Banner
Мое ќоше

Ќе научиме ли нешто…

sudstvo

Ќе научиме ли нешто од нашите патила, катастрофални грешки и несреќи. Ова што ни се случува со години и децении е голем рудник на историски искуства кои, за жал, досега само ја докажуваат трагичната вистина дека кај народите со кусо паметење историјата често се повторува како фарса. Ако ги погледнеме фактите и настаните кои веќе сме ги преживеале болно и со жртви, за кои сме платиле висока цена, за кои сме ги задолжиле идните генерации, човек просто не може да верува дали дотаму дошле работите што амнезијата станала толку епидемична што длабоко го поматила здравиот разум.

Во Македонија денес се води жестока пропагандна војна што е тоа пресумпција на невиност. Кој е тој што ги прогласува луѓето за виновни пред да одлучи судот. Лажно наметнатата дилема е дали е тоа судот или политиката. Коџамити, универзитетски професори од Правниот факултет, судии, адвокати, обвинители впрегнати во партиски кочии се „пенават“ на телевизиите кажувајќи и’ на нацијата кога се исполнети, а кога не се исполнети законските предуслови за искажување на мерката притвор и колку е страшно нарушувањето на пресумпцијата на невиност. Оваа полемика мора да им е многу смешна на повеќе главни уредници и новинари на црните хроники по медиумите кои ги добиваа поканите од партиските штабови дека утре сабајле или на пладне ќе има интересни снимки од апсења и притворања на осведочени непријатели на власта, што автоматски овде значи и на државата, по што веднаш ќе уследат изјави на надлежни и ненадлежни министри и партиски аналитичари.

Секоја чест на исклучоците меѓу овие стручни луѓе од законодавството, професурата и адвокатурата кои имаат подолго време козистентен став во врска со лесното посегнување по мерката притвор каде што во познатиот казамат, рамен на средновековните апсани, често и противзаконски и противчовечки гнијат луѓе со години, во т.н. робијашки притвор. Обичните граѓани кои не се соочиле со оваа мака не можат ни да претпостават што значи да ве фрлат со месеци во зандана, во која одвај можат да дишат воздух 150 луѓе, а се сместени над 500 притвореници кои чекаат судење во услови во кои тешко би опстанале и кучиња. Нивното заминување од Шуто Оризари во Идризово е рамно на празник.

Двете основни начела во правото уште од првата лекција на бруцошите подобро илјада виновни на слобода, отколку еден невин во затвор, денеска се разгледува како партиска, политичка и правна лектира само затоа што овој пат улогите се променија. Луѓето од врвот на власта се соочија со проблемот на пресумпцијата на невиност и со мерката притвор. Врисокот е до небото. Многу болело. Наеднаш и кај властите и нивните одработувачи во медиумите се појави до вчера забранетата тема: кога се исполнуваат законските услови за притвор и што значи кога ќе се соопштат јавно имињата на основано или неосновано осомничените пред да се донесе судска пресуда и пред да бидат прогласени за виновни. Бесот и создадената лажна претстава за себе во јавноста ги заслепува во првичните реакции, па наместо на законите медиумските адвокати се повикуваат на патриотизам, на светска завера, на подметнувања од предавници и непријатели на татковината.

Одговорот е одамна познат и кај нас и во светот. Со години ги гледаме психопатски и сеирџиски „туѓите“ несреќи. Ги читаме молкум на насловните страници крупните букви со имињата на осомничени кои се осудени со месеци порано пред да пресуди судот. Мерката притвор со невидена леснотија и по автоматизам следува редовно по телевизиските апсења со лисици и со маски и качулки на главите на специјалните полициски единици, дури и за банални престапи кои и’ служеа на власта за застрашување на јавноста, небаре правната држава функционира. Главната одбрана на режимската власт беше дека не треба да се секираат тие што се невини. Само што невините требаше да докажуваат дека не се виновни, а не судот да ја докаже вината, што се смета за најголема злоупотреба на политиката во судството.

Таквиот жесток притисок врз судството очигледно не беше доволна историска лекција. И во најправните држави во светот каде што владеењето на правото е светина, далеку е поголем процентот на личности кои го напуштаат судот со ослободителна пресуда отколку кај нас. Се’ што уапси оваа власт прогласи за виновно пред судење. Дури и кога во судската постапка во повеќе случаи се виде дека недостасуваат елементарни докази мораше да падне пресудата виновен, барем онолку колку што невините луѓе лежеле во притвор. Пресудите на македонските судови и на партизираниот правосуден систем и кога ќе се докажеа како неправедни во Стразбур, оштетените не добиваа барем мала медиумска рехабилитација како кога е нарушувана заштитата на невиност кога луѓето биле притворани пред камери и кога биле држени со месеци неправедно во притвор. Судовите и судиите кои имаат најмногу соборени пресуди во Стазбур, немаат никакви последици за своите грешки , дури за некои тоа е партиска препорака за напредување.

Еве неколку прашања за правните експерти кои ја бранат власта и судството и кои овие денови како од Марс паднати проговорија за пресумпција на невиност и мерката притвор, откривајќи еден друг агол.

Прво, дали воопшто во Македонија ќе имаше потреба, или некој од надвор ќе се осмелеше да предложи формирање на специјално обвинителство и специјален закон ако законите се почитуваа, а обвинителствата и судовите во сите инстанции ја делеа правдата подеднакво за сите граѓани. Дали воопшто во некоја правна држава се случило за десет години да не биде обвинет или осуден ниту еден актуелен висок функционер за корупција и за организиран криминал. Толку ли е чесна власта во Македонија. Можат ли осомничените самите себе да си судат.

(Објавено во Утрински)

Коментирај:

коментари:

Овој текст има еден коментар

  1. Dobrinka

    Те читам често ама ова ти е вонсериско. Супер.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *