Banner
Мое ќоше

Идиотско оправдување за сираците на Европа

eu-mk

Има едно идиотско оправдување кое секогаш се пушта во оптек кога ќе стасаат извештаите од Брисел за катастрофалниот неуспех на политиката во европеизацијата на Македонија. Гласи: другите се криви. Зад овие три збора се крие најголемиот пораз на македонските политичари и воопшто на целото општество што останавме последните сираци на Европа на Балканот, што уште чмаеме во сиромаштија и мизерија сонувајќи на посвојување од богати и добри родители. Никој не сака да одгледува полнолетни и подостарени луѓе, „зависници“ кои чекаат дневна доза на пропаганда која им го сомле умот дека всушност во домот за возрасни без родители им е најдобро.

Таа загадочна проста реченица која се лепи лесно како таксена марка направи пустош во свеста на луѓето во деценијата на груевизмот. Демек што и да направиме, какви било успеси да постигнеме, колку и да бидат успешни реформите, проблемот е со името на државата и грчката шовинистичка и неправедна блокада на Македонија во евроатлантските интеграции. Широко е прифатена заблудата дека ако го смениме името, веднаш стануваме членка на НАТО и на ЕУ бидејќи сите други услови сме ги исполниле, а и да не сме, ќе ни погледнат низ прсти во Брисел како и на многу други, полоши од нас, наши комшии кои одамна со протекција се членки на ЕУ и на НАТО. Потоа следува оправдувачката популистичка квазианализа преточена во жестока медиумска кампања при што до бессознание се набројува дека и да имаме вистинска демократска држава, независно судство, владеење на правото подеднакво за сите граѓани, да имаме слободно и високо професионално новинарство, силно граѓанско општество, независни институции на системот, строго почитување на уставната поделба на власта својствена на западните парламентарни демократии, добра инфраструктура, автостради, брзи железници, нафтоводи, гасоводи, енергетска независност… ако остваревме вистински големи успеси во економијата, нови продуктивни, а не социјални работни месата што треба сите да ги плаќаме, ако стасавме до просечни плати барем колку што изнесува социјалната помош во западноевропските земји, ако реформите во образованието и здравството дадеа резултати, ако постигневме висока еколошка свест и ги почитувавме веќе донесените закони за заштита на човековата околина и ако криминалот и корупцијата во високите ешалони на власта добиваат праведна и правна судска разврска и да остваревме уште многу работи кои ја чинат стабилноста на државата и го подобруваат квалитетот на живеење и работење на граѓаните, дали и тогаш Грците ќе можеа да ја блокираат Македонија да стане членка на ЕУ и на НАТО како што постојано се труби во јавноста.

Иако мислам дека најголемата блокада е во Македонија, со нејзините погрешни политики на нејзиниот пат кон европеизација, од првиот ден ја прифаќам како најсилна пречка грчката безумна политика и фобија кон безопасна и мирољубива Македонија која и пред Хашкиот суд на правдата се докажа дека непреведно е запрена во својот развој и спречена во цивилизацискиот избор да биде членка на ЕУ и на НАТО дури и со името Поранешна југословенска Република Македонија како што стои во Привремената спогодба склучена меѓу двете држави со гаранција на ОН пред повеќе од 20 години.

Меѓутоа, она што не може да се прифати како оправдување и за што никој друг не е виновен освен нашите политички лидери, а во голем дел и граѓаните кои станаа клиенти на власта продавајќи го својот глас, пропагандистите и медиумските агитатори поради кои многу луѓе не успеваат и по цела деценија да ги одредат вистинските аршини и мерки за успешноста на една влада и власт, на еден режим кој со години не’ оддалечува од Европа додавајќи дополнителни аргументи на шовинистичката грчка политика кон Република Македонија. Кој ни е виновен што Македонија не е парламентарна демократија каде што во највисокиот законодавен дом тајната полиција ги тепа и исфрла од своите работни места пратениците на најголемата опозициска партија и новинарите кои ја следат работата на Собранието. Од денот на тој голем срам 24 декември 2012 година „црн понеделник“ вест и слика што го обиколи светот почна големата политичка и морална криза во Македонија. Кој ни е виновен што со години власта непречено нарачувала прислушување на илјадници граѓани и јавни личности за и самата да се најде во тие монструозни разговори против својата држава и својот народ.

Кој ни е крив и што се партизирани и узурпирани сите институции на системот, кој ни е виновен што нема човек кој не знае дека целиот правосуден систем е под строга политичка и партиска контрола на неколку луѓе во врвот на државата. Кој ни е виновен што самостојноста на медиумите и професионалното новинарство е уништено, а финансирано со народни пари лошо новинарство диригирано од партиски штабови. Кој е виновен што Специјалното обвинителство грубо се спречува во својата работа и истрага на криминалот кој произлегува до најголемото нарушување на човековите права во Македонија. Кој ни е виновен што создадовме систем на подлизурковци, полтрони, контролирани универзитети и студенти и професори со свиткани кичми, исплашени интелектуалци и корумпирана интелигенција. Кој ни е крив што со баснословно задолжување на сегашните и на идните генерации ги плаќаме напумпаните успеси во економијата и што поради тие големи успеси илјадници млади луѓе ја напуштија земјата. Нивното заминување власта го слави како голем успех во намалување на невработеноста.

Кој ни е виновен што разузнавачките служби, полицијата и армијата се партизирани. Кој ни е виновен што последните изборни циклуси се со големи неправилности за кои се води истрага како злосторничко здружување за криминализација на изборите. Кој ни е виновен што еколошката заштита се практикува само пред избори и во предизборни програми. Кој ни е виновен што немаме повисок стандард на граѓаните и поквалитетен живот, што немаме барем едно 800 евра просечна плата. Зошто дури откако ги изградивме најголемите будалштини античките споменици, разни вртелешки и галии, жални врби и барокни гаражи, фалсификувани и изобличени фасади за скапи пари, дури пред две години почнавме посериозно да градиме автопатишта. Кој е виновен за тоа. Сите овие работи што означуваат изградба на современо европско општество можевме да ги направиме сами во изминатите 25 години. Наместо тоа во изминатата деценија го обезвреднивме и тоа што веќе го постигнавме. Се’ поголем е бројот на грешките кои не’ оддалечуваат од Европа. Нашите политички лидери се прават на тошо кога станува збор за разликите меѓу редовно членство во ЕУ и во НАТО со она што значи европеизација на државата. Во ова второто никој не може да не’ спречи. Македонија има голем број поддржувачи во Европа и во светот кои можат да одиграат голема улога доколку ги исполниме сите услови што нам ни требаат и го оставиме гол грчкиот ултиматум кој не може да се одржува во недоглед ако Македонија е успешна и демократска држава. Ако она што треба да се направи заради нас почнувајќи од слободата, демократијата и владеење на правото до успешни реформи и подобар живот на граѓаните можеме и да и’ се заблагодариме на Европа, да не’ повика кога ќе биде подготвена да не’ прими во семејството каде што географски и културно припаѓаме.

Конечно главната работа со ЕУ и со НАТО е доста со оправдувања, време е за решенија.

(Објавено во Утрински)

Коментирај:

коментари:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *