Banner
Мое ќоше

Размислете барем една минута

izbori glasanje

Познатиот американски интелектуалец и жесток критичар на американската политика Ноам Чомски пред едни претседателски избори им се обрати на Американците со апел да одвојат од своето време барем 10 минути и да размислат на кого ќе му го дадат својот глас. Молбата на Чомски во првото читање се доби впечаток дека беше мотивирана од значењето на изборот на претседател на САД. Клучната порака сепак е во второто читање и во минутажата, само 10 минути, колку е доволно да се мисли за избор на најмоќниот човек на светот, претседател на најголемата воена и економска сила на планетата Земја.

Си велам, ако Чомски смета дека Американците вреди да размислат 10 минути на кого ќе му ја дадат довербата да владее со Америка и безмалку со светот, колку ли им треба на Македонците да размислат на кого ќе му ја дадат власта која во Македонија е неограничена и без институционална и законска контрола. Мислам дека нема да бидам малициозен ако кажам дека е доволно да се размисли само една минута, а најчесто ни толку. Единствен услов е да се мисли со своја глава, ако е тоа е можно во држава во која граѓаните живеат цела деценија под стрес и страв од постојаната предизборна кампања со силна пропагандна агресија врз сите сетила на луѓето, животните и растенијата што се’ уште виреат и егзистираат во Македонија. До 11 декември вреди да потрошиме една минутка сами да мислиме за својата иднина и на своите деца и потомци. Чинам нема да ни биде тешко откако поарчивме бадијала цела деценија и 20 милијарди евра наши пари и влеговме до гуша во борчови.

Колку секунди ни требаат да осознаеме дека не треба да гласаме за луѓе осомничени за криминал, корупција, местење избори, уништување туѓ имот, брутална пресметка со политички противници… Колку време треба за да укапираме дека политичари против кои се водат истраги, а се на врвот на власта не само што не можат да го добијат нашиот глас, без оглед на која партија, нација и вера припаѓаме, туку според елементарните мерила на одговорност не можат да учествуваат на избори додека не се соочат со правдата и не ни покажат судска тапија дека се невини.

Колку време ни треба да ни текне зошто тие што владеат десет години со Македонија, а се невини, лажно наклеветени и набедени ја попречуваат правдата и не сакаат да излезат пред судот кој е под нивна контрола. Зошто го сакаат повеќе нашиот глас како ослободителна пресуда отколку судската ослободителната пресуда на поротниците, судијата и судот. Колку време ни треба да разбереме дека нема ништо поздраво за едно болно општество со години во криза од промената на власта. Или колку време ни треба да се сетиме што се’ ќе излезе на виделина кога ќе си замине една улежена и арогантна власт која се одржува цела деценија со лаги, и баснословни заеми дома и во светски банки, осомничена и под истрага за дебела корупција и организиран криминал. Колку време ни треба да откриеме кои стратегиски цели и приоритети на државата остварија големите реформатори и патриоти за цела една деценија. Дали се тоа спомениците и вртелешките, или мостовите на Вардар што не водат никаде, дали се тоа рајските градини и жални врби, или се тоа корабите и галиите заринкани со бетон и челик длабоко под нивото на Вардар, дали се тоа барокните и рококо гаражи на кои ни се смее светот, дали е тоа новата лажна историја која ни ја прикажуваат како славно минато со интервенција на политиката во науката. Дали е тоа нашето замрзнато членство во НАТО и во ЕУ, дали е тоа подобриот животен стандард на граѓаните од кои стотина илјади гладуваат и еден милион живеат во голема сиромаштија , дали се тоа над сто илјади млади и стручни луѓе што заминале легално од Македонија со македонски, бугарски и туѓи пасоши, а колку стотини илјади наши луѓе живеат нелегално по светот постојано под уплав да не бидат откриени и вратени во земјата безнадежија. Колку време ни треба да откриеме дека тие што на цел глас се фалат и лажат не ни даваат пензии, туку дека тоа се наши пари тешко заработени со повеќедецениска работа. Најголемиот дел од тие пари што сме ги издвоиле од секоја плата ни се украдени во името на лажна солидарност. Не е солидарност кога некој ќе ви земе најмалку 50 отсто од парите што сте ги издвојувале цел работен век. Тоа е грабеж од кој власта си прави пропаганда на милосрдна сестра. Колку време треба да дознаеме дека државната каса е наша, а не нивна, дека заемите што ги земаат меѓу другото за редовна и предизборна корупција ќе ги враќаме ние и нашите деца. Колку време ни треба да дознаеме дека цели десет години се враќаме назад дека сите комшии кои беа зад нас сега се пред нас. Колку време ни треба да научиме дека слободата, човековите права, демократијата, владеењето на правото, човековата природна средина, независноста на медиумите се основните предуслови за здраво општество и парламентарна демократија по урнек на западноевропските земји, а ние останавме и без одамна стекнатите и освоени основни цивилизациски стандарди. Уште колку време ни треба да разбереме зошто некој има силна потреба постојано да открива предавници, непријатели, кодоши и шпиони редовно меѓу политичките неистомисленици и критичари на владините политики. Кој и зошто постојано измислува заговори на големите сили и опасност од граѓански војни, меѓуетнички и меѓуверски судири. На здраворазумен и слободоумен човек за сето ова да му стане кристално чисто и јасно не му треба ни една минута. На клиентите и на тие што добро се нафатирале на јаслите на власта не им треба ни една минута бидејќи тие добро знаат дека промената на власта ќе ги остави без привилегии и без заштита од соочување со правдата.

(Објавено во Утрински)

Коментирај:

коментари:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *