Banner
Мое ќоше

Кој кога заминал во партизани

revolucija

Со голема мачнина во себе размислував како без да предизвикам штета во борбата за слобода и демократија и без да ја расипам големата слика која постојано ни е пред очи на се’ поголем број луѓе во окупирана Македонија, да ги замолам првоборците, ова го велам без грам иронија и цинизам, да престанат со пребројувањето кој кога заминал во партизани. Не сакам да им приредам радост и голем ќеф на тие гниди што веќе одамна не’ прогласија за непријатели, предавници, странски платеници, кодоши, соросоиди со тоа што и ние како нив ќе откриваме петта колона и колаборационисти во „нашите редови“.

Од 2006 година кога почна борбата за слобода до денес од само неколку поединци, „шака јада“ како што викаше власта за нејзините критичари, денес има една добра армија од слободоумни луѓе кои се борат против режимот кој по цела деценија владеење без контрола тешко се урива. Затоа мислам дека секој кој и да дојде, кога и да дојде доброволно во движењето на отпорот е добредојден. По освојувањето на слободата кој сака нека ја мери славата и својата заслуга како сака и колку сака. Татковината еден ден ќе ги препознае сите.

Затоа се одлучив без да именувам и прозивам никого, да ја раскажам мојата семејна сторија за тоа кој кога заминал во партизани, или како што се вели во антифашистичката војна за слобода. Мислам дека е многу поучна за овие тешки времиња.

Мојот татко никогаш не зборуваше дека бил во партизани. Не беше член на партија и секоја вечер со увото залепено за радиото го слушаше „Гласот на Америка“ и Грга Златопер, легендарниот водител со засипнат глас. Кога узнав за себе, некако ми беше природно да мислам дека некогаш богатиот бег на кој му го одзеле комунистите целиот имот е противник на системот, на комунизмот, на социјализмот, иако тоа никогаш не го кажал, ниту пак се занимаваше со некаква идеологија. Пред да замине во пензија, ги комплетираше своите документи и во еден момент онака патем рече дека времето кое бил во партизани ќе му се признае двојно како пензиски стаж. Веќе бев возрасен и работев како новинар кога првпат слушнав вакво нешто. Навистина бев некако затечен и изненаден и веројатно многу глупаво звучело моето прашање во форма на констатација: ти си бил во партизани??!!. Да, рече мојот татко ептен спокојно, заминав во партизани 1944 година… се насмеав гласно и опнав уште поголема глупост. Си стигнал во право време, реков цинично, кога веќе завршила војната. Сега да не сакаш медал. Можев да си дозволам така да зборувам со татко ми. Имавме другарски односи.

Потоа следуваше лекцијата по родољубие и по историја која цел живот ќе ја паметам. Иако дипломирав на групата општа историја со историја на уметност, чинам дека ова беше најважната лекција која не ја пишува во ниту еден учебник…

…Па еве да ти кажам синко, па ти прочитај во твоите книги зошто е важно за мене што сум отишол во партизани доброволно, неколку месеци пред 8 септември… Во што е разликата пред и по 8 септември, прашав нестрпливо. А тоа не те научиле професорите, да одиш да си ја вратиш дипломата, рече татко ми потсмешливо. Сите што одеа пред осми септември 1944 година во партизани, одеа доброволно поради своите слободарски убедувања, а по осми септември и по ослободувањето на македонските градови од окупаторот, се вршеше мобилизација и немаше сакам да одам, не сакам да одам во борба. Мораше да се оди. Е кога мора и кога е доброволно поради татковината и слободата не е исто. Нели… кога се ослободи Македонија, веќе имаше армија од 100.000 борци. Знаеш ли ти колку млади луѓе загинаа во последните операции за ослободување на Југославија, особено на Сремски фронт. Беа тоа млади необучени луѓе за борба, ги оставија коските низ големата рамница. Тие не добија ни споменици, ни привилегии, не станаа народни херои ама загинаа во војна за слобода…. мислам дека можеш да сфатиш во што е разликата меѓу тој што се борел еден ден и загинал и оној што цели четири-пет години бил партизан и се вратил жив и здрав дома… Затоа мора да се биде внимателен синко мајчин кога даваш оценки дали е доцна 1944 да се оди во партизани. Никогаш не е доцна ако се бориш за правда и за слобода. Гинеа луѓе и по 9 мај 1945 година по објавата за капитулација на Германија. Зар тие луѓе не се заслужни…

…Кога јас стигнав доброволно преку врска во партизани, таму бев дочекан од мои другари со воодушевување, а некои од нив навистина беа од 1941 и од 1942 година во партизани. Командантот на бригадата лично ми честита и рече ова е многу значајно што кочанскиот бег стаса во борба против окупаторот. Никој не рече дека доцнам. Бев горд на својата одлука… Добро, реков засрамен, не сум знаел дека е така, не сум ни размислувал никогаш на оваа тема. Но и ти не си зборувал за ова, не знаев ни тоа дека си учесник во НОБ.

…Не зборував никогаш за тоа, рече татко ми, затоа што таа работа не е за фалење и удирање во гради. Едно беше борбата за слобода, а друго беше што многу бргу видовме првоборци кои ја злоупотребија власта со многу револуционерни закони, следуваше аграрната реформа, конфискации на дуќани и имоти, национализации, формирање на народни задруги на твојата земја, делење тапии за туѓи ниви и куќи и многу други неправди, апсења, откривање непријатели… Лоши работи, за кои да ги знаевме не верувам дека со толку елан и патриотизам ќе се одеше во партизани. Но, без разлика на се’ што поминав низ животот, мислам дека добро направив што летото 1944 година заминав во партизани. Тоа беше една од моите најдобри одлуки на која сум горд. А што за тоа не зборувам ништо е поради тоа што толку многу се намножија учесници во НОБ од 1941 година и толку многу беа агресивни во своите барања за власт и привилегии што веќе беше срамота човек да каже дека заминал во партизани 1944 година, ја заврши лекцијата татко ми.

Откако го укнижи дуплиот стаж од партизани, замина во пензија и по една година почина. Да не беше партизанскиот стаж, ќе умреше на работа.

Кога се’ почесто го слушам и читам откривањето на колаборационисти и навредите на луѓе, познати јавни личности кои можеби не се првоборци, но со своите дела и творештво јасно покажале дека се против режимот и загрозените слободи и ја задолжиле татковината, ми доаѓа да вреснам, аман бре народни херои, имајте малку исаф, секој човек денеска што ќе се спротивстави на тиранијата на Никола Груевски и неговата булумента е драгоцен и треба да се пречека со респект, а не со пребројување кој кога стасал на барикадите. Уште помалку со навреди и сатанизирање. Меѓу нив лично познавам повеќе значајни личности кои дале поголем придонес во борбата за демократска и слободна Македонија отколку првоборците кои први фрлале со јајца против непријателот. Иако во никој случај не сакам да го потценам значењето на овој чин од „Шарената револуција“, напротив сметам дека фарбањето на скопскиот кич има своја силна симболика и автентична порака за расипништвото на власта со парите на сиромашниот народ. Се надевам дека конечно мнозинството граѓани ќе ја видат големата слика во битките за слободна и демократска Македонија. Ако и натаму трагаме повеќе по тоа кој кога стасал во партизани, отколку како да се собори режимот и ако не сфатиме конечно колку е важен секој човек во таа борба, изгледа Никола Груевски уште долго ќе владее со Македонија, оти контролата наместо за власта ја арчиме за своите луѓе. Се плашам се’ повеќе од тоа дека Револуцијата пред да заврши успешно веќе почна да ги јаде своите деца.

(Објавено во Утрински)

Коментирај:

коментари:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *