Banner
Мое ќоше

Добро утро претседателе!

Ivanov

Претседателот на државата Ѓорге Иванов во своето новогодишно обраќање од говорницата на Собранието до јавноста на моменти ми заличи на грчки платеник, предавник и соросоид. Чувај ме Боже од грешни мисли. Не знам дали си верувавте на ушите кога слушнавте дека претседателот Иванов, зборувајќи за Извештајот на Европската комисија за назадувањето на Македонија на патот кон Европа, рече дека Извештајот е објективен. И рече уште нешто што ме наведе да го прочитам десетина пати за да се уверам дали добро гледам и слушам. Замислете, претседателот кажа: „Пречка за (евро) интеграциите веќе не е само наметнатиот проблем со името, туку и проблемот што го имаме со самите себе“.

Е, па претседателе добро утро, конечно по седум години кажавте нешто што досега беше резервирано само за домашни и странски непријатели на татковината. Добре дојдовте во клубот на „предавниците“.

Не знам како премиерот Никола Груевски ги разбрал напредокот и еволуирањето на еден чекор напред на секои седум години на претседателот Иванов, ама според првата реакција на портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ за деликатни прашања, Антонио Милошоски, говорот на Иванов покажал дека тој во континуитет си има свои ставови и принципи што е добра одлика на политичар кој треба да ја претставува државата во име на сите граѓани. Демек не е претседател само на вмровците, па затоа мора да биде малку и двосмислен и да звучи критички и кон едните и кон другите. А тоа што ни СДСМ ни ДУИ не дошле да го слушаат претседателот во Собранието е немање елементарна политичка култура.

Ова што го кажа претседателот Иванов на своето последно обраќање годинава во парламентот навистина заслужува посебно внимание во некои делови кои се бенигни критики за власта само затоа што досега претседателот за изминатите седум години од неговиот мандат ниту еднаш, ни индиректно, ниту пак со некоја блага асоцијација, не упатил јавно ниту една критичка порака до Владата, до премиерот, до парламентот, ни збор за тоа кој стои зад задушувањето на институциите на системот, кој ја загрозува независноста на судството и на медиумите, за организираниот криминал и корупцијата во високите ешалони на власта, за нападите врз автономијата на универзитетот, за нарушените човекови права и слободи и уште еден куп клучни работи во изградба на демократско општество кои се оценети со слаби непреодни оценки токму во објективниот извештај на Европската комисија за Македонија за 2015 година. Впрочем, повеќе или помалку, како и во сите досегашни извештаи на ЕУ кои претседателот Иванов досега ги читаше исто како премиерот Груевски, дека, наводно, станува збор за голем напредок, бидејќи сме добивале препорака за отпочнување на преговорите, а тоа значело дека само наметнатиот спор од страна на Грција е проблемот и ништо друго. Ова е првпат претседателот Иванов да „открие“ дека „имаме голем проблем со самите себе“, но притоа ги изедначува власта и опозицијата, иако во Извештајот на ЕУ главната адреса за стагнирањето и назадувањето на Македонија кон евроатлантските интеграции се токму Владата и институциите кои одамна ја изгубиле својата самостојност во одлучувањето. Ваквото изедначување на власта и на опозицијата во надминување на длабоката политичка, морална и духовна криза е тежок фаул и на претседателот на државата и на професорот на Правниот факултет, Ѓорге Иванов, кој добро знае кој според Уставот, и според политичката и економската моќ, и според етичките стандарди е најодговорен во државата за вкупните состојби, за нефункционирање на парламентарниот систем и карикираната поделба на власта, за организираниот криминал и корупцијата, за селективното владеење на правото, за тешките злоупотреби на власта. Ни бруцошите на Правниот факултет не можат да положат испит ако не знаат кои се надлежностите и одговорностите на владата и премиерот, кои на претседателот на државата, на парламентот, на судскиот систем и улогата на медиумите и однесувањето на опозицијата во едно општество барем со пристојно ниво на демократија. Без основните политички фундаменти на секое современо општество, Брисел не ни помислува да почне преговори за рамноправно членство.

Претседателот во своето обраќање кажа нешто и за медиумите што прозвучи добро по вторпат за седум години. Првиот пат веднаш по инаугурацијата кога изрази незадоволство од високото 24. место во светот по слободата на медиуми, па рече дека тоа мора да се подобри и лично ќе се ангажира за тоа. И сега откако многу поработи на тој проблем кога сме на 134. место, па претседателот загрижено констатира дека сме сведоци на деградација во медиумскиот простор. Јавната пристојност и професионалност станаа исклучок наместо правило, вели Иванов. Почитувани претставници на медиумите, се обрати директно до седмата сила претседателот, вие треба да бидете најсилниот ревизор на работењето на институциите на системот пред сопствените граѓани. Не смеете да дозволите да ви наметнат правила и стандарди, да бидете мегдан за партиски препукувања и алатка за остварување на нечии интереси.

Ауууу… ние да бидеме ревизор на институциите што работат под диктат на Владата, ние да ги ослободиме од притисок судовите и парламентот. Веројатно претседателот сакал да каже да се угледаме на медиумите каде што оди на разговори со врвни новинари кои имаат високи етички, професионални, морални и патриотски чувства.

(Објавено во Утрински)

Коментирај:

коментари:

Овој текст има еден коментар

  1. BB

    Na TV SITEL VO KONTAKTNA EMISIJA BESHE POSTAVENO PRASHANJETO ZA BOJKOT NA GOVOROT NA PRETSEDATELOT… I nORMALNO POSTOJANITE GLEDACHI NA OVAA TV ,SO DRVA I KAMENJA KON OPOZICIJATA…..DALI ISTITE OVIE GLEDACHI SE ZAPRASHAA ZOSHTO PRETSEDATELOT NIEDNASH NE SE OBRAKJASE DO JAVNOSTA KOGA IMASHE MNOGU KRIZNI MOMENTI I NASTANI VO DRZAVATA TOGASH DURI I NE SE ZNAESHE KADE E

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *