Banner
Мое ќоше

Борчот голем успех на владата

evro

Не знам дали вчера лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и неговото алтер его, премиерот Емил Димитриев, ја прославија победата и си наздравија со отворање големи шишиња шампањско, исто како што прават победниците во трките во формула, или на мотори. Целата влада и партискиот врв на ВМРО-ДПМНЕ, замислете како се прскаат радосни со шампањ оти успеаја да земат нов заем од 450 милиони евра и да ги задолжат државата и граѓаните за уште 600 милиони евра сосе камати кој достигна по 2.500 евра по глава на жител. Ова вреди за еден силен двомилионски аплауз за спасување на државата. Сега Груевски и неговите најблиски соработници можат да си ја накриват капата и да ги прифатат сите барања на опозицијата и на ЕУ и на Америка и нивните олеснувачи на дијалогот за разрешување на македонската криза. Со толкава пара како плева се оди на избори со песни и со игри.

Кога во една држава за успех се смета заборчувањето како мерка за љубов кон татковината и патриотизам, на секој домаќин што чесно работи јасно му е накај каде одиме и кој треба да ги враќа долговите, особено ако со парите од скапите заеми се делат плати, пензии и социјална помош, како што велат нашите големи реформисти и финансиски експерти, махери за задолжување. Во политиката одамна е позната стратегијата на владетелите кога пред избори мора да се наполни државната каса и на озаконет начин да се добие коруптивен буџет кој ќе ги опслужи клиентите на власта. Експресно се плаќа дел од долговите на Владата кон домашните доверители, а вториот поголем дел се ветува по победата. Се вработуваат во државните институции илјадници луѓе без никаква економска оправданост. На пример, во полицијата едно 600 лица, во војската 150, во државната администрација Господ знае, по судовите и училиштата, по општините, во комуналните претпријатија насекаде се примаат луѓе за кои има препорака од партиските штабови на власта. Се делат кредити за самовработување, за купување стан или изградба на куќа, се делат субвенции, се откупуваат житото, тутунот, оризот, грозјето… се зголемуваат платите, пензиите, социјалната помош, се истураат пари во пропагандистичките медиуми, никаде не смее да затаи предизборната машинерија на власта.

Македонската предизборна формула која гарантира победа во последните години е општо позната. Прво заем од едно 200 до 250 милиони евра, ако тоа не е доволно следува малку печатење на лични карти и активирање на ВМРО во МВР со волшебни избирачки списоци, потоа следува малку изборен туризам со платена дневница на патриоти од Албанија и гастарбајтери од Европа и оп, победата е тука.

Овој пат треба многу повеќе пари оти некои вентили за изборни нерегуларности се затворени, па пресметката за победа и за покривање на трошоците пред избори и по изборите нараснаа на 650 милиони евра. Сега со 450 милиони евра може да се оди само на победа, но и на уште еден поголем заем три месеци по изборите, кога веќе ќе нема кој да каже ни збор против омилениот лидер избран од народот на слободни и ептен веродостојни избори кои чинат стотици милиони како и сите овие години. Сепак 450 милиони евра е двојно повеќе отколку досега колку што му требаше на Груевски за да ги задоволи сите апетити и да победи на кои било избори, локални, претседателски, парламентарни и вселенски.

Арно ама, домашниот есап не излегува секогаш на пазар. До зимата долга е нивата за орање. Се разбира, во Македонија не е можен ни неуспешен државен удар, оти кај нас во изминатите четири години од 24 декември 2012 до денес се случија неколку бескрвни пучеви и државни удари, многу оригинални и единствени во светот. Власта соопшти преку своите телали дека сме имале обид за државен удар, ама ниту е соборена власта, ниту некој е убиен или ранет, ниту некој е уапсен или обвинет. Тоа е како во приказните за деца и за возрасни кога, всушност, власта измислува државни удари за да ги исфрли опозицијата и новинарите од парламентот, за да земе предизборен заем од странски банки. Имавме и пуч кога лидерот на опозицијата отишол на премиерот да му каже да си поднесе оставка оти тоа што го има во прислушуваните материјали е за голем срам и брука, се разбира, доколку се има чувство на срам и морална одговорност. Се изнаслушавме ужасни работи што се правело на сметка на граѓаните и на државата, какви се’ лудаци ја воделе државата, какви се криминали и пресметки се правени со политичките противници, како се местени изборите, како се врбувани новинари и уредници, како се станувало обвинител, или судија и уште милион гадости, ама сето тоа било само обид за пуч и уривање на власта. И пак нема ниту еден уапсен, власта не падна, нема оставки, нема жртви… бати пучот.

Вистината во Македонија бавно патува спречувана од воената пропаганда и цензура, но сепак патува. Нашите комшии Бугарите велат тоа што не може да се купи со пари се купува со многу пари. Меѓутоа, има нешто што не може да се купи ни со многу пари.

Чинам, или можеби само ми се привидува, дека сега сме на тој пат. Следните избори се пресудни за опстанокот на Македонија, ќе се гласа за образ и чесност, или за криминал и корупција, за слобода, или за режим. Па ако образот и слободата имаат помала цена од криминалот и страховладата, тогаш сите да си ја накривиме капата, или поточно да ја наведнеме, па да провериме дали навистина наведната глава сабја не сече. Мислам дека поговорката ја измислиле страшливци. Таа би требало да гласи – наведната глава сама паѓа. Сепак, Македонија има повеќе чесни домаќини од расипници.

(Објавено во Утрински)

Коментирај:

коментари:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *