Banner
Мое ќоше

Ќе има ли избори во декември

grujo po kratki

Август е, или житар како што го викаат богобојазните. Некој заминува на одмор, некој се враќа од одмор… кој на море, кој на планина, кој на езеро, кој на село во родниот крај, најмногу сепак остануваат дома на разладување со стариот добар изум на целосно затемнување на домот преку ден, а ноќе широко отворени прозорци и врати за спасоносен провев, иако ни лист не мрда. Во некои скопски жешки ноќи не трепнуваат дури на жалните врби посадени среде Вардар во слава на мудрата ни власт.

Во зависност од тоа каде живеете може цела вечер за ич пари да уживате во музика, ако сте научиле да спиете во ритми на турбо-фолк и со ударите на бас од тежок рок. Тоа е ептен подобро од оние на кои под прозорците секоја вечер им се одржуваат мото-трки побучни од оние на Светското првенство. Многу полоша варијанта ви е ако е тивко со убаво свежо ветерче кое ви ја носи смрдеата од фабриките и топилниците кои се’ уште работат за среќа на богатите газди, но и на радост на сиромаштијата која од тоа преживува. На гладните не им пречат отровите кои ги исфрлаат оџаците по полноќ до мугри, или кога алчните ќе ги пуштат подмолно преку канализациите непречистените отпадни води во Вардар. За тоа долгогодишно труење на својот народ никогаш никој не одговарал пред законот. Неколкуте парични глоби се само доказ дека за труење на граѓаните не се оди во затвор. Можат за тоа, ако добро ја финансирате партијата на власт, да ве прогласат и за патриот. Злосторничките здруженија и во политиката и во бизнисот секогаш брзо ги откриваат заедничките интереси кон кои непогрешливо водат патиштата на парите.

Така Македонија дреме спокојно во уште едно долго топло лето. Го сакам Скопје во јули и во август баш затоа што е неподносливо, па градот се празни и можам на раат да возам низ улиците да ги слушам Бени Шакири и Златко Ориѓански, да седам во полупразните кафулиња и да ја следам Олимпијадата во Бразил. Дури и Чамо заминал цел месец на одмор, па сега можам и него да го ескивирам без последици и грижа на совест на стар муштерија кога менува крчма.

Политичкиот естаблишмент, јавија загрижените медиуми за нивното ментално здравје и кондиција, заминал на одмор откако завршија голема работа за иднината на државата и на граѓаните. Големите политичари и дејци што си стојат на зборот од сабајле до претпладне по долга и мачна работа договорија дека до 31 август ќе создадат нормални услови за слободни и фер избори. Се изнамачија сиротите за нешто што треба да биде нормално без преговори и договори, да имаме избори какви што имавме барем во времето кога на секои четири години ја менувавме власта што беше најздравата работа во македонската транзиција и кревка демократија. Сега кога еден човек владее со Македонија цели десет години по волјата на народот и злосторничкото здружение за наместени избори, прв кој почна фер натпревар беше Никола Груевски, поранешниот премиер кој никако да се навикне дека одамна веќе не е премиер. Си зема човекот во џеб едно 450 милиони евра пари на заем со гаранција на два милиони жиранти кои ќе ги вратат парите што тој ќе ги потроши и тргна храбро да освојува град по град, село по село заедно со едно десетина ТВ-камери, микрофони и фотографски апарати и еден куп новинари специјалисти за презентација на големите успеси и достигнувања со добра доза на пропаганден течен канабис да не се сетат луѓето кој е премиер, а кој поранешен премиер. Тоа било медиумска слобода. Така по осумгодишна успешна изградба на споменици, фасади, гаражи, галии, кораби, фонтани, лавови, коњи, рајски градини, карусели, рингишпили, панорамски тркала, фискултурни сали и индустриски зони сега водачот тргна да гради и патишта, гасоводи и нафтоводи и да вработува по двајца од секое семејство. Црвенковски вработуваше по еден, сега Груевски вработува по двајца. Ами како, дупло повеќе. Едното дете го испраќа во странство со бугарски пасош, што е одлична и добитна варијанта, а второто на работа дома на паркинг-плац како најучениот во светот наплатувач на паркирање автомобили со завршен правен факултет и правосуден испит. Браво, овој проект на вработување со политички кампањи и говори и со јамка околу вратот на деловните луѓе и околу буџетот заслужува дупла Нобелова награда бидејќи уште никој во реалниот свет не успеал да вработи повеќе луѓе кои трошат пари од оние кои прават пари.

Ваквите директиви за вработување видовме како завршија кога дојде времето за кое мислевме дека е слобода и кога стапи на сцена либералната економија и кога важеа економските закономерности. Сега тоа биле застарени и надживеани доктрини, иако здраворазумската логика вели дека цената на политичкото вработување не може вечно да се плаќа од буџетот и со заеми од странски и домашни банки. Чешмите еден ден ќе секнат. Откако Груевски ја заврши првата тура, замина малку на работен одмор во Турција и по консултациите со Ердоган ќе се врати да ја заврши втората тура во подготовка на комплетните услови за слободни избори. Таму во моментот има што да се научи од Ердоган. Тоа го призна и Шешељ кој деновиве ептен го испофали Груевски на ПИНК – 3 телевизија, да ти е мерак да слушаш и да се гордееш со нашиот водач што е неминовно кога го фали еден Шешељ.

Вториот значаен момент што го договорија политичките лидери да биде се’ цакум пакум до 31 август беа фамозните избирачки списоци. ВМРО-ДПМНЕ и тука им го спушти до балчак на наивните опозиционери. Демек, еден список со 39.502 гласачи кои ако не се пријават со глава и брада пред ДИК и ако не пратат молба за помилување ни криви ни должни ќе го изгубат правото на глас. И сето тоа е озаконето во парламентот со закон да може некој без око да му трепне на едно 30.000 луѓе да им го одземе правото на глас, иако се уредно заведени во гласачките списоци по кои гласаат безмалку 25 години. Не можам во оваа прилика, иако не го практикувам тој јазик, а да не викнам абре ајвани едни, дали се можни слободни избори ако им го одземете правото на глас на недолжни граѓани кои со ништо не се огрешиле од законите. Кои се тоа право и правдина да се лишат најмалку 30.000 граѓани од правото на избор поради грешки на партиските експонати во ДИК. Ај што ќе им се одземе правото на глас на 30.000 луѓе, дали некој знае во ДИК на колку луѓе ќе им се даде правото на глас, а одамна се иселени и не живеат тука, а редовно гласаат. Се сеќавате ли на прислушуваните разговори кога Миле Јанакиевски, легендарниот министер „слушај Миле“ , бараше да се отпечатат едно триста лични карти за еден ден, или се сеќавате ли на муабетот за црните вреќи со гласачки ливчиња, или за МВР-ВМРО. Па што од тоа е проверено, или исчистено. Се знае ли колку гласачи има на избирачкиот список, а колку во реалниот живот.

До 31 август ќе се формирала ад-хок група која ќе ја следи објективноста на медиумите и ќе се избере главен уредник на МРТВ од страна на опозицијата. Ќе се изгледаат саде убавини колегите што ќе се нафатат да се мачат сто дена гледајќи еден ист филм на величање на власта и оцрнување на опозицијата. Ќе го следат производството на опиум во фабриките за дрога. А на тој што ќе има храброст сто дена да биде главен уредник на информативната програма на МРТВ му советувам да води дневник, ќе биде тоа добра пародија за стоте дена на МРТВ кои ќе ја потресат Македонија. Исто колку што ќе ја потресе и старо-новата влада на власта и на опозицијата која ќе му даде најсилен легитимитет на Груевски со сто дена чукање празна слама.

Она што е најстрашно е фактот дека и до 31 август, а и до декември Специјалното обвинителство нема да подготви ниту еден обвинителен акт за предметите кои сите јавно ги слушнавме. Попречувањето на правдата е толку силно и жестоко што нема основни услови да се обезбедува доказната постапка против највисоките функционери кои ја злоупотребиле власта до таа мера што се осомничени за организиран криминал и тешка корупција и за местење на избори, дела за кои се предвидени повеќегодишни затворски казни ако се докажат во судска постапка. Доколку пак Специјалното обвинителство сепак успее и покрај опструкциите на редовното Јавно обвинителство, на кривичниот суд, на сите институции на системот и згора застрашувањата преку медиумите и некои смртни случаи на сведоци под неразјаснети околности, на сцена ќе стапи Уставниот суд и ќе наметне нови норми за ограничување на работата на Специјалното обвинителство и специјалните обвинители. Откако се потроши претседателот Иванов со помилувањата, единствено во светот сега стапува на сцена партиската ложа на Уставниот суд.

Има уште еден куп работи зошто до 31 август и до 31 декември 2016 и до 31 декември 2017 и 2018 година во Македонија не можат да се создадат услови за слободни избори. Политичката криза е трајна. Единствен излез е Никола Груевски да се прогласи за доживотен премиер.

(Објавено во Утрински)

Коментирај:

коментари:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *