Banner
Мое ќоше

Правдата под лупа

Spotlight-Movie-2

Им препорачувам на колегите новинари, уредници, истражувачи, експерти, аналитичари, колумнисти и сопственици на медиуми, ако веќе не го направиле тоа, да го гледаат оскаровецот на Холивуд за најдобар филм годинава „Спотлајт“, или во слободен превод „Под лупа“. Не знам кога последен пат биле на кино Никола Груевски и Али Ахмети и нивните најблиски соработници, но ако потрошат два часа и десет минути за еден навистина добар филм кој е снимен по вистинит настан за сексуална злоупотреба на стотици деца од католички свештеници, мислам дека нема да згрешат, иако не верувам дека тоа нешто ќе промени во нивните ставови и сфаќања за новинарството и независноста на медиумите.

Не е лошо и опозициските лидери малку да се просветлат и да се подготват на тема како да се избришат разликите во партиите во односот кон медиумите и новинарството кога се на власт и кога се во опозиција. Најтопло и’ препорачувам на специјалната обвинителка Јанева да го покани својот поранешен шеф Зврлевски и уште неколку обвинители од редовното и специјалното обвинителство, а зошто да не и неколку судии да појдат до „Сити мол“ и да погледаат една жестока професионална борба како вистината да стаса до јавноста и како не само новинарите, туку и многу други храбри луѓе и разни институции се справуваат со обидите за попречување на правдата и прикривање на сторителите на тешки кривични дела.

Победата, иако половична, против католичката црква и откривање на вистината за злоупотребата на децата од свештеници е новинарска сторија која ме фасцинира не толку од откритието и преданоста кон професијата на новинарите на „Бостон глоуб“ , локален весник во Америка, колку од подготвеноста на разни мали, но значајни алки во системот храбро да ги дадат потребните информации и докази на новинарите, правдата да победи и вистината да излезе на виделина. Истражувачка сторија пар екселанс, која во Македонија не е остварлива до крај не затоа што нема добри новинари, напротив има повеќе одлични професионалци и неколку истражувачки тимови кои во скромни услови и со малку средства покренуваат значајни теми за злоупотребите на власта, на центрите на моќ и организиран криминал. Притоа најчесто нема епилог со морална или судска разврска. Македонското законодавство нема строги казни ако се спречува објавување на информациите од јавен интерес. Додуша, можеби не сте чуле, кај нас има закон за слободен пристап до информациите од јавен интерес, но во практиката е неспроведлив, особено ако се појави чувствителна тема која ја засега власта.

Се разбира, ни во Америка, ниту каде било во светот темите за криминалот на власта, за злоупотребите на моќта и функциите, за кршење на човековите права, за организираниот криминал и корупцијата, за затајување даноци, за тероризмот, за гревовите на црквата и верата… не им се сервираат на новинарите на послужавник, туку секаде тоа е една тешка и мачна борба, често со жртви и големи премрежија, особено ако новинарите тргнат решително против злосторствата на недопирливите кои се кријат и зад Господ и зад световната власт.

Истражувачките новинари во Македонија добиваат и меѓународни признанија и награди, но нивните стории не се објавуваат во највлијателните мас-медиуми кои се под контрола. Затоа ни се случува, на пример, аферата со фалсификуваните лични карти, со избирачките списоци и изборниот криминал, со организираниот криминал и корупцијата, со непреченото повеќегодишно прислушување на илјадници јавни личности и се’ што произлегува од тоа прислушување да не заврши ни со морална одговорност, а ако победат опструкциите и притисоците, ќе нема ни судска разврска. По паничните јавни ангажмани на Груевски дека избирачките списоци се добри и покрај општата смејурија што ја предизвика можноста за проверка кого се’ таму има и нема, веќе во тие списоци никој разумен не верува. Укажувањата на граѓаните за грешките нема да се проверуваат. Така одлучила ДИК.

Агресивната десетгодишна пропаганда направи таква пустош и делби низ Македонија, што се’ уште има луѓе кои веруваат дека изборите се поправедна пресуда отколку таа на судот. Изборната победа како што проповеда Никола Груевски со неговиот добар и победнички избирачки список треба автоматски да значи и ослободување од секаква одговорност за сторители на тешки кривични дела, па дури и за кражбата на волјата на народот на избори.

По ваков атак по сите човечки сетила е изместена перцепцијата на граѓаните да не препознаваат во што е разликата меѓу демократски, слободни и веродостојни избори и масовно гласање на фантоми. Под демократски избори обично се подразбира чесно утврдување кој колку гласови добил. Но тоа се’ уште не се слободни избори. Слободни се кога секој граѓанин со право на глас без страв од драстични последици може да гласа како што мисли. За такво нешто во Македонија ќе почекаме. Веродостојни избори, пак, се потврда на слободно изјаснување со гарантирано тајно гласање кога по пребројувањето на гласовите сите учесници на натпреварот ќе ги признаат резултатите како точни, што се вели кога ќе паднат честитки за победата. Фантомски избори се „добрите“ избирачки списоци на Груевски кои гарантираат доживотна победа.

Наслушнав дека во Македонија веќе се снима филм според вистински настани со работен наслов: Се случи еднаш во Македонија во главна улога со Никола Груевски.

П.С. Почитувани читатели, ќе ве одморам неколку дена од мене. Се читаме од идната недела.

(Објавено во Утрински)

Коментирај:

коментари:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *