Banner
Мое ќоше

Зошто Груевски не е како Ердоган

G-E-g_0

На човека да му се крене косата на глава од некои ѓоа критики деновиве упатени до лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски од тие што го величаат цела деценија. Се леат крокодилски солзи зошто и ние немаме сличен јунак како турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. Најголемите апологети на Груевски демек се разочарани што тој се „ландра“ натаму-наваму низ Македонија како трговски патник, а се прави дека не знае дека веќе не е премиер, а всушност е жртва на сопствената перцепција како човек на кој му е ампутирана ногата, а тој уште чувствува дека ја има. Многумина можат и да помислат за миг дека навистина ова се сериозни критики додека не прочитаат дека и Груевски треба да го извади списокот и да почне да чисти се’ што е оцрнето, набедено, се’ што е шљам, непријател, платеник на Сорос и разни други измислени предавници.

Опасни идеи се пласираат од поддржувачите на Груевски божем низ конструктивна критика изедначувајќи ги ситуациите во Македонија и осумдесетмилионската Турција, правејќи равенство меѓу државниот удар во Турција и стотиците загинати и повеќе илјади ранети во обидот за преземање на власта со тенкови и со војска. Сето тоа се изедначува со договорот од Пржино кој го потпишаа и прифатија сите парламентарни политички партии, кој ќе биде за година и пол двапати, а го усвои едногласно и Собранието на Република Македонија. Ваквите јавно пласирани паралели на изедначување меѓу Турција и Македонија се вџашувачко безумие и валкано шпекулантство што доаѓа од круговите блиски на Груевски. Развластувањето на Груевски и неговите најблиски соработници со поднесување оставки како резултат на откривањето на содржините од прислушуваните разговори и меѓупартискиот договор со амин на парламентот толку тешко им паѓа на некои следбеници на Груевски што се чини дека тие се позагрижени за своите привилегии и позиции отколку што е Груевски опседнат со премиерската функција. Плачат и тажат на глас поданиците што немаме маж сличен на Ердоган, со решителен и одважен карактер кој ќе организира операција на темелно чистење.
erdogan_gruevski_g111
Првиот дел од споредбата со Турција меѓу обид за воен удар и меѓупартиски договор во Македонија е налудничаво изедначување само за да се оправда главниот мотив, а тоа се изборите и зацврстување на режимот кој се тресе, со потребата од операција на чистење како да станува збор за пучисти и во Македонија исти како и тие во Турција. Дури и поопасни бидејќи таму пучот не успеа, а во Македонија како што стравуваат дворјаните успеал. Така на перфиден начин се претставува како државен удар демократската борба за слобода, за човекови права, за владеење на правото, за независни судови и медиуми и сето она што е договорено за излез од политичката криза со дијалог и преговори, главно низ блокираните и селективни институции на системот и со мирни протести и вербална поддршка на меѓународната заедница. Ете затоа малкумина во државата веруваат дека е можно да се оствари и последниот договор меѓу четирите релевантни политички партии. Како може да се имплементира договор кога гледаме и читаме дека поприфатливо за приврзаниците на Груевски е вториот дел по неуспешниот воен пуч во Турција. Поточно, да почне пресметката со домашните пучисти и со целото наводно превратничко ѓубре иако не е испукан ниту еден куршум, не е загинат ниту еден човек, ниту е направен некаков обид за воен, паравоен, полициски или насилен обид за преврат. Лажни и манипулативни паралели за некакви идентични ситуации меѓу Турција и Македонија се навредливи и штетни и за двете држави. Да се изедначува обид за државен удар со стотици загинати и ранети со меѓупартиски договор прифатен од сите партии е срамна споредба. Да се заговара јавно пресметка со сите неистомисленици во Македонија и нивно чистење и затворање со прогласување на лажен државен удар е уште посрамна работа која може да стане допадлива во некои луди и уплашени глави да не се изгубат власта и привилегиите.

Во Македонија борбата против режимот на Груевски се одвива по мирен и демократски пат, затоа и долго трае. Но, кога нема морална одговорност и при откритие на големи скандали и организиран криминал, тоа е единствениот бескрвен начин да се постигнат целта и враќањето на демократијата. Секое насилно преземање на власта е опасна авантура иако има судски предмети со индиции дека власта на нелегитимен начин е освоена со изборни неправилности. Нема ни пуч, ни државен удар од страна на опозицијата и критичарите на власт. Има само меѓупартиски договор за излез од кризата, иако лицемерно прифатен и поддржан од сите учесници во преговорите, но кој до 31 август треба да се имплементира, што заедно со Специјалното обвинителство и гаранциите за негова непречена работа се единствената надеж дека е можна мирна разврска на кризата.

Што се однесува до изборите, ако нешто треба да се изедначува со Турција, тогаш тоа е пораката на врвната турска и светски позната писателка Елиф Шафак која вели дека гласачката кутија не е доволна сама по себе за да се прогласи системот за демократски. Вистинската демократија бара поделба на власта, владеење на правото, слобода на говорот, права на жената, права на ЛГБТ-заедницата, слободни и различни медиуми и независна Академија на науките. Без сите овие институции, можно е да има само „мајоризација“, а мајоризација не е исто што и демократија.

Елиф Шафак жестоко го осуди обидот за државен удар нарекувајќи го трагедија која ја враќа Турција 20 години наназад, но го осуди и начинот на пресметка со неистомислениците на власта.

(Објавено во Утрински)

Коментирај:

коментари:

Овој текст има еден коментар

  1. Ајван Доктор®

    И Хитлер беше избран на легални избори!Потоа го вовлече светот во најкрвавата војна што ја видел!Изгинаа милиони,голем број беа репресирани,угнетувани,измачувани и сурово казнувани!Очигледно демократските избори не гарантираа(т) демократско управување!Ердоган изгради на диво нова бела палата качАк-Сарај од преку 300.000m² за која фрли преку 650.000$!Сарајот изграден во турски Селџуклар стил!Нашиов,по налог на својата лична гатачка едвај стави фасада од стиропор,во ГРЧКИ-стил,нагрдувајќи го ремекделото на Муличковски,кршејќи ги грубо авторките права,но успеа да фрли за неа најмалку 10 милиони евра!Ердоган со инсцениран пуч со тенкови,разарачи,авиони и хеликоптери,со пукотници од оружје,татнежи и експлозии!Нашиов,без мака,прогласи дека му направиле пуч!Ниту видовме војска,ниту татнежи,ни пукотници,ниту народ по улиците,само масовно раздвижување на полицијата претворена во партиска паравојска!МВРО активно учествуваше во претставата! http://ajvandoktor.blogspot.mk/2016/07/blog-post_20.html

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *