Banner
Мое ќоше

Никако да куртулиме од рајот

gruevizam

Пред да дојде ВМРО-ДПМНЕ на власт во 2006 година, ништо не чинеше во државата. Сè беше за никаде. Откако Никола Груевски по волја на народот поради лошото владеење на претходниците, кажано без иронија, стана премиер и ги зеде здраво во свои раце сите работи и клучот од државната каса, никако да куртулиме од рајот во кој уживаме цела деценија уредно примајќи јаки дози од пропаганда 24/7.

Нонстоп сме приклучени на ТВ-апарати како што и работи Владата, без оглед дали Груевски е премиер, или не е. Опкружени сме саде со убавини и со насмевките на вождот. Тој е постојано тука, бдее над нас како татко на нацијата, нè лечи и спасува од разни болести, не’ чува од поплави и суши, од беда и безработица, ни дели редовно плати, социјална помош и пензии, нè ослободува од предавници, од домашни и надворешни непријатели, од странски платеници и шпиони, ни ги чува името, идентитетот и јазикот. Ни ги врати на сите гордоста и достоинството со нова пославна и поубава историја, која била секогаш наша, ама комунистите ја криеле од народот за да не се дознае дека тие не се првите што направиле држава, туку уште пред Христа сме имале империја до Индија и отаде неа.

Ај што ја промени историјата, ја промени и географијата, ги смени и природата и човековата околина, воведе нова современа архитектура. Никнаа во центарот на главниот град стотици зданија кои ги викаат погрешно барок и рококо, а всушност станува збор за нов правец во уметноста – грујостил. Изгради стотици бронзени и мермерни споменици ширум републиката… Сето тоа се постигна со многу работа и за џабалак од цирка 25 милијарди евра колку што топтан изнесуваат десетгодишните буџети и борчови на државата.

По десет години живот во рајска градина убавината почна да заморува. Испадна работата дека многу арно не е на арно, па некои луѓе неблагодарници кои не ги ценат големите добрини и успеси аздисаа и почнаа да бегаат од рајот. А некои богами ептен претераа и почнаа да се бунат и да бараат слобода, правда и отчет, велат преку глава им е од лажниот сјај и рај. Неранимајковци, сакаат да нè вратат сите во пеколот.

Ќе се обидам преку неколку факти да ви докажам дека цели десет години живееме поубаво и поквалитетно и од Скандинавците и од Американците, од Германците, Швајцарците, Холанѓаните, Британците и Французите, од оние воркохолици во Обединетите Арапски Емирати, по Абу Даби, Дубаи, Бахреин, Катар… ич да не правиме споредби со оние клетници од нашето соседство кои се должни преку глава и банкротирани како Грци, бедни како Албанци и се дават во сиромаштија како Бугарите и Србите, се прават јунаци како Црногорците, важни како Хрватите и арогантни како Словенците…. Ги прелистав сите наши успеси ветени и реализирани на сите досегашни избори во овие десет години. Немам доволно зборови да ви ја опишам златната ера на достигнувањата од 2006 до 2016 година. Да се разбереме, сегде се лаже пред избори и тоа најмногу. Ама ова кај нас е невидена работа на дуњава. Ние сме цели десет години во кома од предизборна кампања бидејќи досега имавме осум пати редовни и предвремени избори, а сега е во ек најжестоката деветта предизборна кампања. Тоа ви е прекрасен амбиент за лажење и крадење. Онаа претходна возбуда и неизвесност од промената на власта на секои четири години завршија со една прекрасна монотонија на однапред познат победник. Ми требаат десет дена и десет ноќи да набројам што сè е направено во кутра Македонија за четири пати парламентарни избори, два пати локални избори и два пати претседателски избори и сега сме во екот на деветтиот изборен циклус со најновите предвремени парламентарни избори.

Мили боже, во оваа деценија на постојани избори и кампањи има сè што можете да помислите и замислите почнувајќи од пловен Вардар до Егејско и Црно Море, до редовно членство во ЕУ и во НАТО. Недостасува само лансирање во вселената на првиот македонски сателит. Секоја година се отвораат по десетина нови рудници и стотина најсовремени фабрики. Се распишуваат тендери за изградба на неколку големи вештачки езера, стотици километри автостради и брзи пруги, гасоводи и нафтоводи. Еве на пример денеска дојде веста дека по 143 години како имаме пруга се укинуваат меѓународните линии. Ќе патуваме со новите возови до Кочани и до Кичево, Битола и Гевгелија, а конечно што ќе ни е пруга кога правиме автобанови побрзи и од јапонските возови.

Кога ги слушате вестите за странски инвестиции во овие десет години, останувате подзинати кој сè дошол да заработува пари кај нас. Не им се знае број сè до Субрата Рој. И сè ќе се најде некоја будала, расипувач на забави, да објави дека во Македонија најмалку инвестирале странците од целиот регион.

Се работи за илјадници и илјадници проекти сите до еден остварени, или пред крај. Тоа што не е остварено е поради странските и домашните заговори, кочничари и непријатели, но тие се малку и се безначајни и можат да се избројат на прстите од двете раце. Не успеавме само да го подобриме стандардот на граѓаните и да се спасиме од мизерија, сè уште во државата има луѓе кои гладуваат. Не успеавме да ја заштитиме човековата околина, не успеавме да воведеме владеење на правото и департизација во институциите на системот, не успеавме да изградиме инфраструктура која ќе нè спаси да не се давиме како глувци на посилен дожд и да се спржиме на сонце. Не успеавме да изградиме слободно и демократско општество, а чуму ти се слобода и демократија во сиромаштија. Тоа едно со друго не оди. Не успеваме да станеме членка на ЕУ и на НАТО, а и тоа што ќе ти е кога и тие се пред распаѓање. Сè друго ни е таман.

Ерата на груевизмот, оваа златна деценија, може да се опише со еден познат афоризам од времето на успесите на комунизмот: „пред војната немавме ништо, а потоа дојдоа Германците и уништија сè“.

(Објавено во Утрински)

Коментирај:

коментари:

Овој текст има еден коментар

  1. Гoце

    Гoспoдине Ризaoв, вaшиoт пoрaнешен претседaтел Црвенкoвски беше вo прaвo зa сaмo еднa рaбoтa: нaрoдoт е секoгaш вo прaвo.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *