Banner
Мое ќоше

Се открија долгите нозе на лагата

vmro

Премиерот Никола Груевски успеа да ја демантира народната поговорка „кратки и’ се нозете на лагата“. Докажа дека и цели десет години може успешно да се држат во заблуда илјадници луѓе ако се обневиди јавноста со пропаганди, ако мнозинството онеми од страв и ако од корупција и привилегии сосема оглуват контролата, парламентот, полицијата, судовите и медиумите. Меѓутоа, нема вечни лаги, или како што би рекол за други потреби нашиот голем реформатор, вистината е како шило, кога-тогаш ќе го пробие патот до кај што треба. Овој пат верувале или не, неговиот телевизиски мит за многу успешните економски реформи, со кои му е полна устата дење-ноќе, го урна Државниот завод за статистика и дубиозите во државниот пензиски фонд. Кога чергата е пократка од испружените раце и нозе на власта, кога- тогаш ќе се открие измамата.

Во новата година првите бомби не ги фрлија ни Заев, ниту специјалната обвинителка Јанева, туку една државна институција која е под контрола на Владата, Заводот за статистика. Се работи за најзначајниот критериум за успешноста на економските реформи и за успешноста на една влада, а тоа се платите и стандардот на граѓаните. Или кажано најпрецизно, за колку се качиле примањата и колку се подобрил животот на граѓаните во годините на децениско владеење. Работата е ептен тапа, за шест години и покрај сите напори да се разубави сликата, платите во Македонија пораснале само 759 денари, или 12 евра. Во просек по две евра годишно. Ако пак се измери што граѓанинот можел да купи со просечна плата пред шест години, а што може да купи со тие пари денес, тогаш се гледа целата катастрофа на големите реформи и реформатори во земјата на светскиот првак во бизнис-клима.

Информацијата не е непозната и не е нешто што јавноста во Македонија не го знае и не го чувствува на свој грб. Меѓутоа, овој пат бројките не доаѓаат од разни меѓународни асоцијации, ниту од домашните непријатели и странски платеници, туку директно од дворот на Владата, соопштени најверојатно без намера да се види лажниот сјај на економскиот напредок. Па така пред крајот на годината што измина, просечната плата во Македонија достигнала до фантастични 22.123 денари, или 361 евро. Тоа е само 759 денари повеќе од просечната плата исплатена во декември 2010 година кога платите изнесувале 21.454 денари. Во декември 2011, пред пет години била уште пониска и изнесувала 21.415 денари, во 2012 година 21.469 денари, во 2013 стигнала до 21.500, а во 2014 се качила на 22.407 денари за на крај да стигне до 22.123 денари.

Оваа тажна слика на сите големи достигнувања е уште потрагична ако малку се раздвојат месото, оризот и зелката во сармата, па ќе се види дека над 70 отсто од платите во Македонија изнесуваат одвај околу 18.000 денари или помалку од 300 евра што според европски критериуми се смета за мизерија, под ова се само луѓето кои гладуваат кои исто така не се малку во Македонија, односно сите што живеат од сто евра месечно социјална помош и што користат минимална пензија. Тие луѓе се соочени со гладување и не знаат како ќе го преживеат месецот. Само девет отсто од вработените во државата земаат плата меѓу 20.000 и 30.000 денари колку што изнесува социјалната помош, на пример, во Словенија. Од сите вработени само 2.3 отсто имаат плата поголема од 30.000 денари или 500 евра. За најскромен живот на едно четиричлено семејство се потребни 500 евра месечно. Па сега измерете добро до каде стигнаа големите економски реформи и успеси на Владата и реформаторот број еден.

Македонските плати покажуваат уште нешто кое многу подлабоко ги открива лажните реформи. Стана јасно дека економскиот раст од три и четири отсто годишно во сите овие години е вештачки напумпан со заеми од светските банки. Доколку економскиот раст беше реален, платите ќе беа поголеми. Истовремено се откри целата измама со новите вработувања. Владата и лично Груевски си припишаа голем историски успех во намалување на невработеноста. Велат за десет години вработиле 150.000 невработени и дека невработеноста од рекордни 38 проценти паднала на нецели 26 проценти. Ако 150.000 нововработени за десет години беа на продуктивни работни места, со економскиот раст од над три отсто, платите требаше за десет години да пораснат во просек над 500 евра месечно. Но вистината е сосема поинаква, од 150.000 нововработени над 60 отсто се во администрацијата која се дуплира и од 70.000 порасна на 140.000, а според некои неофицијални податоци, таа веќе ја надминала бројката од 150.000 буџетски потрошувачи.

Сега ви текнува зошто треба толкав буџет и толкаво заборчување за да се сервисира армијата од администрација и најголемата партиска и изборна база. Ако од 150.000 нововработени за една деценија, околу 80.000 се вгнездиле на буџетските јасли, а околу 300.000 млади луѓе заминале легално од Македонија во странство според податоци на Светската банка, а според домашни извори кои никогаш не се демантирани таа бројка е поголема и се движи околу 400.000 граѓани кои во последните десет години ја напуштиле Македонија во потрага по егзистенција и подобар живот, тогаш веќе не е потребно некое специјално истражување. Така се разоткрива и целата лага околу намалувањето на невработеноста. Иселувањето во странство на младите и образовани кадри, нивното бришење од евиденција и драматичното задушување на квалитетната администрација со трипати повеќе вработени партиски активисти на измислени работни места отколку што е потребно, лажниот раст на економијата и расипничкиот буџет ја откриваат целата лажна слика за големите економски успеси очигледно само во пропагандата.

И втората новогодишна бомба стигна од Државниот завод за статистика. Се надевам дека нема да го сменат директорот, или некој што ги обелоденил податоците од јавен интерес. Втората бомба е за големата измама со земјоделските субвенции. Во годината што измина, Македонија потрошила половина милијарда евра за увоз на храна, над 30 милиони евра повеќе отколку претходната година. Не треба да се биде економист, па да се праша човек каде отидоа над 500 милиони евра земјоделски субвенции со кои секој ден по три пати се фали премиерот Груевски. Кои резултати ги даде оваа политика на субвенции како мала социјална помош на вистинските земјоделци кои и натаму живеат во беда и сиромаштија и големи коруптивни милиони евра за новите олигарси кои приграбија со амин на власта државно земјиште. Тоа ли е резултатот од субвенциите кога се дават бадијала стотици хектари пасишта за чување на 50 кози и на тоа следуваат субвенции од државната каса. Тоа не е ништо друго туку чист арамилак зад грбот на вистинските земјоделци кои се задоволни што можат да добијат понекоја трошка од трпезата на новите чифликсајбии.

Третата новогодишна бомба стигна директно од Владата, од Министерството за труд и социјална политика, а се однесува на дубиозите во државниот пензиски фонд. Ако таму се отвори Сезам, сигурно ќе излезат Али Баба и 40 разбојници. Државниот фонд што не уплатил 12 милиони евра во приватните пензиски фондови, пари на идните пензионери, е само врвот на сантата мраз за еден од најголемите грабежи во македонската мачна транзиција. Имено, ако таму се истражува големината на црната дупка која чини стотици милиони евра годишно, прво треба да се открие зошто пензионерите кои цел работен век издвојувале пари за пензиско осигурување сега земаат пари од државната каса. При нивни пари кои солидарно ги отстапиле на државата со нив да работи 30 или 40 години, сега треба да се чувствуваат дека Владата им дава пензии и милостина да одат на бања и да се возат со автобус. Како тоа тие што го полнеле буџетот со децении сега треба да гледаат во Груевски како добродетел кој божем им подарува нешто платено и преплатено од нивните пари.

Има уште една многу голема дупка во пензискиот фонд. Треба да се открие пред јавноста каде отидоа акциите од сите приватизации во државата од кои 15 отсто, според законот, му следуваа на државниот пензиски фонд. Кој и по која цена ги купи тие акции, а кој ги продаде и со чија одлука.

Видлива е наредбата од врвот на власта до контролираните медиуми дека овие теми се строго забранети. Се открива дека делењето пари од државната каса како предизборна корупција и заборчувањето во светските и домашните банки не биле реформи.

(Објавено во Утрински)

Коментирај:

коментари:

Овој текст има еден коментар

  1. Robert P.

    Bravo za analizata. Odlicno cetivo za studentite po ekonomija ;), a za sekoj gragjanin neminovno.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *