Banner
Мое ќоше

Шок-бомбите на разузнавачот

slobodan-bogoeski

Опасно тивок. Зборува со шепот, а зборовите му одекнуваат како шок-бомби. Не можеш да го гледаш и слушаш седејќи, те тера да станеш простум. Студен како шприцер, мрачен како ноќ, или што би рекле младите, „полицаецот“ е ептен кул. Влезе нечујно во студиото на ТВ Телма како во операциона сала, направи повеќе длабоки резови со скалпел по живо ткиво, без око да му трепне одговори на прашањата на колегата Александар Чомовски, ја крена во воздух јавноста и мирно како што дојде замина или во легендите или го изеде темницата. Бргу ќе дознаеме. Така го доживеав интервјуто на стариот разузнавач, некогашниот шеф на тајната полиција Слободан Богоевски, кој во животот поминал низ сито и низ решето и низ рајски и низ затворски капии.

Се’ што кажа, секоја дума остава без здив. Многу луѓе синоќа останаа без сон, особено ако првото гледање на интервјуто, им беше репризата по полноќ. Чинам не бдееја само засегнатите од она што го кажа Богоевски, туку и секој граѓанин на Македонија кој го проследил разговорот не можел да остане рамнодушен и спокоен иако важиме за нација со прилично бавно горечки фитил. Шашардисан од она што го слушав се фатив како зборувам сам со себе и повторувам неколку пати дали ова е можно, дали ова е можно… лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер на Македонија да е лансиран со договор на маса со грчки и домашни криминалци преку конференциска врска. Дали Кондоминас и Малелис ја кроеле македонската Влада и власт. Дали е можно шефот на тајната служба, или како што се вика Управата за безбедност и контраразузнавање, да бил притворуван за продажба на дрога, боже дали е тоа можно… Богоевски кажа уште многу страшни нешта за генезата на ВМРО, за патологијата на врвот на власта посочувајќи ги главните виновници со име и презиме, изнесе јавни обвинувања за големата корупција и организиран криминал, работи кои помалку или повеќе веќе се слушнати во прислушуваните разговори и притоа ги потврди сомнежите како точни дека целата операција на најголемото и најдолго нарушување на човековите права и слободи во Европа по Втората светска војна се направени незаконски по нарачка на фамилијата која владее со Македонија 11 години без контрола и апсолутистички без уставната поделба на власта. Богоевски беше категоричен дека прислушувањето е нарачано и изведено од страна на врвот на Владата и УБК и дека никој друг ниту може да влезе, ниту да организира ваква незаконска хајка и следење на комуникациите на граѓаните. Богоевски на крај се впушти и во предвидувања дека носителите и сторителите на илјадници кривични дела и криминализација на полицијата, ако имаат среќа да го одбегнат судот на ВМРО, животот ќе го поминат во полициски комбиња одејќи на судења од Идризово до судот и назад.

Што може човек по ова да каже. Прво што помислив е дали Богоевски згази на гнила штица да ги зборува овие работи без обезбедени докази. Таа помисла веднаш ја отфрлив бидејќи стариот разузнавач не би си дозволил ни случајно да биде расчеречен поради наивност, или да се истрча поради лична огорченост. Напротив, остави впечаток дека внимава на секој збор и дека за се’ што кажува има докази. Друго е прашањето колку тие ќе важат во македонските судови во кои огромното мнозинство граѓани не случајно најмногу немаат доверба и кои осудија многу луѓе по нарачка, ако се автентични и точни прислушуваните разговори. Слободан Богоевски како поранешен шеф на УБК и разузнавач, како што велат за него висок професионалец тоа добро го знае, па веројатно ги има сите адути засолнати. Не верувам дека тој евтино ќе си ја продаде кожата во јавни настапи без цврсти докази и аргументи кои не може да ги прерипне ни партиското судство. Тужбите веќе од рано изутринава се најавени прашања е само дали ќе бидат експресно процесуирани пред изборите или по изборите. Во новинарските кулоари сабајлево кружеа две приказни дека Богоевски посакува да биде тужен и да се појави на суд со својата архива и дека зад него стојат моќни разузнавачки служби и втората дека е гола вода и брзо ќе заврши во Идризово како Љубе Бошковски бидејќи нема ниту еден доказ за тоа што го зборуваше на Телма што предизвика шок во целата јавност и дека станува збор за злоупотреба на телевизијата.

Се запалија oд реакции социјалните мрежи и онлајн интернет-изданија каде што главна тема е интервјуто на Слободан Богоевски и неговите сведоштва. Колку и да се трудеа провладините медиуми да ја наметнат темата за големите успеси на светските ранг-листи за извонредната бизнис-клима во Македонија преовладеа криминалната клима. Се разбира, веднаш уследија и други текстови и изјави кои треба да означат демант, или потврда на она што го кажа Слободан Богоевски. Што мислите каква ќе биде разврската на шок-бомбите што ги фрли Слободан Богоевски. Дали редовното јавно обвинителство за ваквите тешки обвинувања ќе поведе истрага, или таа главно ќе се насочи кон гонење на Богоевски не е тешко да се погоди. Правдата и утврдување на вистината кога се во прашање обвинувањата за гревовите на врвот на власта е ѓаволски тешка работа сегде во светот. Во Македонија тоа е најлесната работа. Ние имаме безгрешен и најчесен државен врв. Според сите истраги и судски постапки, никој од највисоките македонски функционери последните десет години немаат направено ниту еден прекршок, а да не зборуваме за тешки кривични дела како што се злосторнички здруженија за изборни нерегуларности, нарушување на човековите права и слободи, организиран криминал и корупција. Во цела деценија на апсолутна власт овие луѓе не се огрешиле ни со погрешно паркирање.

(Објавено во Утрински)

Коментирај:

коментари:

Овој текст има еден коментар

  1. laki

    Toa se pravi experti koi vo lugeto sekogas ja prepoznavaat djavolskata CRNA BOJA

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *