Banner
Мое ќоше

Опасна војна за власт

grujo dedo mraz

Предизборната кампања од ден на ден добива се’ подраматични димензии на подземна и валкана војна, на загрижувачки делби и омраза. Власта секој ден дели милиони и зголемува плати, а опозицијата обелоденува спотови со снимки од прислушуваните разговори. Договорот од Пржино е се’ поблиску до тоалетна хартија отколку до обврзувачки документ, а најмалку прашање на чест, образ и збор за обврски преземени од партиските лидери за излез од длабоката политичка и морална криза во која земјата тоне се’ подлабоко. На Македонија во ваков амбиент на природна и политичка загаденост не и’ се пишува ништо добро.

Поточно нема ни грам волја да се запре слободното паѓање, кое почна точно пред три години со измислениот државен удар на 24 декември 2012 година кога опозициските пратеници насилно беа исфрлени од дебатната сала со упад на полицијата по нарачка на највисоки државни функционери, а со грубости и навреди новинарите беа принудени да ги напуштат своите работни места. Од тој ден Македонија е држава во која се урнати сите столбови на парламентарно општество каде што нема дури ни елементарна поделба на власта на извршна, законодавна, судска и четвртата власт на слободни и независни медиуми. Група луѓе ја контролираат државата надвор од определбите на Уставот.

Премиерот Никола Груевски не се симнува од сите медиуми, извонредно ја игра улогата на свети Никола, или кај нашите граѓани познат како Дедо Мраз, кој секој ден раздава скапи пакетчиња. Премиерот по улици дели предизборни работни места, дава клучеви од станови, дава штедро пари за изградба на куќи за млади брачни парови, нуди стотици милиони за земјоделците, за лекарите, за стоматолозите, за пензионерите, стипендии и екскурзии во странство за студенти, кеш за поплавените, опожарените, на сопствениците на разурнатите куќи во антитерористички акции, се делат бесплатни книги за ученици, евтини лекови за болните, се градат градинки, училишта, факултети, амбуланти, болници, игралишта, автостради, локални патишта, мостови, гасоводи и нафтоводи, пруги, централи, езера, водоводи, далеководи , канализации, споменици… само што не почнало да се гради долгоочекуваното панорамско тркало, најголемо на Балканот, да може да се видат сите овие возвишени достигнувања. Се зголемува и социјалната помош и се отвораат се’ повеќе нови народни кујни за гладните. Се наоѓаме пред портите на рајот и само што не сме влегле.

Премиерот не се преправа во Дедо Мраз и не го глуми како на новогодишна детска приредба. Тој лично се појавува како спасител со сета своја лика и прилика и никогаш не заборава да им каже на своите следбеници и гласачи дека сите овие добра за нив ги прави Владата. За миг може погрешно да помислите дека тој од својот џеб ги дели овие пари, но бидејќи станува збор за стотици и стотици милиони евра веднаш станува јасно дека се работи за парите од државната каса на сите граѓани и згора уште неколку стотици милиони евра пари позајмени од светските комерцијални банки. Добрата вест е што ова раздавање ќе трае до 24 април, а лошата е што од мај почнува да се враќа долгот, без оглед кој ќе победи на изборите и дали воопшто ќе има избори. Фактурата ќе стаса, парите мора да се враќаат, тогаш ќе дознаат и најсомничавите што значи да се биде четврта најмалку задолжена земја во Европа.

Расправите и надмудрувањата за остварување на договорот од Пржино веќе служат за потсмев, бидејќи главните теми освен оцрнување на политичкиот противник, веќе добиваат нови пакувања со морските светски дилеми за евтаназија, легализација на канабисот за лечење на тешко болни, за правата на сексуалните работнички, за сексуалните слободи, за абортусот, за тоа дали сите бегалци се терористи, засилени со дежурните домашни теми за меѓуетничките односи се’ со цел да се покрие молкот за клучните и стратегиски приоритети на Македонија, кои цела деценија не можат да мрднат од место, оставајќи не’ сосема сами и изолирани на Балканот.

Една од омилените теми на медиумските телали на власта е дека опозицијата се плаши од избори. Не знам зошто тоа Зоран Заев не го признае јавно, бидејќи работата е навистина за плашење. Кој може да оди на избори при ваков клиентелизам и јавна бесрамна предизборна корупција со народни пари и со задолжени до гуша идни генерации. Кој може да оди на избори кога 52 отсто од граѓаните според анкетата на ИРИ не веруваат дека може да се спроведат фер и слободни избори. Навистина за стахување е да се излезе на мегдан со противник кој го оневозможува да работи непречено Специјалното обвинителство и специјалниот јавен обвинител.

Има ли чаре. ИМА, секогаш ненадејно се појавува во вакви историски околности. Пролетта е најубавото годишно време. Качунките го пробиваат снегот и излегуваат на површина расцветани.

(Објавено во Утрински)

Коментирај:

коментари:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *