Banner
Мое ќоше

Уставниот суд го спасува „Титаник“

ustaven

Се распарча во парампарчиња бетонот од 24 април, иако беше цврсто армиран како датум за предвремените парламентарни избори. Сега е забетониран нов датум за одмерување на силите на петти јуни. Таман сите воздивнавме дека конечно е на повидок излез од кризата, се огласи Уставниот суд кој донесе одлука дека изборните неправилности можат да останат неказнети ако претседателот на државата посака да ги помилува. Алал вера бре судии, има со што да се гордее вашето потомство.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, и овој пат беше категоричен како и цело време на преговорите: доста е со попуштање пред странските и домашните притисоци. Нема веќе нови и дополнителни оценки дали има услови за слободни и фер избори, вклучувајќи ги и медиумската регулација и чистењето на избирачките списоци. Крај, на петти јуни се оди на избори со или без СДСМ. Нашиот компромис е исклучиво поради вербата во народот и сигурноста во себе дека ќе извојуваме голема победа. И ЕУ и САД се уверени дека ДИК ќе има доволно време да ја заврши својата работа за прочистување на избирачкиот список и веќе нема нови процени на ЕУ и на САД дали има услови за одржување на избори, и’ приопшти на јавноста Груевски како да и’ дава апче за спиење. Иако оваа негова изјава беше најавувана нонстоп на СИТЕЛ до ситните пополноќни часови како конференција за печат, Груевски се потруди да го покаже својот однос кон реформираните медиуми, со тоа што не ги удостои новинарите да постават ни најелементарно прашање.

Новинарите не можеа да го прашаат ништо, но затоа како одговор стигна најновата изјава на Јоханес Хан. Toj вели дека е добро што е жив договорот од Пржино, но дека сега сите партии треба да притиснат за да се остварат кредибилни избори и да се реализираат реформските приоритети, вклучувајќи ги и медиумите. Тоа било став и на Европската комисија. Ете пак стасуваат отровни прашања и барања околу регулацијата на независноста на медиумите, сакал Груевски или не сакал. Никако тоа да престане да не биде услов за слободни и веродостојни избори.

Компромисот на Груевски и претставата во јавноста дека премногу попушта и на ЕУ, и на Америка, и на опозицијата, веројатно уште еден период ќе остане непознатица зошто прифати да поднесе оставка, да се формира специјално обвинителство и специјален закон, зошто ги жртвува своите најблиски соработници во владата и во партијата и ги принуди да поднесат оставки, зошто прифати чистење на избирачкиот список и регулација на медиумите кои му се најсилната тврдина… Колку и да се силни притисоците однадвор и однатре кога човек е чист, може да им каже гласно и јасно да си ја гледаат својата работа бидејќи, нели, општопознато е во светот дека Македонија е демократска земја каде што судството и владеењето на правото се беспрекорни, сите знаат дека медиумите се самостојни во своите уредувачки политики, нема потреба од специјални судови и обвинители кога премиерот и министрите се чесни луѓе и не го прекршиле со ништо законот, па затоа никој не може да се меша во работата на легитимно избрана власт која негува парламентарна демократија и каде што надлежните институции за контрола на владата функционираат без никакви пречки. Се разбира, од ова нема ништо во Македонија и затоа во сите анкети, без оглед на рејтинзите на партиите, најголемо е незадоволството од судството. Најголем процент од граѓаните не веруваат во организација на фер и слободни избори, како што не веруваат ни во можноста за пресметка со корупцијата и организираниот криминал. Јавноста во сите истражувања каде што се поставени прашања за изборните неправилности е убедена дека има сериозни нарушувања на правото на слободен избор, а голем процент од населението не верува ни дека е гарантирана тајноста на гласање.

Најновата потврда дека не само што имало изборни неправилности, туку дека тие можат без голем ризик да се прават и во иднина експресно стаса од Уставниот суд кој барањето на право за помилување осудени за изборни неправилности го прифати со гласање пет спрема четири. Уставниот суд го отвори патот на претседателот Ѓорге Иванов да ги помилува осудените за фалсификување на изборите и досега и отсега понатаму. Уставниот суд се стави во заштита на изборните кражби кои спаѓаат во тешки кривични дела и загроза на општествениот систем и парламентарната демократија. Вакво право кога се работи за изборни нерегуларности досега немаше ни владата, ни претседателот. Ете ни се случи и тоа во земјата безнадежија Уставниот суд со прегласување да му даде право на претседателот на државата да помилува луѓе кои ја украле, или допрва ќе ја украдат волјата на народот. Ваквото право на претседателот на државата беше укинато во 2009 година од владата на Никола Груевски бидејќи беше опасно таква можност да има Бранко Црвенковски. Сега кога имаме судски случај „Титаник“ и кога е претседател Ѓорге Иванов, не смее на никој од највисокото раководство на ВМРО-ДПМНЕ ни влакно на главата да му фали без оглед колку се огрешил од законите. Лицемерноста на оваа одлука на Уставниот суд оди дотаму што божем е донесена иако Владата е против. Ауу, каква храброст на петте уставни судии кои гласале „за“ и каква сервилност на четирите кои гласале „против“. Божем, никој не знае во државата кои во Уставниот суд се судии, а кои партиски извршители.

Ајде по ова, оди кажи дали некој здраворазумен може да верува дека на петти јуни, на петти септември, на петти октомври или кога било додека е оваа власт, може да има регуларни избори чии фалсификати се под заштита на претседателот на државата и Уставниот суд на Македонија.

(Објавено во Утрински)

Коментирај:

коментари:

Овој текст има еден коментар

  1. kulemk

    novinar, poleka prasaj nekoj sudija sto znachi pomiluvanje?

    sudija kazuva: pomiluvanje sledi na osudenik koj odlezal 2/3 od kaznata sto znachi site storiteli na izboren kriminal treba da se osudat da lezat zatvor pa posle da se pomiluvaat, eventualno ako bide ” niven ” pretsedatel.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *