Banner
Мое ќоше

И криминалците се невини

vmro-kriminalci

Смешно и мачно, трагикомично што би рекле театролозите е да се гледаат деновиве високите функционери на ВМРО-ДПМНЕ и нивните следбеници како проповедаат дека и криминалците се невини додека не бидат осудени. Да плачеш од среќа и да ти е милина да ги слушаш кога големите демократи зборуваат ораторски разложно дека секој е невин додека не се докаже спротивното, односно неговата вина. Тие што ја попречуваат правдата без срам и перде велат, нема пресуди, нема виновни. Тој што тужи треба да ја докаже на суд вината, а не тој што е обвинет. Така е отсекогаш во светот каде што владее правото и кај што работат судовите, ама не кај нас каде што власта е апсолутна и без никаква контрола цела деценија.

Лажно набедените властелини вчера откриле кое е елементарното човеково право и темелот на вистинските парламентарни демократии каде што правдата се дели во независни судови од независни судии според закон кој подеднакво важи за сите граѓани.

Новите испилени легалисти, тазе преправени почитувачи на законите и човековите права и слободи, набрзина научија што е тоа пресумпција на невиност и колкава неправда им се нанесува на луѓето од владејачкиот естаблишмент ако лесно од око и по автоматизам судиите ја одредуваат мерката притвор. Казаматскиот притвор во „Шутка“ е резервиран само за политички противници, шпиони, предавници и ситни криминалци. Малку грешат во изговорот кога велат пресумпција, но сепак, нивната загриженост за владеење на правото би требало да се почитува само во случај ако вчера сте паднале од Марс директно во Македонија. Паничната повика за заштита на невиноста на високите владини и партиски функционери додека нема конечна судска пресуда кај мене предизвикува бура од смеење, која обично завршува со гадливост и нагон на повраќање.

Какава бре пресумпција на невиност кога за десет години испративте во затвор стотици луѓе со телевизиски камери и со медиумски фанфари и труби, со јавни обвинувања на министри и обвинители пред да се спроведе каква било истражна или судска постапка. Ги прогласивте за виновни во медиумите, а потоа експресно со нарачки им одредивте робијашки долг притвор за да завршат во затвор невини луѓе осудувајќи ги на драконски затворски казни. За каква пресумпција на невиност зборуваат предизборните агитатори на власта кога жигосаа стотици луѓе како кодоши без да им се даде правото на одбрана, без да бидат сослушани. Формираа преки суд божем за просветлување на општеството во кој на криминален начин арогантно противзаконски и противчовечки се компромитираа заслужни дејци и основачи на првата македонска држава и на македонската култура и литература. Лустрацијата од првиот момент од идеја до реализација е прифатена и спроведена не за рехабилитација на жртвите на кодошите и нивно оневозможување повторно да дојдат до високи позиции, туку само за политичка пресметка со неистомислениците и политичките противници. Направија од Македонија сеирџиска судница во која се фалсификуваше нејзината историја сместувајќи ја во исти кош барабар со комунистичките режими на Исток, зад „железната завеса“.

Каква пресумпција на невиност бараат тие што затвараат новинари и медиуми поради напишани текстови, шпионажа и ТВ-емисии судејќи ги на долгогодишни затворски казни без ниту еден доказ.

Тие што ја попречуваат правдата и се ставаат над законите од позиција на сила и моќ немаат право на пресумпција на невиност. Во правните држави тоа е тешко кривично дело, но ретко се применува бидејќи е незамислива ситуацијата политичар да ја попречува истрагата со каква било активност, ниту со најмал збор или асоцијација која може да прозвучи како притисок на истрагата, или попречување на правдата. Во тој миг неговата политичка кариера завршува, а судот има механизми и за максимални казни на тие што треба да служат за пример, а ги кршат законите и се носители на организиран криминал и коруптивни зделки. Тие што не ги признаваат моралните и законските норми не можат да бидат третирани како невини бидејќи ги стопираат истрагите и на Специјалното јавно и на редовното јавно обвинителство кое со години е под целосна политичка контрола. Не можат да бидат прогласени за невини тие кои ја сатанизираат како непријателска и предавничка институцијата за која дале согласност да се формира и изгласале закон во парламентот по кој треба да работи Специјалното јавно обвинителство. Тие што се чувствуваат невини одамна сами ќе побараа судска разрешница ако не се огрешиле од законите и ако навистина е сечено, лепено и монтирано како што не лажеа со месеци за тоа што сите јавно го слушнавме.

Кризата не се разрешува ни со избори на кои главни предводници се високи функционери осомничени за криминал, ни со попречување на правдата. Ако се имаше малку морал и образ, а да не зборуваме за патриотизам, оставката на Никола Груевски од премиерската и од партиската функција одамна ќе ја надминеа кризата која тие ја создадоа со своето криминално владеење цели десет години.

Ете затоа е лесно препознатливо зошто високи функционери на власта зборуваат на цел глас за заштита на невиноста и за владеење на правото додека истовремено ја попречуваат правдата и не го признаваат ниту судот под нивна контрола.

Ова е само уште еден доказ дека последното прибежиште на криминалците е во патриотизмот и популизмот.

(Објавено во Утрински)

Коментирај:

коментари:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *