Banner
Мое ќоше

Кој е газда во државата

gruevski-mk

Ете, конечно, дознав кој е газда во државата. Ќе биде безмалку 11 години како сум бил во голема заблуда. Се’ мислев дека на сите ни е единствен сопственик Никола Груевски, а тоа било ептен погрешно. Газда на државата цела оваа ера од деценија и кусур бил народот и никој друг. Ова го потврди лично и самиот Груевски некни кога ја истакна својата листа надреалиста на извршните директори кои ќе ги водат ресорите да нема повеќе крадење и лажење како досега и против слободно и неограничено заборчување во светските и домашните банки.

На 11 декември газдата, кој нигде го немаше и никој ништо не го прашуваше, ќе се јави пак како и на секои избори и ќе ни каже дека уште четири години како генерален менаџер на компанијата Македонија без никакви ограничувања повторно го назначува Никола Груевски. Така е договорено вели Груевски со цврст долгогодишен договор за јавно и приватно партнерство меѓу газдата и ВМРО-ДПМНЕ за земање под концесија на цела Република Македонија. Докажаните големи демократи, патриоти и љубители на правдата се очекува и наредните четири години успешно како и цела оваа десетлетие да се борат за повисок стандард на газдата, за независно судство и слободно новинарство, против криминалот и корупцијата, за подобро здравство и образование се’ заради газдата, односно народот. Економските реформи во претпријатието со неограничена одговорност до 2020 година ќе го достигнат светскиот врв и ќе почнат помалку да стагнираат до 2030 година бидејќи не може понатаму. Над тоа е само небото.

Ако за десет години од сиромашна и уништена земја каква што наследија политичките претприемачи и работодавци на ВМРО-ДПМНЕ станавме петти во Европа и десетти во светот благодарение на менаџментот, а најмногу на генералниот менаџер и претседател на Друштвото без одговорност, нормално е до 2020 да бидеме апсолутни прваци во светот. По 2030 повторно се очекува силен подем во развојот на територијата која некогаш била позната како Поранешна Југословенска Република Македонија.

Деновиве Груевски имал интензивни средби со газдата и директни преговори за продолжување на концесијата и на јавно приватното партнерство. Газдата му признал дека неговиот мотив повторно да го назначи за генерален менаџер и да му ги препушти клучевите од државната каса е поради неговото згрозување од она што му го прават на Груевски непријателите на Македонија предводени од Зоран Заев и белосветскиот шпекулант Џорџ Сорос, кој сега, според нашите слободни медиуми, работи на тоа да ја дестабилизира и Америка. Му се смачило на газдата од грубите напади врз невините жртви од патриотската врхушката на ВМРО-ДПМНЕ.

Сопственикот на компанијата ги дознал сите до една причина за големата криза и ги фиксирал сите подметнувања и игри, прогонства и страдања на невините високи функционери во Владата и во партијата на власт сиве овие десет години. Особено бил лут поради монструозните напади врз најдобриот политичар што досега го родила мајка Македонија. Газдата бил посебно импресиониран како Груевски сето ова успеал да го издржи, како можел толку ладнокрвно да ги одбие сите клевети и лаги и сите монструозни напади. Не можел да му се изначуди на генералниот менаџер како успешно ја водел фирмата во една таква криза и таков оркестриран напад од сите страни. Многу му се налутил што поднел оставка од функцијата премиер поради лаги и клевети, што ги сменил своите најдобри министри и соработници, а особено се разгневил газдата, кога Груевски се согласил да се воведе специјално обвинителство кое ќе истражува како работела компанијата кога тој лично дал одврзани раце без никакво ограничување во работата ма менаџментот. Поради овие успеси и трпение газдата и сега ми рекол на Груевски да не бере гајле, ќе му даде тој и уште 63 најодговорни позиции во компанијата за таа и натаму да се управува како и досега бидејќи резултатите се извонредни во сите полиња. Тимот што победува не треба да се менува.

И уште му рекол газдата ич гајле да си нема од судења и истраги. Најголемиот и најважниот суд е на газдата. Тој му шепнал во доверба на Груевски дека и да имало крадење и прислушување, тоа не е битно бидејќи тоа е во интерес на компанијата и на газдата, според тоа треба да си ја накриви капата и на 11 декември да ја преземе целата власт.

По 11 декември, а уште и пред тоа, може да чисти слободно и да брка кого сака од работа. Сите што не се лојални можат да си одат и да си бараат подобра работа и подобро место за живеење ако ова не им се допаѓа. Еве за 11 години заминаа неколку стотини илјади незадоволници кои бараат преку леб погача, па еве ништо лошо не се случи. Напротив, ни олесна на сите. Ги избришавме од списоците на невработени, а во компанијата Македонија останаа само нашите најлојални патриоти. На тие што си заминаа од земјата им е дадено правото да гласаат и кога не се тука. Многумина од нив гласаат и кога не гласаат. Се’ е дозволено за татковината и газдата.

До 2030 ако се продолжи со ова темпо на развој и на градење, нема да остане ни педа земја на која не е нешто изградено. Ќе биде тоа единствената држава музеј на невиноста. Нобеловецот Орхан Памук изгради еден таков музеј во Истанбул преземен од неговиот роман. Но тоа е една обична мала зграда. Ова ќе биде единствена компанија цела држава претворена во музеј по успешно завршена стечајна постапка и ликвидација на последиците од експериментот со јавно приватно партнерство меѓу државата и ВМРО-ДПМНЕ.

(Објавено во Утрински)

Коментирај:

коментари:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *