Banner
Мое ќоше

Кукавичко писмо до Јанева

zvrlevski

Кога се пишува отворено писмо има три клучни елементи. Прво кој го пишува писмото. Второ, до кого е упатено. И трето, мотивите за јавно обраќање и реакцијата на јавноста која всушност е вистинската адреса. Сите овие три работи го одредуваат значењето на комуникацијата на ваков начин. Ако недостига еден од овие предуслови, писмото нема никаква важност. Без потпис кој ја одредува тежината на авторот на јавното обраќање писмото е анонимно, манипулативно и најчесто кукавичко.

Вториот битен елемент е до кого е упатено. Отворените писма ја губат смислата ако не се работи за јавно обраќање до познати и влијателни личности во различни области од јавниот живот кои со своите дела и постапки, а многу често и со своето молчење предизвикуваат големо бранување, незадоволство, револт, разочарување… или пак спротивно, воодушевување, благодарност, респект, признание и поддршка… И третиот момент кој најчесто е главниот мотив е да се добие поддршка од јавноста за општо добро, или да се поттикне реакција на граѓаните со објавување на писмото за да се изврши позитивен притисок до луѓето на одговорни функции да се спречи војна и крвопролевање, да се исправи голема неправда, да се оневозможи загроза на слободата и демократијата, правдата да важи подеднакво за сите граѓани, за независност на судовите и медиумите, за жигосување на национализмот и шовинизмот, за поддршка на борбата против криминалот и корупцијата, исправање неправди и заштита на човековата околина…

Едно отворено писмо, би рекол кукавичко, стаса некни до јавноста со колективен анонимен потпис: јавни обвинители од скопското обвинителство упатени до нивната колешка Катица Јанева, која повеќе од година дена е во центарот на вниманието на јавноста како Специјален јавен обвинител. Нема ниту едно име и презиме на почитуваните јавни обвинители што упатува на тоа дека или тие не го пишувале и не дале согласност за негово објавување, или им било угодно да се скријат зад колективниот потпис на една значајна институција, па испаѓа дека писмото го праќа обвинителството до Катица Јанева. Бидејќи никој не се огласи од јавните обвинители да се изземе од отвореното писмо, тогаш заклучокот е двозначен: или скопските обвинители даваат целосна согласност на содржината на писмото, или имаат уплав, па затоа не се потпишале. Но како и да е, мислам дека тие што го составиле писмото ја згрешиле адресата и наместо да го упатат на јаваниот обвинител Марко Зврлевски, и до претседателот на Советот на обвинители Патар Аневски, го испратиле на Специјалниот јавен обвинител Катица Јанева. Писмото е веќе познато на јавноста што беше и главната цел да се дискредитира и оцрни Катица Јанева и да се даде поддршка на евидентното и јавно попречување на правдата за најзначајните истраги кои се спроведуваат во Македонија од прогласувањето на нејзината независност според Законот за Специјално јавно обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од незаконски прислушувани разговори. Најдрастичен случај на нарушување на човековите права и слободи направено со повеќегодишно незаконско следење на телефонските разговори на илјадници граѓани и јавни личности. Скопските обвинители колективно и’ забележуваат на Јанева за срамната непрофесионалност со која се прави штета на обвинителската професија и се намалува угледот на обвинителството. Следува правната поука што Јанева не направила професионално, а требало да направи и што изјавила, а не требала да каже пред јавноста. Ах да ќе го заборавев најважното кажано на крајот од писмото: обвинителите ја потсетуваат Јанева дека нивна и нејзина обврска е да се гони криминалот и оти во нивни раце се човечки судбини.

Аууу… ова ми прозвучи многу потресително. Прво што помислив на човековите судбини на луѓето во притвор во „Шутка“ за кој обвинителите досега не покажаа некаква загриженост како во писмото и во последно време. Што се однесува до обвинувањата за непрофесионалноста на Катица Јанева нејзина процена е дали и што ќе одговори. Овој дел што е на адреса на јавноста просто вреска за неколку прашања до колективниот ум на јаваните скопски обвинители. Почитувани загрижени професионалци, дали вие навистина не знаете зошто е формирано Специјалното јавно обвинителство. Дали за тоа вие немате заслуга со вашата високо професионална работа. Дали навистина не забележувате флагрантно попречување на правдата во која учествува и вашата институција предводена од Марко Зрлевски и Петар Аневски, двајца најодговорни луѓе во јавното обвинителство.

Одлично ги познавате процедурите и протоколите кога јавен обвинител постапува по судски наредби, па станувало збор и во истраги на највисоки државни раководители, па макар тоа било и тајната полиција каде што има основани сомневања за незаконско прислушување. Дали вие ја завршивте вашата законска и професионална обврска како што велите во отвореното писмо да го гоните криминалот, што подразбира и криминалците и злосторничките здруженија, особено кога станува збор за истраги на организиран криминала и осомничени највисоки функционери и моќни политичари од врвот на власта. Која ваша истрага доби судски епилог во изминатите година и пол и кој предмет против недопирливите во оваа држава е завршен. Дали со опструкциите на јавното обвинителство, со оцените и изјавите на Зврлевски и Аневски и со вашите отворени анонимни писма не учествувате и вие лично во попречување на правдата и на владеење на правото. Дали се’ уште не го препознавате значењето на овој случај во историјата на Македонија и на правосудството кој може високо да го врати изгубениот углед и доверба и на обвинителствотои на целото судство. Ако тоа не го гледате – јаз’к.

(Објавено во Утрински)

Коментирај:

коментари:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *