Banner
Мое ќоше

Пу, пу … не важи помилувањето

grujoz

Никола Груевски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, секогаш пред избори ако почувствува дека е пресилна негативната реакција на граѓаните, знае да се повлече и да примени политика на: ни лук јал, ни лук мирисал. Само не сме го чуле да каже – згрешивме. Ама кинескиот лук не може да се неутрализира брзо, многу повеќе мириса од домашниот.

Уште е свеж примерот со продажбата на Офицерскиот дом во Битола кога експлодира жестоко незадоволството, не само на битолчани, и кога граѓаните прашаа на сет глас кој е арамијата преправен во трговец што сака да ја продава битолската знаменитост. Веднаш се огласи Груевски и кроце по кроце, снисходливо појасни дека погрешно е разбрана добрата намера. Офицерскиот дом нема да се продава, туку ќе се реновира во нова гордост на Битола.

Некако и сега ми мириса работата дека по уште подраматичната и посилна реакција не само на обичните граѓани, туку и на стручната јавност и на голем број угледни јавни личности по срамната одлука на Уставниот суд набргу ќе уследи нејзино повлекување, односно замачкување на исплуканото, само што овој пат тоа нема да го разводенува Груевски, туку ќе се прави на „тошо“ дека ова најново злодело не е нарачано од него, или од ВМРО-ДПМНЕ, туку работата ќе се сведе на инфантилноста и амбициозноста на адвокатчето од Охрид кој го матира Уставниот суд панично со експресна брзина да носи одлуки за заштита на оние кои ја краделе народната волја на избори, што ја вознемири цела Македонија. И ако може тежиштето да се префрли на расправи во парламентот пред седум години кога е донесено ограничувањето на претседателот да не може да се помилува изборен криминал, терористи, педофили, производители и продавачи на дрога и кој што зборувал и пишувал тогаш во сосема различна ситуација. Денес имаме конкретна криминогена доктрина при веќе покрената истрага против високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ за изборен криминал да се злоупотреби Уставниот суд за враќање на правото на претседателот за помилување. Дури и да имале парламентарците на опозицијата тогаш погрешен став, едно зло пред седум години не може да се оправда со ново зло денес.

Уставниот суд ако биде доведен во позиција да го лиже тоа што го избербати ќе ја доемитува вистинската слика за себе дека е правно одделение на заедничките служби на ВМРО-ДПМНЕ за да нема повеќе забуни и излишни прашања дали навистина е можно да има држава во Европа во која највисоката инстанца за заштита на законитоста овозможува помилување за изборен криминал што според правните авторитети значи државен удар и крај на парламентарната држава во која на најсрамен начин се потврдува можноста да поминат неказнето злосторничките здруженија, дури и ако се утврди дека фалсификувале избори, донесувајќи на власт нелегитимна влада и нелегитимен парламент.

Меѓутоа, од сето ова што го приредија петте судии има и некаква полза бидејќи предизвика отрезнување во голем дел од јавноста дека е време да се открие целата вистина за она што се случувало на изборите. Груевски веќе ја знае опасноста од реакцијата на граѓаните и само прашање на мигот е да ја видиме доктрината како ќе се извлече од калта. Бргу ќе дознаеме дали петте судии кои гласаа за ваков срам на правната професија и угледот на државата ќе бидат следните жртви за да се запре масовното будење уште пред да стаса пролетта или ќе следува нарачка до претседателот на државата Ѓорге Иванов кој треба да обзнани дека нема да ја користи можноста за помилување на изборни фалсификати, на терористи, на педофили, на производители и на дилери на дроги и се’ друго што забрануваше Уставот како можност за помилување. Но, претседателот Иванов се’ ми се чини ќе биде притиснат гласно да каже дека овој став е усогласен со Владата.

Никола Груевски и пред меѓународната заедница се покажа многу послушен кога е во прашање како да се сочува власта. Цела година и како поранешен премиер и сега како лидер на ВМРО-ДПМНЕ ги исполнува сите нарачки на Америка и на ЕУ, иако за рамнотежа неговите медиумски гласноговорници и дипломатски советници на цел глас секој ден ги прозиваат и Америка и Брисел како најголеми непријатели на Македонија. Груевски го прифати договорот од Пржино, прифати дека странски служби не учествувале во прислушувањето, прифати да ги смени своите најблиски соработници во Владата и во УБК, прифати министри и заменици од опозицијата во неговата влада, го прифати формирањето на Специјалното обвинителство со специјален закон, прифати чистење на избирачкиот список, прифати да си поднесе оставка дури и повеќе од предвидените сто дена пред избори, го прифати Извештајот на Рајнхард Прибе што е според многумина најреалната оценка за вкупните состојби во Македонија, прифати одложување на изборите, иако датумот му беше бетониран… Остана уште уривањето на последниот бастион, контролираните медиуми. На крај и тоа ќе мора да го прифати Груевски, иако враќањето на професионализмот и етичноста барем до кај што ги имавме пред десет години не е можно додека Груевски не замине од политичката сцена.

Овие факти само покажуваат дека Груевски не е толку храбар како што се прикажува. Штом ќе насети опасност за престолот, веднаш попушта без око да му трепне за независноста и самостојноста, кои се алатки само за заведување на наивните.

(Објавено во Утрински)

Коментирај:

коментари:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *