Banner
Мое ќоше

Нови ѕвезди на небото

fatime-fetai-i-lence-ristovska1

Блеснаа нови ѕвезди на темното македонско небо. Осветлија нова надеж дека конечно чесните луѓе можат да живеат слободно и без страв во нормална држава со сите нишани на државност. На повидок е нова ера на големи промени, на тешка политичка и сеграѓанска борба за слобода, за демократија, за владеење на правото, за независно судство и за слободни медиуми. Доаѓа време на враќање на човековите права и достоинство. Денешните генерации граѓани на Македонија имаат историска шанса, рамна на АСНОМ од 2 Август 1944 година и Денот на прогласување на независноста 8 Септември 1991 година. Треба да влезе во историјата со крупни букви и 12 февруари 2016 година кога Специјалното обвинителство ја обзнани законската и уставна постапка за враќање на правната држава и правдата. Останува на граѓаните и на институциите на системот, на политичките, деловните и интелектуални елити, на сите граѓани да се приклучат на борбата за законитост и правда, да се даде силна поддршка во изградбата на ново демократско општество.

Првпат во поновата историја на овој начин транспарентно се слушна гласот на правото. Слушнавме и разбравме, иако се’ уште има соучесници кои сакаат да го укинат и стишаат гласот на законите дека се одвива истрага со основани сомненија за сторени тешки кривични дела во изборните процеси на високи државни и партиски функционери. Високопрофесионалниот јавен исказ на специјалните обвинители дека се осомничени министри, високи државни службеници во Владата, партиски функционери, судии и поголем број засега непознати луѓе за злосторничко здружување и фалсификување на народната волја на локални и државни парламентарни избори предизвика голема загриженост, револт и сомнеж дека станува збор за највалканиот и најопасен политички криминал да се фалсификува слободниот избор. Обраќањето на јавните обвинители до јавноста предизвика шок кај владејачката партија која одвај состави некакво конфузно соопштение дека партиските функционери не се огрешиле од законите. Изненадувањето беше големо и во стручната јавност. Соопштенијата на специјалните јавни обвинители и кај најискусните судии, адвокати и обвинители предизвикаа почит за професионалниот пристап и преданоста кон законска истрага која неминовно води кон судска разрешница.

Она што посебно ги вчудовиди сите е сознанието за реалната опасност дека подолго време со државата управувала нелегитимна влада составена од луѓе кои на незаконски начин ја приграбиле власта и ги узурпирале институциите на системот. Познати и угледни адвокати, судии и обвинители укажаа дека за вакви изборни неправилности ни претседателот на државата нема право на помилување или аболиција. Ваквите кривични дела доколку се докажат, се рамни на најтешка злоупотреба на функцијата за подривање на општествено економскиот и политичкиот систем на државата. Она што допрва треба да го анализираат правните експерти е дали се можни какви било избори додека овие истражни постапки не добијат правна разрешница. Дали луѓе од највисокиот врв на владејачката партија можат да учествуваат на избори ако се основано осомничени за изборни неправилности и фалсификати.

Блиску до здравиот разум е додека не се расчисти судски истрагата на Специјалното обвинителство, не можат да се одржат кредибилни избори со истите актери кои треба да ја докажат својата невиност во судот. Јавноста која ќе се определи за владеење на правото треба да даде решителна поддршка за формирање на специјални судски оддел кој ќе ги има сите гаранции и предуслови за фер и законито судење. Само така се отвораат вратите за влез во новата ера во Македонија. Првиот чекор е направен решително, но илузија е ако се мисли дека оваа битка може да се добие само со работа на специјалното обвинителство. Пресудна ќе биде улогата и поддршката на јавноста, која конечно мора да дознае дека Специјалното обвинителство не е шпионски центар на ЕУ и на Америка за дестабилизација на државата како што најавуваат највисоките владини и партиски функционери на ВМРО-ДПМНЕ и нивните медиумски труби, туку сосема обратно, Специјалното обвинителство во моментов е најсветлата точка за излез од длабоката политичка и морална криза и за европеизација и развој на Македонија.

Деновиве во јавноста помина прилично незабележано ексклузивното интервју во „Утрински весник“ на Лаура Ковеси, државниот специјален обвинител на Романија, или како што таму се нарекува обвинител на Државниот антикорупциски директорат. Ова специјално обвинителство за неполни две години регистрираше над 5.900 предмети, а против повеќе од 1.200 луѓе се покренати обвинителни акти за случаи на корупција на средно и високо ниво. Во 2015 година на судење се испратени еден актуелен премиер, пет министри, пет сенатори, 80 градоначалници, 14 судии, 42 полицајци и 32 директори на национални компании. Само лани по судските постапки специјалното обвинителство нареди да се вратат 494 милиони евра, колку што била оштетана државата. Во последните седум години во Романија судовите донеле пресуди во случаи против еден поранешен премиер, шест министри, 13 пратеници, пет сенатори и повеќе од 56 обвинители и судии.

Романското специјално обвинителство функционира со 140 обвинители, 190 полицајци и 50 експерти. Полициските службеници се вработени во специјалното обвинителство и не се подредени на шефот на националната полиција и на министерот за внатрешни работи, туку се директно подредени на специјалниот јавен обвинител. По разрешување на првите случаи со корумпираните романски крупни риби во високата политика, ова обвинителство доби огромна поддршка во јавноста.

И македонското Специјално обвинителство со својот храбар старт во борба против криминалот и корупцијата на највисоките политички ешалони брзо ќе ја стекне довербата на јавноста. Треба да се биде упорен и стрплив, да се издржат заканите и опструкциите на тие што стравуваат да се соочат со законот. Правдата мора да победи и во Македонија.

(Објавено во Утрински)

Коментирај:

коментари:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *