Banner
Мое ќоше

Кој последен се смее …

vmro

Вмровските труби и сирени до утринските часови ечеа по улиците на Скопје поради сигурната победа на изборите на 5 јуни. Не се славеше распуштањето на Собранието, туку се билдаше победнички рејтинг како да се завршени изборите и соопштени резултатите од натпреварот во кој ќе учествува само власта и нејзините сателити кои ќе изигруваат опозиција. Никола Груевски уште лани прогласи победа, а неговите медиумски подлизурковци и измамници по 5 јуни бараат од него да одобри да им се сечат главите на предавниците, непријателите и странските платеници. Сакаат ноќ на долгите ножеви. Епа, да им порачам на овие познати кукавици, на чело со нивниот водач, дека кој последен се смее – најслатко се смее. Обично кој прв се радува на победа пред последната битка, на крајот плаче и си оди дома шепотејќи.

Кога ќе огрее слободата, а тоа ќе се случи бидејќи променливоста е закономерност. Како што се менуваат денот и ноќта, еден ден мора да осамне демократијата, па дури и ако ве зафати поларна ноќ која трае цела деценија. По поразот на режимот и тиранијата никој нема да биде ни заклан, ни стрелан, ни линчуван, ни прогонуван за својата политичка определба, ниту пак ќе страхува тоа јавно да го соопшти. Слободата и демократијата значат и владеење на правото. Единствено не ќе може да се одбегне соочувањето со правдата на сите кои ги кршеле законите и учествувале во злосторничко здружение против својата земја и против своите граѓани. Независните судови тогаш ќе мерат, според Законот, а не според телефонските наредби и партиска припадност како што беше практиката во изминатата деценија кога се нарачуваа апсења и години на робија за политичките противници, злодело што го слушна цела Македонија и светот. Во ова сознание, според кое веќе се подготвуваат обвинителни акти за големиот организиран криминал и узурпацијата на власта со нерегуларни избори, се крие целата криза во која потона Македонија.

За да се одбегне и кривичната и морална одговорност за направените тешки прекршувања на законите, но и дела против својот народ и држава, власта не смее да падне по никоја цена. Затоа се заробени и судовите и медиумите, затоа не сме да се чисти тајниот избирачки список со 125.000 сомнителни гласачи кои ги има само во базите на податоци на полицијата. Ако се отвори тој список како Сезам на Али Баба и четириесетте разбојници, ќе се узнае целата операција на изборните местенки и фалсификати. Затоа не смее понатаму да работи Специјалното обвинителство, најдобро е ако може да се затвори сосе обвинителите пред изборите, а по победата лесно ќе биде отфикарено ако не изрази подготвеност да се самораспушти и претопи во редовното обвинителство на легендарниот обвинител за спасување на криминалците од врвот на власта, господинот Марко Зврлевски и онаа фигура во Советот на обвинители која се огласува на името Петар Аневски.

https://www.facebook.com/andrej.zernovski/videos/1197440023619599/
Што ќе се случи на 5 јуни во Македонија ако Груевски и Ахмети останат и натаму цврсто на ставот да одат на избори без опозиција и без прочистени списоци и без слободни медиуми, па кој дојде, нека дојде, важно победата да биде гарантирана. Ќе бидат тоа многу мирни избори, без ниту еден инцидент на избирачките места. Една третина од Македонија, некаде околу 35 проценти ќе излезе да гласа, една третина ќе бојкотира, а една третина ќе остане во странство бидејќи тоа ќе бидат фрлени пари да се оди на наместен натпревар. Власта ќе ги добие изборите стопроцентно и ВМРО-ДПМНЕ и ортакот ДУИ . Се разбира, официјалната информација нема да биде дека излегле само 35 отсто од граѓаните на избори, туку тоа ќе мора да се дотера да биде нешто попристојно, на пример, дека одгласот на гласачите бил над 50 отсто. Што ќе биде лесно постигнато на веќе испробаниот начин, бидејќи пак ќе гласаат фантомите од тајните списоци по веќе воспоставениот ред. И, кончено, верувам дека Ахмети ќе се освести дури кога ќе му ги соопштат резултатите не за победата на ДУИ, туку за победата на ВМРО-ДПМНЕ. Груевски со неговите сателити ќе освои околу 97-98 места во парламентот, а ДУИ рекордни 25-26 места. Претпоставувам дека тогаш на Ахмети ќе му се запали сијалицата колкав е неговиот придонес за демократизацијата на Македонија и за интересите на Албанците. Можеби ќе му текне генијална идеја што ќе работат пратениците на ДУИ во парламентот и неговите министри, тазе пилиштарци во Владата. Пратениците на ДУИ во еден таков состав ќе можат на своите партнери од ВМРО-ДПМНЕ многу успешно да им ги придржуваат палтата и капутите кога ќе си одат од Собранието. А, министрите на ДУИ, што да ви кажам, многу се талентирани, за само неколку дена веќе дознале каде се наоѓа Владата на Република Македонија, некои од нив прашале и што ќе работат…

Иако е непредвидливо како ќе се определи опозициската ДПА и Мендух Тачи, сепак, овој пат тешко е да се поверува дека Тачи ќе сака да ги собира трошките што ќе останат од посната гозба на ДУИ. Досега Тачи неколку пати јавно кажа дека ДПА нема да учествува на избори ако не се исполнат сите услови дека ќе бидат слободни.

Што мислите дали и по изборите ќе останат техничките министри на опозицијата бидејќи власта не им ги прифаќа оставките? Шегата на страна, кажете ми дали негде сте чуле и прочитале дека власта не прифатила оставки на министри на опозицијата. Ако негде и се случило такво нешто, мора да е некоја голема ујдурма.

Некои велат дека изборите во кои учествува само власта е враќање на едноумието. Тоа не е точно бидејќи ние и досега имавме општествен поредок на различни плурални интереси меѓу едноумие и безумие. Чинам дека безумието се покажа како поуспешно во уништувањето на македонската држава и деградацијата на нејзиниот углед. Она што во моментот може да се каже, со сигурност е фактот дека и по изборите на 5јуни, ако воопшто се одржат, Македонија нема да излезе од длабоката политичка, морална и економска криза. Тоа воопшто нема да бидат ниту слободни ниту веродостојни избори. Се’ повеќе станува точна оценката дека додека е Груевски лидер на ВМРО-ДПМНЕ во Македонија, не е можна ниту демократија, ниту владеење на правото, ниту слободни медиуми, ниту слободни избори.

Добрата вест е што секој ден драматично расте бројот на слободоумните граѓани кои се спротивставуваат на режимот на Груевски. Затоа, бидете сигурни дека на крајот најслатко ќе се смее тој што последен се смее.

(Објавено во Утрински)

Коментирај:

коментари:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *