Banner
Мое ќоше

Црвен килим за Бонева

boneva

Ја гледам вџашен Силвана Бонева, една од најголемите интелектуални перјаници на ВМРО-ДПМНЕ како дава изјава пред Специјалното јавно обвинителство, среде Скопје. Насмеана, со темни очила, галиба да не ја издадат очите, трендовски облечена како да излегла од моден бутик, со испеглана коса, маскирана од бринета во русокоса позира пред камерите како филмска дива на црвениот килим пред да и’ биде врачен „оскар“ во Холивуд за животно дело за карактерни улоги со невидени досега трансформации. Со својата ноншалантност и арогантна безгрижност пред јавноста дека се работи за политички циркус и пресметка на опозицијата со власта, ми остави силен впечаток, оти тоа навистина е циркус во кој илузионисти и магионичари ни прикажуваат голем дострел на македонската демократија, тоа што го гледаме и слушаме не е истрага на Специјалното обвинителство кое сослушува крупни риби на власта, туку дека тоа е опозицијата преоблечена во обвинители.

Откако првпат се појави на јавната сцена во Македонија до денес, Бонева одигра автентично извонредни главни и епизодни улоги почнувајќи од сиромашна селанка, до голема патриотка и народен трибун, од мајка која бдее над семејството и ги згрижува децата од најрана младост со недвижен и подвижен имот, до храбар борец за спас на татковината, од чесна политичарка, до итра пратеничка која инкасира дебели суми за патни и дневни трошоци од Струмица до Скопје и назад, од експерт за избори до протагонист на злосторничко здружение како се местат изборни резултати. Да нема забуни, ова се само филмски улоги. Во реалниот живот Силвана Бонева е познат и омилен македонски политичар кој редовно и со години на сите избори е избирана за пратеник во парламентот. Сега поради меѓународен заговор против Македонија со кршење на основните човекови права и обид да се дискредитира е повикана пред специјалните обвинители да даде исказ во врска со прислушуваните разговори кои се сечени, лепени, креирани и фалсификувани… па се добива лажен впечаток дека и таа е вплеткана во некакви изборни местенки и неправилности.

Силвана Бонева откако излезе од Специјалното обвинителство, змиско гнездо на Сорос и на Зоран Заев, ја даде веќе нашироко и надолго цитираната, храбра и мудра изјава дека како пратеничка кога гласала во парламентот, за да се донесе Законот за јавно обвинителство, немало ништо во текстот на законот дека се работи за политички циркус, па затоа и кренала рака, односно притиснала „ЗА“. На Бонева како врвен правник уште и’ се свежи сеќавањата од факултет на лекцијата дека секој е невин додека не се докаже вината на суд и дека истрагата мора да биде строго конспиративна и голема тајна да не се наруши таканаречената пресумпција на невиност. Тоа на Бонева ептен и’ е јасно дека е голема неправда, а како христијанка оддадена на Бога знае и тоа дека е голем грев да се жигоса невин човек. Затоа Силвана Бонева и нејзината партија, кога се на власт, па и во опозиција, иако одамна заборавија кога тоа беше, многу внимаваат да не прогласат некој невин за предавник, непријател, соросоид, кодош, шпион, странски платеник, арамија, криминалец, член на злосторничко здружение… За тоа водат голема грижа и никогаш ни пред обвинителството, ни пред судот, ни за време на истрага не давале никаква изјава, ниту пак прикажувале телевизиски апсења на политички противници, на лишување од слобода на претседатели на партии, на сопственици на медиуми, деловни луѓе осомничени дека се блиски на опозицијата, новинари, како по полноќ со лисици на рацете според полицискиот протокол ги притвораат пред камери. Никогаш јавниот обвинител Марко Зврлевски и поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, во изминатите десет години, освен во стотина случаи, не давале јавни изјави за текот на истрагата. Никогаш, ама баш никогаш не е попречувана правдата кога е во корист на власта, затоа и нема осуден ниту еден висок функционер на ВМРО-ДПМНЕ во изминатите десет години, оти си имаме работа со најуспешна и најчесна власт. Затоа ВМРО-ДПМНЕ победува редовно на сите избори, а не поради местење и изборна корупција или некакви нерегуларности. Жигосувањето и оцрнувањето пред јавноста пред судска истрага и пред судска одлука се резервирани само за непријателите на татковината, титула која се стекнува многу брзо и едноставно само ако зинеш да кажеш нешто што на власта и нејзините медиумски загари нема да им се допадне.

Сатанизацијата на Специјалното јавно обвинителство и специјалните јавни обвинители, нивното прогласување за шпиони на ЦИА и на Сорос, нивното исмевање и компромитирање, оневозможувањето да се добијат предметите од редовното обвинителство во врска со прислушуваните разговори, измислените нови процедури со помош на Уставниот суд, на претседателот на државата и на редовните судови и обвинителства против владеење на правото станува патриотски чин, а не флагрантно попречување на истрагата и правдата.

Дали можете да замислите колку ќе беа храбри и безгрижни изјавите и на Силвана Бонева и на сите кои одат да дадат исказ, а потоа се ку*чат и се кикотат пред Специјалното обвинителство, доколку на Катица Јанева, како што приличи на земјите каде што се работи сериозно за да завладее правото, како во Романија, и’ беше одобрено да има во своја надлежност полицајци, инспектори, истражители, вештаци и специјални судии и специјален суд. Тогаш ќе ја видевме на дело големата храброст. Вака заштитени од режимот и од тие што треба да ги гонат криминалците , ептен се големи јунаци. Меѓутоа, не треба да се сметне од умот дека правдата кога-тогаш ќе тропне на врата. Не застаруваат сите злосторства.

(Објавено во Утрински)

Коментирај:

коментари:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *