Banner
Мое ќоше

Ептен убави услови за избори

 

 

izbori glasanje

Наближува 31 август кога лидерите на политичките партии од власта и од опозицијата треба да потврдат дали се исполнети, или не се, сите договорени предуслови за слободни избори. Цели 15 дена пред испитот по демократија, според сработеното може да се констатира дека политичката, економската, културната и духовната криза се надминати и дека се создадени ептен убави услови за веродостојни, кредибилни, фер и би рекле со мирна совест скандинавски избори. Можеби ќе бидат само малку мокри и накиснати избирачите поради големата природна катастрофа која се случува еднаш на илјада години, ама и тој проблем ќе биде решен бидејќи до изборите се’ ќе биде санирано и унесреќените луѓе ќе бидат сто и два отсто обесштетени.

Следната ваква поплава може да се случи дури по десет века. Можеме да си ја накривиме капата, повеќе ќе нема ни кризи, ни други природни катастрофи и политички потреси.

Еве ги доказите зошто мислам дека е надмината кризата и зошто се исполнети сите услови за слободни избори. Прво, кризата воопшто не се гледа, а кога нешто не се гледа и не постои. Каква политичка криза кога има природна катастрофа и општонародна мобилизација за санирање на последиците од стихијата која последен пат се случила пред илјада години, а пред неа е само библискиот потоп. Од дедо Ное и од Христа наваму до 6 август 2016 година имало само три вакви потопи.

Второ, во договорот што го склучија четирите партии на прво место беше проблемот со избирачките списоци. Тој е разрешен генијално. Објавен е еден демек фантомски список од 39.502 лица кои не ќе можат да гласаат ако не го потврдат својот идентитет со молба да бидат оставени на списоците каде што беа и досега. Од генијалците во ДИК прогнозираат дека до крајниот рок ќе се пријават едно 5.000 гласачи на чии молби ќе се одговори позитивно. Другите 35.000 ќе почекаат подобри времиња. Се разбира никогаш нема да дознаеме колку од овие 35.000 гласачи што не се јавиле и не се идентификувале се фантоми, а колку обесправени граѓани на кои противзаконски и противуставно ќе им се одземе правото на глас.

Вториот список за вкрстени проверки од 171.000 луѓе сосема непотребно е ставен во договорот за создавање услови за фер избори бидејќи станува збор за гласачи кои одамна не се во татковината. Мнозинството од нив со години не ни дошле, ама не се знае дали гласале, или не гласале, или пак некој за нив гласал. Така добивме оригинални списоци по кои тие што се тука и уредно гласале со години можат да го изгубат правото на глас, а тие што не се тука со години да си гласаат уредно и кога не се тука и кога не се пријавиле во ДИК дека постојат.

Трето, проблемот со медиумските слободи е решен уште подобро од избирачките списоци. Тоа е крунски доказ дека ние воопшто и сме немале проблеми со објективноста и професионалноста на медиумите. ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ се договорија и покрај голема слобода двете партии да делегираат по двајца новинари кои сто дена пред избори ќе ги следат медиумите како си ја вршат работата слободно и без никакви притисоци. Албанските медиуми, пак, немаат потреба од следење на нивната работа бидејќи нивните лидери се задоволни од високите дострели на независноста и професионализмот, но ете за секој случај четирите новинари предложени од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ треба да изберат еден Албанец кој ќе биде јазиче на кантарот бидејќи може да се случи сдсмовските новинари посматрачи да не се согласат со вмровските набљудувачи околу некоја медиумска куртонизација на вестите, или нешто што може да прозвучи како партиска пропаганда, или на говор на омраза. Така, Албанецот новинар кој ќе го изберат новинари Македонци со консензус два на два ќе мери најточно што е сматок снесено јајце, а што е здраво.

Четврто, предусловот со избор на главен уредник на информативната програма на МРТВ е симнат од дневен ред уште пред да се избере јунакот што ќе биде главен на ништо цели сто дена. Вчера стаса појаснувањето дека таков главен уредник на информативна програма и немал некоја тешка работа. Всушност и немал никаква работа, никакви надлежности за ништо, ниту пак ќе можел да поставува одговорни уредници по негов избор. Тој само треба да дојде во МРТВ да прима плата сто дена, да не се меша во ништо и да не менува ништо. Ете толкави биле ингеренциите на уредник на информативната програма на МТВ предложен од опозицијата.

Петто, предизборната влада, со тројца премиери, еден што седи во владиниот кабинет како орман, еден во ВМРО-ДПМНЕ, во оставка, а еден во ДУИ во сенка, во ваква идеална ситуација нема што да работи. Криза нема, условите за слободни избори се исполнети, само треба да се почека на големата победа, која сите ќе ја признаат и ќе си честитаат меѓу себе на општо задоволство на граѓаните.

Шесто, економската криза е разрешена до изборите со заем од 450 милиони евра, а по изборите ќе биде целосно надмината со неколку успешни заеми од по 500 милиони евра.

Седмо, Специјалното обвинителство и натаму ќе работи на предмети кои влегуваат во врвниот дострел на попречување на правото кој се вика дозволено е само чукање празна слама. Ако специјалните обвинители се кренат малку повисоко кон врвот за што се и избрани, ќе бидат чукнати по глава како шпиони на ЦИА и на Сорос.

Осмо, културната криза е решена со забрана да бидат наградувани и да учествуваат во наградни конкурси творците од непријателските редови, особено ако се добитници на меѓународни награди и ако живеат во странство и ако кажале лоши думи за најдобрата власт во историјата на Македонија.

Деветто, духовната криза е дух кој можеш да го почувствуваш само ако го имаш. Ако го немаш, нема ни духовна, ни каква било криза. Блазе си им на тие што немаат дух.

(Објавено во Утрински)

Коментирај:

коментари:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *