Banner
Мое ќоше

Отчетот на Груевски и на Јанева

grujtcet

Премиерот во оставка Никола Груевски во спортската сала во Аеродром како на фолк-парада го отпеа својот десетгодишен евергрин, кој уште ми звучи како реквием од погребот на Македонија. Неколку дена пред тоа специјалната обвинителка Катица Јанева и’ го предочи на јавноста својот Извештај за шестмесечна работа на нејзиниот тим што предизвика вистински земјотрес во државниот врв и „патриотскиот“ дел од општеството. Десетгодишниот и шестмесечниот Извештај имаат само една заедничка нишка. Груевски уште еднаш докажа дека цела деценија може да ѕида кули од карти и да прави лажни чуда, а Јанева само за шест месеци го откри таткото на лагите кој античките филозофи го викале „продон псеудос“. Штом ја изустиш најголемата лага, ќе мора да лажеш цел живот. Големо проклетство.

За мртвите се’ најдобро. Така со солзи на очите се изнаслушав на сите телевизии, радиостаници, интернет-портали и весници на безвременскиот хит продаден во десет милиони копии, пет по глава на жител, за големата љубов на вождот кон татковината и за неговите надалеку познати планетарни успеси, за херојството и патриотизмот да се спречи дестабилизација на државата пред нејзината смрт. Таков отчет досега немам слушнато во време без војна од ниту еден владетел што тој се’ им направил на својата кутра земја и на својот питом народ со нивните пари и каква благосостојба и прогрес им подарил на своите истомисленици. Навистина, чудо невидено. Во тие историски анали на една градителска ера во потрага по пославно минато како во хербариум се сместени трите тома краснопис од „војна и мир“, од еднодецениското силување на слободата и демократијата и на својот народ.

Во тој византиски панегирик за славата на василевсот ги нема мизеријата, сиромаштијата, бедата, слободата и демократијата…. Тие зборови се исфрлени од речникот и од правописот на Груевски, ако се појават во некоја форма тогаш имаат сосема поинакво значење. Демократијата и слободата Груевски ги есапи за измислици на предавниците и непријателите и како нешто што го имаме во изобилство, па се претвора во анархија кога владетелот изгледа како премногу милослив кон своите душмани, на ужас на своите следбеници. Во скромниот речник на Груевски ги нема ни криминалот, ни корупцијата, ни митото, ни провизиите, ни перењето пари, ни узурпацијата на власта… Ако ги има тие се резервирани само за политичките противници. Во говорите на Груевски нема ништо за блокираната европеизација на земјата, за запрените евроатлански интеграции и ако ги има, тие служат за напад на меѓународната заедница и соседите бидејќи само поради нив ние не сме во европското семејство и под чадорот на НАТО. Се’ друго е беспрекорно во земјата на чудата, а патот кон Европа е стопиран од надворешните и домашните непријатели, затоа сите што беа зад нас, сега се далеку пред нас и веќе одамна ја надминаа опасноста за опстанок на своите држави. Македонија веќе не е дел од решението, туку дел од проблемот за стабилноста на поширокиот регион.

Само неколку дена пред политичкиот концерт во спортската сала „МЗ Тито“ и последниот блескот на ѕвездата пред гаснење, осамна и Извештајот на специјалниот обвинител Катица Јанева за нејзината работа. Досегашните удари врз обвинителката Јанева и нејзините соработници, иако беа класична хајка на уплашените узурпатори на власта и нивните послушници, се претвори во вистинско торнадо и медиумска агресија во која покрај новинските апологети, измамници и насилници под заштита на власта се вклучија и парламентарците на владејачката партија, некои судии и колеги обвинители кои се должни на политиката за своите напредувања во кариерата. Бидејќи дефинитивно се видоа контурите на сегашните и идни истраги на специјалното обвинителство харангата на Јанева доби во жестина како што се стеснува кругот околу носителите на злосторничкото здружување. Што поблиску е обрачот до Груевски толку посилна е анатемата против Јанева.

Иако законот за Специјалното обвинителство во сите свои 23 члена нигде експлицитно не кажува дека Јанева треба да го образложува и толкува лично Извештајот за работата на Специјалното обвинителство ни пред Советот на обвинители, ниту пред парламентот, ниту пак во досегашната практика тоа некој го работел, засегнатите од суштинската истрага и од соочување со правдата најдоа начин како да избегаат од главните пораки кои ги испраќа Специјалното обвинителство до јавноста, но и до сите кои се вмешани во кршење на законите, во изборен или кој било друг криминал кој произлегува од истрагите на кривичните дела кои се иницирани од незаконски прислушуваните разговори. Како напредува доказната постапка во гонењето на тие кривични дела, така расте нервозата, ароганцијата и нетрпеливоста, па прецизно и законски регулираната истрагата се поистоветува со дестабилизација на државата, со уривање на власта, со завери на големите сили и странски шпионски центри. Небаре ни Америка, ни НАТО, ни Брисел немаат поголеми гајлиња од големото геостратешко значење на Македонија и од многу авангардната и успешна политика на Груевски и владата на што завидува цел свет и гледа опасност од разоткривање на грешките на големите сили.

Во режимите по некое непишано правило сите оправдувања за банкротствата и сиромаштијата за нереализираните стратегиски цели и големите грабежи, за изгубените надежи и перспективи се бараат во заговорот на комшиите и светските велесили. Со такви оправдувања јавноста може да се лаже долго, но еден ден сепак лагите имаат крај. По откривањето на најголемата лага – „таткото на лагите“, на виделина излегуваат сите измами. Едно такво сомневање деновиве на прес-конференција изнесе обвинителот Катица Јанева искажувајќи гласно сомнеж, врз основа на доказите во досегашната истрага, дека власта во повеќе истанции од изборот на уставни судии до изборот на парламентот, што значи и на Владата и на претседателот на државата се избрани нелегитимно, односно по големи изборни нерегуларности. Ова не е ништо сензационално и неверојатно, освен факот што го кажува јавен обвинител. Досега за нелегитимноста на власта има стотици јавни искажувања, но кога тоа го соопштува јавен обвинител кој веќе има покренато постапки за изборен криминал, кој се целосно опструирани најмногу од оние кои сега врескаат, тогаш, ситуацијата навистина станува жешка.

Голем број јавни личности, универзитетски професори, еминентни правници и академици, меѓународни асоцијации и новинари предупредија дека на изборите во Македонија има големи нерегуларности, но сето тоа поминуваше со брзо прогласување на тие луѓе за непријатели, кодоши и предавници, соросоиди и петта колона. Но, сега работата е сосема поинаква, во државата има јавно обвинителство и обвинител кои навистина сакаат да работат според законот за гонење на кривични дела кои произлегуваат од незаконски прислушуваните разговори. Како што се стега обрачот кај осомничените се бараат илјада начини борбата против криминалот да се прикаже како државен удар или уривање на државата. Во тоа има вистина, но во случајот државниот удар против својот народ го изведе власта ставајќи ги сите институции под директна контрола, вклучувајќи го и парламентот и уставниот суд и сите судски инстанции и, се разбира, целосно претседателот на државата. Легитимитетот на институциите на државата одамна е изгубен двојно. Еднаш со преземање на власта со нерегуларни избори. Вторпат со укинување на институциите на системот, или уште полошо со притисок за нивно селективно функционирање.

Затворањето на патиштата на правдата и попречувањето на судската разврска на истрагите и обвинителните акти на специјалното обвинителство најдобро го докажуваат тоа. Откако е правдата и правото на Земјината топка, нема позаинтересиран за брза и праведна судска разврска од лажно обвинети и набедени луѓе и нема поголем отежнувач на правдата да го најде својот пат од моќен виновник. Во случајот многу јасно се гледа кој ја спречува правдата во Македонија. Кога тоа убаво се гледа, тогаш, точките, запирките и тремата на Јанева воочени на конференција за медиуми стануваат главен доказ дека власта е безгрешна и невина. А, колку е легитимна власта пишува во избирачките списоци полни со 500.000 крунски докази кои не смеат да излезат на виделина. Ама на крај ќе излезат. Како вели Груевски, вистината е како шило.

(Објавено во Утрински)

Коментирај:

коментари:

Овој текст има еден коментар

  1. simo georgiev

    Абρе Еρоле. Уште ПΡЕД ВАМПИΡЕЊЕТО на следбениците на Ванцо Михајлов пρедупρедив κаκов свињофашизам ќе следи ама сите на цеκо со Κиρо Глигоρов κој исто таκа за вρеме на фашизмот бугаρофашизувал се пρавеа на “удρени со моκρа цоρапа”. Но “вината” не е толκу во ова свињофашистицκо гомниште туκу до κаубојците κои ρастуρија една пρеκρасна дρжава мојата саκана татκовина СФΡ Југославија и донесоа на власт ваκов џган. Заρем во Сρбија, Хρвацκа, Босна е “поинаκу”? И таму на власт се лопуρди и фашисти: цетници, усташи, ханџаρисти.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *