Banner
Мое ќоше

Исплашени мајмуни и спокојни лавови

vest

Како исплашен мајмун ја носам внуката во градинка. Таа ме гледа продорно со своите небесни очи и ме прашува дедо што е тоа земјотресение. Велам, тоа е кога малку земјата се тресе. Следува ново прашање, а зошто се тресе. Затоа што настинала, пиела многу студена вода и сега кашла, а кога земјата кашла се стресува, одговарам и натаму изигрувам шимпанзо. А, зошто мама и тато се плашат кога земјата кашла. Е, па се плашат исто како и ти кога кашлаш. А, зошто не ја однесат земјата на лекар, упорна е Аја. Не можат да ја однесат ептен е голема, затоа докторите дојдоа кај неа да ја прегледаат и да ни дадат апчиња, оти кога земјата кашла и повраќа луѓето ги боли глава и пијат апчиња. А, зошто јас немам апчиња, пак прашува. Децата не пијат апчиња кога земјата ја боли грлото, тие се само за возрасните, филозофирам… и конечно воздивнувам со олеснување, имало крај, влегуваме во градинката. Го гледам моето ангелче како весело втрчува меѓу децата, си велам, чувај ги Боже.

Се враќам меѓу возрасните кога таму ме чека најутешителната вест за стоте и кусур земјотреси што го тресат деновиве Скопје како вејка на ветер, што ме ужасува. Со крупни букви на насловната страница си ја читам дијагнозата: „Мајмуните исплашени лавовите мирно спијат“. Ете што било работата, зошто се чувствувам како мајмун кога има земјотресение и кога колата ми рипа како коњ сред улица и кога јас скокам од место како орангутан кога ќе дрмне посилно, а најмногу паничам кога не знам што да и’ кажам на внуката. Моите почитувани колеги направиле извонредно новинарско истражување како се однесуваат животните во Зоолошката градина кога има земјотрес и дошле до сензационално откритие за првата страница. Докажале дека кога се тресе земјата најмногу се плашат мајмуните, додека лавовите мирно спијат. Што ти е кога си цар во џунглата. Од ништо не се плашиш, а мајмун си е мајмун, цело време вреска и пишти на најмало вознемирување. Природата ги направила плашливци оти на секој чекор ги демне опасност да бидат изедени не само од лавови, тигри, леопарди и гепарди, разни видови хиени, туку и од крокодили, питони и орли… Си велам, овие новинарчишта штом го откриле значењето на однесувањето на дивите животни затворени во кафези во Зоолошката градина и тоа го ставиле ударно како поважна вест од однесувањето на луѓето сакаат галиба да ни кажат дека кога питомите човеци затворени во Македонија во кафез страхуваат од само триесетина земјотреси дневно тие се обични кукавици како мајмуни дрекавци, а натчовеците се храбри патриоти како крволочните лавови кои мирно спијат кога ќе се наждерат живо месо. Не ги мрднува ни поплава ни земјотрес.

Така е тоа кога уплашени мајмуни се смируваат со една банана и со малку смоки, а на лавовите секој ден по три пати им треба нова жртва, тазе заклан курбан. Потоа мирно спијат додека не огладнат. Кога ќе огладнат силно рикаат. Во оваа земја прецизно се обележани мајмуните и лавовите. Се разбира, има многу повеќе мајмуни од лавови, ама секогаш победуваат лавовите оти и бананите и смоките се евтини, а крвожедните лавови не јадат банани. Има уште нешто зошто мајмуните се исплашени губитници. Кога ќе се најадат овошје брзо им ферментира и од малку алкохол ептен се пијани и не знаат што прават, само врескаат и се тркалаат како пијани луѓе.

И додека чекам поголемите журналисти, од овие што го истражуваат однесувањето на дивите животни во зоолошка градина, да ја откријат вистината за земјотресите како што тоа го направија по неодамнешните дождови и поплави дека тоа ни го сместуваат ЦИА и Американците, Сорос во спрега со домашните предавници преку таканареченото тајно климатско оружје ХААРП, ми дојде до раце клучната информација од Италија, од земја значајна членка на ЕУ. Замислете таму биле осудени шестмина научници по сеизмологија на по шест години затвор бидејќи не ги предвиделе ризиците од земјотрес во кој загинале 309 луѓе. Овие научници меѓу кои најпочитувани сеизмолози процениле дека по серија земјотреси мал е ризикот од голем земјотрес. Кога по неколку дена удрил големиот со јачина од 6,3 по Рихтер и го срамнил со земја гратчето Аквила во 2009 година сеизмолозите ги кренале рамениците. На судењето неколку години подоцна (2012) судот ги осудил за погрешна и охрабрувачка препорака поради која 29 лица од загинатите не го напуштиле градот. Научниците почнале да ги издржуваат затворските казни во октомври 2012, а исто така биле осудени да платат глоба од девет милиони евра на преживеаните граѓани како отштета. Веројатно поради тоа што по охрабрувачките вести на сеизмолозите се чувствувале како лавови, а не како уплашени мајмуни. Добрата вест за италијанските научници стаса дури некни. Конечно, судот ја признал науката и ги ослободи шестемина научници од сите обвиненија. Продолжува полемиката не за тоа дали земјотрес може да се предвиди или не, туку што треба да им се каже на луѓето кога има серија земјотреси, дали да се охрабруваат да не паничат, или конечно да почнат на трусните подрачја да се градат сеизмички проверени и тестирани објекти. А, таму кај што е најопасно во епицентралните подрачја да не се гради ништо ризично, или што може да ја нарушува хармонијата на природата.

Во Скопје на некои научници устата им фати пена драматично предупредувајќи дека се гради во забранети и опасни трусни зони, дека се изградени многу објекти без проверка на Институтот за земјотресно инженерство за што имаше и своја загрижувачки-предупредувачка порака и генералниот директор на ИЗИС, Гаревски. Имаше и има сериозни предупредувања за неопходноста од изградба на инфраструктура за заштита и од поплави и други елементарни непогоди. И природата ни праќа алармантни опомени, ама лавовите добро накркани спокојно спијат. Врескаме само ние, мајмуните.

(Објавено во Утрински)

Коментирај:

коментари:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *