Banner
Мое ќоше

Јанева фрли нова бомба

katica

Попречувањето на правдата е кривично дело. Овој предлог е новата бомба на Специјалното обвинителство за да се деблокира борбата против криминалот. Тимот на Катица Јанева вчера ги посочи јавно со име и презиме сите државни институции, кои прават опструкции и ја отежнуваат нивната работата, а се должни да соработуваат со јавното обвинителство при разоткривање за криминалот.

Не знаев дека во Македонија не е кривично дело спречување на истрага против криминалци и дека во Кривичниот законик нема таков закон кој санкционира попречување на правдата. Со оглед на тоа со каква криза е соочена државата и со какви отворени блокади во заштита на криминалот еден ваков закон би бил добредојден за непречена истрага. Уште ако предвидува неколку години затвор за вакво кривично дело, работите галиба ќе тргнат кон правдата.

Уште не се исуши „мастилото“ од вчерашното мое ќоше дека чуден молк доаѓа од Специјалното обвинителство како затишје пред голема бура, а еве веќе денес почна силно да дува ветер и да крева се’ поголеми далги. Се разбира, ова не беше тешко да се погоди, треба само повнимателно да се следат медиумите на власта и пораките што доаѓаат од светот за да се разберат мотивите за целосната блокада на борбата против разоткривање на криминалот во врвот на власта. Специјалното јавно обвинителство се огласи со ново соопштение од кое се крева косата на глава, каква подземна војна се води за спречување на истрагата за гонење на високи функционери осомничени за тешки кривични дела. Еве ги аргументите и фактите на тимот на Катица Јанева зошто предлагаат измена на Кривичниот законик и воведување на ново кривично дело – попречување на правдата.

Специјалното јавно обвинителство не може да ја води главната расправа по предметот „Пуч“ затоа што Судот не ги доставува доказите без кои не може да се состави обвинение, ако воопшто има докази. Сите жалби и укажувања не помагаат. Наредбите на политиката се посилни од правото бидејќи Судот се јавува како извршител на попречувањето на правдата. Трагично е сознанието до каде е стасана судската партизација во Македонија што се гледа од констатацијата на Специјалното обвинителство јавно искажана дека Основниот суд 1 во Скопје ја отежнува или подобро кажано ја попречува работата на Специјалното обвинителство не само за „Пуч“, туку и за сите други предмети кои се побарани за поведување истрага. Кога судот наместо делител на правда ја попречува правдата ја снемува државата, отиде јабана, што би рекол академик Камбовски.

Судот по една ваква јавна шлаканица експресно се огласи со свое соопштение во кое го обвини Специјалното обвинителство дека тенденциозно искажува невистини и врши притисок бидејќи му е дозволено во секое време непречен увид на сите списи за предметот, ама судот не може да биде фотокопирница. Ако Судот не го попречува Специјалното обвинителство, тогаш тоа не се ни државните функционери и јавни службеници кои не ја почитуваат обврската за пријавување на кривични дела и се ставаат во функција да го прикријат криминалот. Исто така веројатно се тенденциозни именувањата на институциите кои одбиваат соработка со Специјалното обвинителство, меѓу кои се Агенцијата за катастар и недвижности, управата за безбедност и контраразузнавање, познатата Петта управа, единицата за заштита на сведоци при МВР, општина Битола, повеќе министерства, покрај Основниот и Управниот суд, Основното јавно обвинителство Скопје, па дури и Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Сега сите тие треба да се огласат дека Катица Јанева тенденциозно ги напаѓа бидејќи секогаш и во секое време се подготвени на соработка и со ништо не ја попречуваат работата на Специјалното јавно обвинителство. Напротив, сите тие му помагаат во борбата против криминалот, ама бидејќи криминал нема, Јанева е заглавена во истрагата. Додека го пишував текстот почнаа хорските соопштенија на најголемиот број од прозваните дека Обвинителството е тенденциозно и лаже. Тоа што Обвинителството достави еден куп докази за попречување на својата работа од редовните судови и обвинителства, од државни институции тие со невидена и срамна леснотија ги отфрлија со што само потврдија уште еднаш дека се под диктат на политиката. Ниту еден правник кој држи до својата професија не би потпишал со име и презиме вакво соопштение до јавноста дека специјалното Обвинителството не се опструира и не се попречува во работата. Ако беше така немаше да се води медиумска и институционална хајка против тимот на Катица Јанева, туку ќе беше силно поддржано. Засега посилна поддршка од овие државни институции има заштитата на криминалот на високите политички ешалони што е најтрагичното сознание.

Специјалното обвинителство објави дека се почнати и нови 15 предистражни постапки за проверки за финансирање на медиумите , злоупотреба на јавните набавки, даночни затајувања , перење пари, разни коруптивни дејствија и злоупотреби на службената положба , финансиски истраги, злоупотреба на постапките кои се однесуваат на градежни работи итн, итн…

Ви реков почитувани читатели дека доаѓа големата бура. Можете да замислите колку денеска се бесни, ама и исплашени некои луѓе. Големата санта мраз која е под водата ќе ја видиме веројатно на наредната конференција за печат на обвинителството, ако дотогаш не биде укинато од попречувачите на правдата.

(Објавено во Утрински)

Коментирај:

коментари:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *