Banner
Мое ќоше

Слободата не е во избирачката кутија

gruevski liderska

Никола Груевски задоцни 40 минути на лидерската средба. Вождот пред да стигне од многу поважни работи веројатно го славел својот 46. роденден, години на полна зрелост, им испрати порака на сите дека пет пари не дава дали се исполнети условите за слободни избори. Тој со овој, благо е да се рече некултурен гест, само ги потврди својата ароганција и самобендисаност, дека нема што повеќе да се разговара. Веројатно да може Груевски попрво би пратил една банда со тркалезни глави да им подели по пет-шест шлаканици на „шмокљаните“ што го чекаат. Тоа овој пат и го заслужуваат кога веќе по 15 минути чекање не му испратија абер дека кога ќе дојде на себе да јави кога е подготвен за средба.

Бидејќи печатницата на весници нема машина за толеранција, почитувани читатели мојот термин е утврден многу порано отколку што го воведе министерот за здравство, па овој пат нема да се занимавам со тоа што се договорија и што не се договорија партиските лидери, тоа ќе го оставам за утре, и онака што и да договорат, услови за слободни избори нема бидејќи во Македонија нема слобода. Демократски избори се само еден дел од историскиот процес на изградба на современо европско општество. Слободата не е во избирачката кутија. Искуствата од изминатите 25 години на македонската парламентарна демократија и повеќепартиски систем ја потврдуваат оваа вистина. Одамна ги заборавивме ретките прилики веднаш по пребројување на гласовите во партиските штабови, кога се признаваше поразот и му се честиташе на противникот победата уште истата вечер, пред да бидат соопштени официјалните резултати од ДИК, како што е тоа вообичаено во демократскиот свет. Таквите избори кога сите учесници во натпреварот ги признаваат резултатите се викаат веродостојни.

И кога тоа се случи на два-три пати во првата деценија од самостојноста на државата џентлменски да се ракуваат и да си честитаат политичките лидери и ривали, јавноста веќе беше соочена со голем број изборни нерегуларности, потврдени од домашните и странските посматрачи.

Промената на власта на секои четири години беше здрава работа за демократијата и влеваше надеж дека сме на добар пат да се забрзаат историските процеси на созревање на општеството, а и на граѓаните за да почнат да ги препознаваат вистинските мерки за оценка на успешноста на една власт и влада. Менливоста покрај откривањето на низа злоупотреби на арогантните и неспособни власти имаше и друго значење кое на аздисаните и забегани политичари им висеше над глава како Дамоклов меч дека не се вечни и дека победата на избори не значи освојување на воен плен и апсолутна власт, дека поделбата на власта е конститутивен, уставен, предуслов за изградба на демократско општество. За голема несреќа, по одлука на гласачките кутии овој процес на демократизација на Македонија е прекинат во 2006 година со доаѓањето на Никола Груевски за премиер кој воведе во земјата режим потврд и поригиден од последните години на еднопартискиот систем. Се’ се сведе на избирачката кутија и владеење без контрола, на карикиран, лажен парламентаризам и флагрантно задушување на сите институции на системот. Десет години Македонија е изложена на дефектен политички и економски систем кој предизвика длабока политичка криза. Уништен е парламентаризмот и претворен во гласачка лабораторија за хранење на монструмот од бирократски систем. Владеењето на правото заедно со комплетното судство во сите инстанции е укинато за високите функционери на власта. Државата е грубо партизирана и сведена на гол клиентелизам. Партијата одлучува за судбината и иднината и на државата и на граѓаните. Таму младите полагаат испити и завршуваат училишта и факултети, таму се вработуваат, стануваат бизнисмени, таму добиваат државни награди и признанија, таму се формираат како личности, таму научуваат да мразат и да создаваат култ на личност, таму се прогласуваат патриоти во љубовта кон партијата и водачот, се препознаваат новите херои.

Владата, парламентот, претседателот на државата, Уставниот суд, обвинителствата сосе сите судови, највлијателните телевизии, монетарната власт, армијата и полицијата, писателските асоцијации, научните и културните институции, универзитетите и синдикатите, се’ е под контрола на неколку луѓе и на подобниот партиски врв на ВМРО-ДПМНЕ. Сето ова стана општопознато и нормално во Македонија, целосно легализирано, како и дивоградбите со бомбите на Зоран Заев. Неколкумесечната возбуда од експлозијата на бомбите како потврда од она што веќе го знаеме и е објавено одамна заврши, а криминалот и злоупотребите на власта тешко се процесуираат пред контролираните судови и покрај работата на Специјалното обвинителство и специјалниот суд со кој веќе арогантните власти и нивните апологети се потсмеваат дека нема обвинителен акт поради тоа што нема докази. Во вакви услови не може да има не слободни, туку какви било избори.

Дали може да има натпревар со луѓе кои се осомничени за местење на избори и дали може да има на изборни листи луѓе против кои се води истрага дека се учесници во организиран криминал и корупција, злоупотреба на своите функции и овластувања. Затоа мислам што и да договорија партиските лидери кои го чекаат 40 минути Груевски како ученичиња, додека масовно не превладее мислењето дека не се гласа за избор на власт, туку за слобода, демократија и владеење на правото, европска иднина… нема елементарни услови и амбиент за слободен избор. Дотогаш учеството на избори е само давање легитимитет на политичари осомничени за криминал.

(Објавено во Утрински)

Коментирај:

коментари:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *