Banner
Мое ќоше

Заврши трпението на Груевски

grujoz

Трпението на премиерот Груевски, кое беше дојдено до пред крај, веќе заврши. Не е баш во христијански дух да се изгуби воздржаноста која води кон спасение, ама се’ има граница на издржливост. Ова што му го прават домашните и надворешните непријатели на Груевски и на Владата богами веќе не се издржува. Сега треба сите грешни да се чуваме скриени, замолчени и премрени од страв оти имаме премиер со огромна моќ и напуштено трпение.

Чашата ја прели специјалната обвинителка Катица Јанева која замислете, каква дрскост, побарала притворот на Зоран Верушевски да се замени со домашен притвор, односно со други предострожности. Тоа е само еден од крунските докази дека државата е киднапирана и се држи во заложништво како што навреме предупреди премиерот. Навистина, мора да е многу страшно кога на еден авторитарен премиер кој десет години владее без демократска, институционална и законска контрола против негова волја му се случува инсталирање на специјално обвинителство за истражување на кривични дела од содржините на масовното прислушување. Тешко е да има трпение кој било премиер, освен нашиот, ако некој му ги менува првите соработници и министри, а тој молкум да го одобрува тоа. А колку е шокантно, можете само да претпоставите, ако три месеци пред избори владетелот е принуден да го напушти тронот, а пред тоа да ги ослободи медиумите од заробеништво, да ги исчисти избирачките списоци од гласачи кои гласаат по неколку пати за него со лажни лични карти која ги печатела и фалсификувала опозицијата во спрега со криминалци заштитени од власта.

Ајде припомнете си кој режим трпи да одлучува некој друг колку години треба да седи во притвор некој за кој власта и без судење знае дека е шпион. Прв се огласи, кој друг ако не, кардиналот Ришеље. Господинот Антонио Милошоски даде веднаш пресуда за барањето на специјалната јавна обвинителка Јанева. Пресече како со нож: Јанева падна на првиот испит за независност, законитост и објективност. Кардиналот ја даде конечната оценка, една голема единица по знаење и уште поголема единица по поведение и идеологија. Се разбира дека Милошоски знае дека одземањето пасош и преземањето други мерки на изолација освен притвор кој трае цела година не се ослободување од обвинение. Нагласувањето кај владините пропагандисти дека Верушевски се пушта на слобода е лесно читлива пропаганда чии нарачатели, всушност, се плашат од независноста и професионалноста на Специјалното обвинителство.

Оваа валкана 24-часовна кампања во едно деноноќие и директен притисок што се прави врз обвинителката Јанева и нејзиниот тим само покажуваат колку била неопходна една ваква независна институција. Такво паралелно обвинителство никогаш немало да се случи доколку Македонија имаше независно судство во сите инстанции. Кој премиер и која влада со самодоверба, ако е чиста и подготвена да се соочи со законите, би дозволиле да се оформи паралелно јавно обвинителство, да се назначуваат технички министри, заменици, да се одредува надвор од парламентот датум на избори. Кој премиер, ако е чист и чесен пред законите и пред себе и кој толку многу ја сака својата татковина и се колне во својот народ, ќе дозволи поради неговата фотелја некој да му ја составува владата. Во такви ситуации има само две решенија, или поднесувате неотповиклива оставка, или нема попуштање некој друг да составува влада, или да одредува кога треба да се поднесе оставка, кој и какви закони треба да донесе во парламентот. Не’ плашат дека ќе сме биле протекторат ако замине Груевски. Тоа звучи смешно бидејќи оваа варијанта на управување која сега е во сила во Македонија е многу посрамна и попонижувачка од каков било официјален и јавен меѓународен надзор, било да е во прашање монетарен борд, или политички мониторинг, техничка, или експертска влада за подготовка на слободни избори, некаква друга влада на национален спас, или што било друго легално донесено и под демократска контрола на надлежни институции, со единствена цел да одиграат привремена улога да можат граѓаните слободно без страв и притисоци, без корумпирани медиуми и пропагандисти, да се определат на избори.

Во целата оваа калакурница најтрагикомични се приказните дека практично Груевски не се бори против опозицијата и марионетата Заев, туку против Америка и Европската унија, односно некои влијателни членки на ЕУ кои сакаат да ја уништат Македонија. Па така нашиот стратешки партнер Америка и најголемите наши трговски партнери и инвеститори, нашите најголеми заемодавачи и кредитори, нашите најголеми донатори на неповратна финансиска помош сакаат да ја нема Македонија. Тоа не било поради нашата геостратешка положба која ја немаме и која е важна колку ланскиот снег, ниту поради големите нафтоносни полиња и рудниците со дијаманти и злато кои ги немаме, туку поради тоа што Европа ќе морала да пишува нова историја и да ги исправи грешките што ги направила кон Македонија. Ете таму се криеле нашите несреќи во нашата славна историја, затоа сакале да не’ сотрат, да ни го земат идентитетот, да не’ обезличат, да ни ја киднапираат државата. Америка и Европа имале уплав да не успее Македонија сама. Дали затоа Груевски и’ плаќа секој месец 60.000 долари на американска агенција за да ја прикажува неговата влада во поубаво светло.

Ставам рака во оган дека работата е обратна. И Америка и особено Европа, а најмногу ние, имаме интерес од стабилен Балкан, да се изгасне конечно фитилот и да го испразниме барутот од бурето. Само така можеме да прогледаме и да видиме дека успешна Македонија е во прогресот и подобриот живот, а не во ревизии на историјата и во митовите.

(Објавено во Утрински)

Коментирај:

коментари:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *