Banner
Мое ќоше

Заев на Канал 5

zaev

Лидерот на опозицијата имаше интервју на Канал 5, вообичаена и банална вест. Така е во која било земја со пристојна демократија. Во Македонија тоа е вистинска сензација, замислете не по тоа што кажал Заев, туку како се случило сатанизираниот опозиционер сам да влезе во забранета зона и да одговара на прашања на главната уредничка, која видно вознемирена му соопштува и на гостинот што го поканиле и на јавноста дека Заев бил принуден да даде интервју за Канал 5.

Да се крсти човек со две раце. Попрво ми личеше работата дека тие морале да го поканат за да покаже власта дека во екот на преговорите за слободата на медиумите, како еден од условите на договорот од Пржино, можно е и тоа чудо Заев да биде на телевизија која е блиска на Владата. Во секој случај, добро е што се појави Заев на едно минско поле и успеа да го преживее оставајќи одличен впечаток, особено со тоа што барем потсети на едни времиња кога ваквите разговори и интервјуа беа секојдневна професионална новинарска работа безмалку во сите медиуми. Сензацијата ќе беше првокласна ако Заев и Груевски стигнаа заедно во Канал 5 и се соочеа на главната тема која е од исклучително значење за иднината на државата, а тоа е каде го гледаат излезот од политичката криза и зошто договорот од Пржино кој го прифатија и двајцата практично е зарибан, па мора да го одблокираат странци и разни олеснувачи. Таков филм очигледно нема да гледаме додека не дојде до демократизација на земјата на ниво од пред 20 години.

Како и да е, се случи и тоа, Зоран Заев, за неполни три години колку што е претседател на најголемата опозициска партија, да се појави на забранетите телевизии со свое мислење за клучни прашања во држава која е кандидат за влез во ЕУ и која само во Уставот се нарекува парламентарна и повеќепартиска. Заев како гостин се има појавено помалку отколку прстите на една рака на овие телевизии што тој ги нарекува погрешно „непријателски“ кон СДСМ. Черечењето и плукањето по Заев и опозицијата на овие телевизии се со минутажа поголема од турските серии. Од него поприсутен е само премиерот Никола Груевски, но само со славопојки и фалби. Во овие најгледани телевизии токму поради сапуниците и српскиот турбофолк и загадочните фарми во живо, немало никогаш ниту една критика за работата на премиерот или на Владата. Тоа се вика професионална уредувачка политика.

Во изминатите десет години, најтрагичното сознание за медиумската катастрофа што ја снајде Македонија е фактот што повеќе генерации млади луѓе не видоа што е тоа вистинска домашна професионална телевизија, јавен сервис, или кој било друг медиум, весник или интернет-портал. Навистина, постојат неколку медиуми, кои успеваат да го одржуваат достоинството на новинарството и професијата и да бидат блиску до професионалните норми, но се’ уште сме далеку од тоа што во светот се вика добро и независно новинарство и слободни медиуми. Многу често одделните критики на некои авторски колумни се сметаат за доказ дека има слобода, дури и за непријателите, предавниците, кодошите и за странските платеници. Тоа медиумските аналфабети и слепи партиски војници го сметаат за демократија и толеранција и притоа укажуваат на опасност од анархија, некаква претерана слобода која нанесува штета на државните интереси. Тие заробени умови се убедени дека македонските медиуми имаат голема независност и дека нивното сместување заедно со црните диктатури на дното на светските ранг-листи е злонамерен притисок и заговор против Македонија.

Се разбира, вистината е во тоа што контролираните медиуми не го објавуваат, а не во тоа што трубат дење-ноќе една иста песна за големите успеси и достигнувања на власта. Деградацијата на медиумските слободи во Македонија трае близу десет години и на добар пат е целосно да се заврши работата. Во овие десет години згаснати се повеќе телевизии, на некои брутално со рекет им е одземена сопственоста и комплетно сменета уредувачката политика сосе цели новинарски тимови и уредници. Уништени се повеќе дневни и неделни весници, а добивањето национална концесија за телевизиите е хорор, ако нема партиски амин. Ниту еден сериозен медиумски странски инвеститор не инвестираше во нови медиуми во Македонија. И тие што беа присутни ја напуштија земјата поради нерегуларен пазар и поради политички притисоци. За десет години во главните мејнстрим медиуми се сменети над 50 главни уредници и комплетни уреднички тимови само за да се воспостават целосна цензура и политичка контрола.

Зоран Заев конечно се појави на Канал 5, а дали знаете колку луѓе се на црната листа на контролираните телевизии кои никогаш ниту се повикани, ниту смее некој да преобјави нивна изјава. Стотици познати јавни личности во Македонија кои имаат спротивен став од власта и ги препознаваат Потемкиновите села на лажните успеси се проскрибирани на овие телевизии и не можат да го кажат своето мислење. Дали на овие телевизии сте виделе со години барем една дебата на неистомисленици. Тие одамна не се информативни куќи, туку пропагандни политички фабрики кои работат во три смени за производство на омраза, магла и лаги. Наместо телевизии, со години сме изложени на пресија од груби комерцијални пропагатори на невкус, примитивизам и провинцијализам. Нивните оџаци чурат со дозвола за слободно труење на јавноста поопасно од загадувањето на човековата околина.

(Објавено во Утрински)

Коментирај:

коментари:

Овој текст има еден коментар

  1. budimko

    Sirota zena,se zapletka sosema…me potseti na gradezniot inspektor koj izdal resenie za urivanje na fakultetot na Fijat,za vreme na isprasuvanjeto pred anketnata komisija.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *