Banner
Мое ќоше

СДСМ го контролира „Фридом Хаус“!!!

fridom haus

Конечно, светот дозна кој го контролира и финансира „Фридом хаус“, позната независна и респектирана американска организација основана во 1941 година од Елеонор Рузвелт, сопруга на претседателот Рузвелт, чии извештаи се најмеродавната оценка за нивото на демократија во сите земји, вклучувајќи ја и самата Америка. ВМРО-ДПМНЕ по последниот катастрофален извештај на „Фридом хаус“, објавен вчера, за нов драстичен пад на слободата во Македонија во сите области обзнани дека сдсмовскиот очај е вграден во извештајот на „Фридом хаус“ и дека сдсмовската банда ја контролира оваа американска асоцијација.

Замислете, се исчудува ВМРО-ДПМНЕ, во извештајот на организацијата, чии членови биле и се најугледни светски личности и државници, нема ни збор за тоталитарните вредности на СДСМ и бандата околу Зоран Заев. Ебати „Фридом хаус“, ебати… кога ништо нема за Заев. Ете така светот дозна дека „Фридом хаус“ е финансирана од Сорос, а извештаите за Македонија ги пишува бандата на Владо Милчин. Човек по ова навистина не знае дал да плаче, или да се смее. Мора нешто да се случува на релација Америка – Европа – Македонија во последните денови кое се’ уште не го знае јавноста. Очигледно од нешто крупно врвот на ВМРО-ДПМНЕ е многу вознемирен и добил уплав. По ова опозицијата треба да ја накриви капата, штом го контролира „Фридом хаус“ која не може да ја контролира ниту американската влада. По ваквата моќ на СДСМ изборите се добиени.

Шегата настрана, да се вратиме на нашата реалност. Никола Груевски вети дека по 5 јуни настапува период на стабилност и крај на едно и полгодишната криза. Тој секогаш ги исполнува ветувањата. Така ќе биде и овој пат. Поранешниот и иден премиер, со меѓупауза од стотина дена во десет години, направил проект како ќе престане кризата од 6 јуни по неговата најголема победа во историјата на независна Македонија. Штом ќе се објават одамна познатите резултати од натпреварот сам против себе, сите што не и’ мислат добро на татковината ќе избегаат од страв, а тие што ќе останат упорни да го реметат мирот ќе бидат изолирани. И ете ти крај на кризата, многу едноставно и практично.

Во сите превирања и договарања околу мерките за надминување на кризата со договорот од Пржино, Груевски имаше непопустлив став само за две работи. Првата, избирачките списоци да не се контролираат според стручни вештаци, туку според партиски критериуми. И што смее, а особено што не смее да се проверува. И втората, за недопирливоста на медиумите под контрола на власта и на ВМРО-ДПМНЕ. За се’ друго, почнувајќи од смена на своите најблиски соработници и именување на опозициски министри и заменици во Владата, до сопствената лична оставка, Груевски попушти дури и за датумот на избори. Се согласи и со формирање на Специјално обвинителство, обвинител и специјален закон… Груевски сето тоа го прифати поаѓајќи од два основни столба на долговечноста на оваа власт: секогаш се поважни бројачите на гласови, отколку гласачите и вториот столб, вистината е таа која ќе ја кажат неговите медиуми, а не некој друг, било да е „Фридом хаус“, или опозицијата, или меѓународната заедница. Тоа што не го објавиле неговите новинари и уредници, тоа не се ни случило. Со такви избирачки списоци и со такви медиуми во Македонија, Груевски владееше цела деценија. Така се исполнуваат сите ветувања, така се намалува невработеноста, така се победува на сите избори.

Дали и на 5 јуни ќе се случи истото бидејќи сега ситуацијата не налага да се активираат победничките нерегуларности. Тоа е задолжително само ако опозицијата учествува на избори. Тогаш на сцена стапуваат бројачите на фантомски гласови кои се добро зачувани во базите на ВМРО-МВР каде што во тајните списоци ги има сите докази за досегашните изборни нерегуларности. Е, тие списоци никој не смее да ги проверува. Нема да биде изненадување ако набргу бидат спречени и истрагата и судскиот епилог за злосторничкото здружување кое го покрена Специјалното обвинителство со обелоденување на сериозни неправилности на претходни избори која оваа власт ја прави нелегитимна, што е тешко кривично дело ако се докаже во непристрасна судска постапка.

Она што мислам дека Груевски не го пресметал добро во својот проект „Македонија по 5 јуни“ е фактот што никој нема да ги признае нелегитимните и неконкурентски избори без учество на опозицијата. Заканите и пропагандата дека поради неучество на опозицијата ЕУ ќе ги одложи преговорите, или ќе ја укине кандидатурата на Македонија за членство во ЕУ, веќе се прочитани. Овој пат тоа ќе биде доволно гласно и јасно соопштено дека работата стои сосема спротивно: поради нелегитимните избори без исполнување на неопходните и договорени предуслови за слободен и фер натпревар, Македонија не може да преговара со ЕУ, ниту може да стане членка на НАТО. Вината за ова ќе мора да ја преземе ВМРО-ДПМНЕ и лично Никола Груевски за десетгодишното заостанување со евроатлантските интеграции.

Сомнежите дека Груевски не е сигурен во својата толку најавувана победа цела година пред изборите се видливи во сите јавни обраќања и соопштенија на ВМРО-ДПМНЕ, особено во последните денови. Најновиот извештај на „Фридом хаус“ дека Македонија падна уште пониско во загрозата на медиумските слободи и човековите права, речиси на ниво на режим, во врвот на ВМРО-ДПМНЕ предизвика вистинска бура од која произлезе срамно соопштение до јавноста со невидени навреди на познатата светска организација. Зборовите дека бандата на СДСМ ја контролира „Фридом хаус“ и дека СДСМ предложил фашистички закон за медиумите, во обраќање до јавноста по повод извештај на „Фридом хаус“, се најголемата будалштина што може да се изрече дури и во предизборна кампања. Или можеби нешто се валка како грутка снег пред пролетна лавина која се’ уште не можеме да ја видиме, ама се тркала, се тркала… и расте…

(Објавено во Утрински)

Коментирај:

коментари:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *