Banner
Мое ќоше

Пропаднаа ли преговорите

han

Кој ќе биде виновен ако пропаднат преговорите за реализација на договорот од Пржино. Тоа може лесно да се открие ако се прифати вистината дека за излезот од кризата преговараа и договараа само две страни: власта и опозицијата. Четирите политички партии само ги претставуваа двете страни. Едната која постојано победува на избори во изминатите десет години не дава доволно ни време, ни гаранции дека до 24 април ќе се отстранат сите пречки за слободни избори што ги предвидува договорот од Пржино. Другата страна, опозицијата, е категорична додека не се создадат предуслови за беспрекорно чисти и веродостојни избори не сака да чуе да оди на нерамноправно одмерување на силите. Досегашните победи на власта се со сериозни сомнежи за злоупотреба на институциите на системот, особено на МВР за што се поднесени кривични пријави во кои има основани индиции дека имало големи нерегуларности и фалсификати на претходните избори. Изборните неправилности се првиот предмет за обработка на Специјалното обвинителство. Тука треба да се бара причината зошто на власта и’ се брза во што е можно покус рок да се одржат изборите и да се оди на истата добитна комбинација како и досега.

Режимот на Никола Груевски според пропагандата на провладините медиуми изгледа доби поддршка од Брисел, да не дојде до разрешување на длабоката политичка, економска, морална и духовна криза во која Македонија тоне се’ подлабоко и е на пат кон исчезнување. Еврокомесарот Јоханес Хан е прикажан на телевизиите во Македонија дека ја прифатил лажната претстава како вистина дека за одржувањето на изборите на 24 април 2016 година стојат три политички партии, а само една е против, што се толкува како доволна гаранција за слободни избори. Потисната е вистината дека во суштина има само две страни, власта и опозицијата. Партијата ДПА на Мендух Тачи е недефинирана дали е со власта или е и опозициска бидејќи нејзиниот лидер Тачи јавно прокламираше лојалност кон ВМРО-ДПМНЕ и Груевски до смрт, а опозициска активност практикува само кон Али Ахмети и ДУИ. Само еден ден пред завршните преговори Мендух Тачи изјави дека не доаѓа предвид да се оди на избори на 24 април ако нема гаранции дека ќе бидат слободни и фер. Изгледа Тачи под гаранции подразбира нешто друго, нешто што овозможува експресно да го смени мислењето и да прифати дека најновата понуда е фер и прифатлива.

На власта и нејзините коалициски партнери се приклучи и претседателот на ДИК со своја гаранција дека ќе нема пречки за слободни избори и дека до 24 април ќе бидат исчистени избирачките списоци од мртви души и гласачи кои редовно гласаат на по неколку места. Според соопштенијата во јавноста кои постојано се повторуваат и ОБСЕ ги прифатило гаранциите дадени за фер избори од трите партии и од ДИК, со што се принудува целата опозиција да го прифати предлогот на власта без целосно остварување на договорот од Пржино. Дополнителните појаснувања што доаѓаат од кабинетот на Хан не се доволно прецизни за да се разберат како деманти на она што власта го претставува во Македонија.

Многу брзо ќе се увериме дали тоа значи дека Запад ја постигна целта со тоа што го ослаби и го направи послушен Груевски, а за возврат се определи да го поддржува уште извесен период авторитарниот и коруптивен систем инсталиран во Македонија со задушени институиции на системот и заробени медиуми. Ако навистина е синхронизиран овој став меѓу ЕУ и Америка да се даде поддршка на режимнот на Груевски, тоа набргу ќе се види по усогласените изјави и пораки дека нема пречки да се оди на избори на 24 април. Што ќе испорача Груевски за тоа и по која цена не ќе може да се сокрие. Прашање е само дали јавноста во Македонија ќе има можности нешто од тоа да спречи. Или работава ќе биде доцна, е синко резето падна.

Прифаќањето на датумот за избори како поголем приоритет и позначајно од тоа какви ќе бидат изборите по цена да се продолжи векот на еден недемократски и авторитарен политички систем и натаму да трае злоупотребата на власта со сериозно масовно нарушување на човековите порава без да се почека судска и правна разврска на кривични дела кои произлегуваат од прислушуваните разговори ќе биде следниот наш домашен срам, но и голема срамота за ЕУ и големите сили кои подржуваат недемократски системи. Очигледно срамот и образот во политиката малку значат, ама уште посрамно е што малку значат и за јавноста.

Каква разврска е можна понатаму. Ако се во прашање само лични мотиви на Јоханес Хан да не ја препознава лагата дека не се четири страни во преговорите туку само две, власта и опозицијата, тогаш реакциите на повисоките инстанци од Брисел и од Америка ќе мора да ги уважат реалностите, за Груевски пак да ја покаже својата послушност и да прифати ноторен факт дека поважни се квалитетот и веродостојноста на изборите од датумот кога ќе се одржат. Истото тоа му го кажал и потпретседателот на Америка, Џо Бајден, судејќи по соопштението од средбата. Во спротивно, постојат две насоки од кои ниту едната не ја разрешува кризата, туку само ја продлабочува. Да се одржат избори на 24 април без учество на опозицијата, или како ништо да не се случило, да продолжи мандатот на Груевски до 2018 година кога се редовните избори. Не знае човек што е полошо.

(Објавено во Утрински)

Коментирај:

коментари:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *