Banner
Мое ќоше

Ако бога знаете, престанете

Фото: civil.org.mk

Кога последен пат сте прошетале покрај Вардар, да речеме од Градскиот стадион, или од другата страна под Калето до Камениот мост и до плоштадот. Сакате од левата страна, сакате од десната, сеедно, глетката е еднакво потресна. Секогаш на тој потег има нешто ново од што ќе ви се крене косата на глава, особено сега по катастрофата што ги погоди скопските населби која однесе 22 животи. Од она што го видов некни ми дојде да вреснам: аман, ако бога знаете и признавате, престанете со ова планетарна будалштина. Правите голем грев. Ми се смачи кога видов како се дупчи под нивото на реката за да се постават огромни челични столбови на кои ќе се потпира панорамското тркало, кое според сегашните пресметки ќе чини околу 16 милиони евра, а кога ќе биде предадено во употреба завршната фактура како и сите објекти на „Скопје 2014“ ќе биде двојно или тројно поголема. Тука среде град поради градежните зафати се формирал еден голем ѓол, небаре вештачко езеро.

За овој атак под коритото на Вардар каде што се трусните раседи, каде што со ништо не смее да се предизвикува изместување на почвата, повеќе стручни луѓе, познати градежници, хидроинженери, сеизмолози, геолози, архитекти и еколози јавно предупредуваа дека станува збор за крајно опасна интервенција во нарушување на човековата околина. Големите градежни зафати и дупчења во речното корито, велат тие, е рамно на злосторнички напад и агресија врз главниот град и врз сопствениот народ. Позната професорка на Градежниот факултет речиси избезумена неколку пати ми потврди дека во второто корито на Вардар кај што се денес рекреативните патеки и омилени шеталишта на скопјани не смее да се дупчи ни за обична чешма, а интервенцијата длабоко во самото речно корито и поставување бетонски и армирани темели, набивање челични столбови е ризична градежна и не само градежна операција, која со тек на времето може да предизвика катастрофални последици.

Фото: civil.org.mk

Ќе речете панорамското тркало е стара тема која постојано се вергла од разни причини, урбанистички, политички, еколошки, градежни, естетски, економски… Да, тоа е точно како и за речиси сите споменици и објекти изградени со парите на најсиромашниот народ во Европа. Ама денес кога ги гледаме трагичните слики од Смилковци, Стајковци, Црешово, Арачиново, Инџиково… и сите други настрадани населби од големата стихија која можеше да биде значајно ублажена ако парите се трошеа домаќински и паметно на инфраструктура, а не на зафати во слава на власта, кога ги гледаме маките на луѓето, погребните поворки на жртвите кои загинаа во поплавите и кога во исто време ќе ги видите големите кранови над Вардар и над скопскиот плоштад кои продолжуваат со фрлање во вода на народните пари, не може од ова срамно лицемерие да не ви се смачи.

Си помислив што не дојдат овде на Вардар кај новото езеро Груевски и неговите херои од групниот портрет на спасители што ни ги покажуваат новинарските труби на власта секој ден во извештите од Стајковци. Би било тоа мошне оригинална и единствена во светот снимка како политичари пред избори копаат дупки во водите на Вардар. Копање дупка во вода е најголемиот успех на оваа власт во заштита на населението од елементарни непогоди.

Еден ден, навистина, како тргнал инаетот со наши пари, луѓето ќе имаат шанса од панорамското тркало да ја разгледуваат најскапата будалштина во светот. За себе знам дека никогаш нема да се качам на тој рингишпил оти таа панорама уште отсега гледано од земја повеќе ми асоцира на некропола отколку на метропола.

На неколку стотини метри од дупките во Вардар за челични столбови за панорамското тркало и од новото езеро, среде скопскиот плоштад се возвишува фундаментот каде што ќе биде поставен споменикот на Мајка Тереза, која на 4 септември во Ватикан во присуство на власта и на опозицијата од Македонија и на илјадници луѓе од цел свет ќе биде прогласена за светица. Повеќе пати напишав дека на бога посветена Мајка Тереза, нашата сограѓанка, Гонџа Бојаџиу, светскиот синоним на хуманост и милосрдие, на скромност и борец за спасување на болните и гладните да е жива, би ги проколнала ваквите расипници кои го злоупотребуваат нејзиното име и нејзината мисија за поправеден свет со тоа што и градат најголем споменик во светот. Тоа е против најсветите определби на светицата и нобеловката. Државната болница во Скопје го носи името на мајка Тереза, има нејзин споменик во центарот на градот, истиот го има и во Ватикан, улицата што води кон болницата некогашна „Водњанска“ го носи нејзиното име, дел од автопатот се вика „Мајка Тереза“, има спомен-дом во центарот на Скопје, сето тоа е доволно, дури и пренагласено и невкусно за одбележување на делото на големата хуманистка. Всушност, со таа неодмереност се покажува дека сето тоа што се прави не е во чест на мајка Тереза, туку во чест на собирање политички поени.

Кога би имал можности, овие денови би организирал бесплатни тури со автобуси од Стајковци, Смилковци, Арачиново, Сингелиќ, Инџиково, Црешово и од сите погодени села кои се настрадани од поплавите да дојдат и да видат што чудо има во центарот на Скопје за што се потрошени стотици милиони евра. Посетителите можат да се симнат малку и во подрумите на Археолошкиот музеј и Уставниот суд, Во Министерството за надворешни работи, во Јавното обвинителство, во Новиот театар и во сите објекти и да видат како и таму како и кај нив подрумите се полни со вода, само не од дождот, туку како постојана и оригинална уметничка инсталација на поплава, да видат како изгледаат плочки од сто, двесте и петстотини евра една, да видат како стојат укотвени кораби и галии во Вардар, да видат жални врби од стотина илјади евра, да ги видат сите овие чуда оти уште има луѓе од овие населби и села кои со децении не стапнале во центарот на Скопје. Таква една нагледна и едукативна екскурзија од страдалниците од поплавите подрачја би ја покажале суштината на целата и најголема промашена инвестиција во историјата на Македонија.

(Објавено во Утрински)

Коментирај:

коментари:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *