Banner
Мое ќоше

Во режим нема слободни медиуми

free media

Во тоталитарно општество, кое е поблиску до тиранија и деспотија, отколку до класична диктатура, не може да има ниту слободни медиуми, ниту професионално новинарство. На Велигден се разбудивме во неслободна земја. До вчера во светот не’ водеа како делумно слободна држава, а пред десет години бевме високо рангирани меѓу 34 демократски земји, за денес кога се одбележува денот на слободата на медиумите да стасаме до дното, меѓу најцрните режими.

Кој е виновен за тоа. Прво и најмногу власта затоа што изврши државен удар пред една деценија суспендирајќи го уставот и воведувајќи строга контрола врз медиумите, типична застрашувачка воена цензура и самоцензура. Извршени се повеќе апсења на новинари и сопственици на медиуми, изречени се долгогодишни затворски казни и драконски високи глоби за клевета на властодршците осомничени за изборен и организиран криминал. Инсталиран е целосно нерегуларен медиумски пазар, фаворизирано е лошо апологетско новинарство, добро се стимулирани само редакциите кои се соучесници во узурпацијата на власта и поданиците на режимот во медиумите.

Со нарачка на власта е формирано и паралелно еснафско здружение на новинарите МАН кој е слеп поддржувач на тиранијата и на полтронско новинарство без ниту еден збор критичка опсервација на владините политики. Овие новинари работат со сертификат кој ја означува политичката подобност, а најголем подвиг во професијата им е да ја критикуваат и оцрнуваат опозицијата и да откриваат непријатели и предавници на државата и да измислуваат странски платеници меѓу колегите и заговор на целиот свет против кутра Македонија. Посрамна позиција во македонското новинарство немало во изминатите 40 години откако сум во оваа професија.

Под целосна контрола на власта се ставени и сите институции на државата на кои им е дозволено да работат само партиски селективно. Не смее да се суди и да се стави во притвор ниту еден висок функционер осомничен за тешки кривични дела. За секој случај да не седнат на обвинителна клупа, претседателот на државата Ѓорге Иванов изрече одлука на која ни се смее цел божји свет: ретроактивна и идна аболиција, спречување на правдата за сите осомничени крупни риби на власта, но и за сите кои допрва ќе се најдат под истрага на Специјалното јавно обвинителство.

Со години се прислушувани незаконски илјадници јавни личности меѓу кои и премиерот, министри, дипломати и голем број новинари за што власта и одговорните луѓе не поднесоа никаква одговорност, ни морална ни кривична. Со пари од државната каса и со разни привилегии, додатоци за лојалност и национални пензии се корумпирани традиционалните центри за освојување на слободата и демократијата како што се писателските асоцијации и здруженија, театрите, универзитетските и интелектуалните средини, деловните стопански комори и здруженија, спортските клубови… За да се дојде до една ваква состојба на страховлада и тоа без големи превирања, во изминатите десет години се сменети повеќе десетици главни уредници и цели уреднички тимови на чии места се поставени партиски послушници кои се издигнаа на ниво на високо платени коалициски партнери на власта. Под строга контрола на власта се и сопственичките односи во медиумите.

Последиците на ваквата деградација на македонското општество се катастрофални. Живееме и работиме во целосно контролирано општество за што постојат основани сомневања дека е незаконски освоено со изборен криминал од нелегитимна власт, за што се води и истрага од Специјалното обвинителство која е времено спречена со аболицијата на претседателот. Во Македонија, за жал, под силна и постојана десетгодишна пропагандна наезда, целосно е изместена сликата во поголемиот дел од јавноста за тоа што е добро и професионално новинарство. Се фали новинарството кое ги глорифицира власта и организираниот криминал како успех, а ја оцрнува опозицијата како деструкција. Токму спротивното од она што во светот се признава како новинарски подвиг.

Често ме прашуваат колегите колку се виновни самите новинари и новинарски еснафски здруженија и синдикати за катастрофалната состојба во која се наоѓа македонското новинарство и уште едно прашање кое обично во форма на констатација секогаш го поставуваат поддржувачите на власта и кое гласи – зошто се жалите дека немате слобода кога ете пишувате што сакате.

Прво, новинарството и слободата на медиумите не се работа само на новинарите и на редакциите. Точно е тоа дека тие треба да бидат во првите редови во борбата за медиумски слободи и демократско општество, но вистината е дека најголемата вина е во режимот на Никола Груевски. Во тоталитарно општество не е можно да се извојува слобода на медиумите без силна поддршка на јавноста и на меѓународната заедница. Тоа е основниот предуслов без кој нема разговори за членство во ЕУ. Затоа не е случајно што еден од никогаш неисполнетите предуслови на договорот од Пржино се токму медиумската независност и слобода. Без таа контрола и со владеење на правото и непречената работа на Специјалното обвинителство режимот на Никола Груевски брзо би заминал на буништето на историјата.

Што се однесува до критичките текстови кон политиките на владата и власта, тоа ни оддалеку не може да биде некаков доказ дека во Македонија има демократија. Ниту моите текстови и колумни, ниту чии било не се единица мерка за демократија. Тоа се само мали вентили за да не се види целосниот мрак. Набргу и тие мали прозорчиња во темниот вилает ќе бидат затворени, оти власта е се’ попараноична и се плаши дури и од бенигните колумни.

(Објавено во Утрински)

Коментирај:

коментари:

Овој текст има еден коментар

  1. Редовен читател

    Народот секогаш е во право! – Е во право, но не секогаш!
    Знаеме сите дека власта (актуеланта и сите претходни) ја силува слободата на медиумите, законите, Уставот и се’ што нејзе не и’ одговара. Но, што е власта? Дали е тоа народот, Владата, политичките партии, Парламентот, премиерот… Или пак тоа е некојси робот со компјуитерска програма со висока вештачка интелегенција (како од научна-фантастика), кој се одметнал од строго зададените функции и руши се пред себе? :-)
    Во изминативе две децении, во македонскта политика поминаа многу пратеници, министри, премиери, градоначалници итн. а состојбата во државата ни од лошо кон полошо, кон најлошо и ако не се сопре ќе стаса и до прелошо. Додека пред неколку години виновни се посочуваат премиерот и министрите околу него. Потоа, се прошири виновноста и на пратениците, сега стаса и до судиите, обвинителите, полицијата, и секако, Претседателот. На ред е Народот.
    Власта била виновна што давала лесна работа во администрациајта – тие што ја прифаќаат не се винивни. Власта е виновна што незаконски давала одредени субвенции – Тие што ги земале не се. Власта е виновна што на лесен начин се стигнува до диплома, магистратура, докторат – тие кои што ги земале не се. Нема да набројувам повеќе, ме разбравте. Виновен е народот, драги мои!!! Да, да!!!
    Сите ние сме прво луѓе, па потоа: лекари, политичари, професори, новинари, директори, возачи, сликари, студенти итн. инт.
    Додека мнозинството од народот не почне да се однесува морално и строго да ги казнува нечесните, секогаш ќе имаме ваква состојба-како денешанта. Друго решение нема (мислам на решение, а не на инпровизации како досега).

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *