живот и прифаќање на европските вредности и стандарди што подразбира членство во ЕУ и во НАТО.

Кризата не исчезнува, туку останува во уште поостра форма ако не се почитува определбата на 613.000 граѓани кои гласаа за промени. Ако се има предвид дека од излезените на избори 1.191.521 луѓе 613.000 се околу 53 отсто од вкупниот број кои гласале за промени, тогаш, пазарџиите на коалиции за состав на новата владата која во секој случај ќе биде преодна најдолго до локалните избори кои ќе се одржат за три месеци ќе почувствуваат што значи отфрлање на определбата на мнозинството. Граѓаните на Македонија веќе научија дека може да се урне режимот и на избори. Ако тоа не го направат сегашните актери на кои им е даден мандат да ја завршат таа работа со коалиции, ќе станат многу бргу жртви на измамените гласачи на новите предвремени избори кога казната ќе биде далеку поголема од онаа на 11 декември.

(Објавено во Утрински)

Коментирај:

коментари:

Овој текст има еден коментар

  1. Biljana Stanojcic

    Normalno deka ne e isto dali glavniot čovek javno vetuva kantonizacija i federalizacija ili ne. Nas i vojnata ni beše apstraktna, i ramkovniot, i teriotrijalnoto preraseruvanje, i albanci za gradonacalnici – se dodeka ne se ostvari. Ic ne e apstraktna kantonizacijata.
    Ne e mozno poddrska na partija sto go vetuva toa da bide edinstven nacin za borba protiv korupcijata.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *