Banner
Мое ќоше

Хроника за еден диносаурус

smoje

Ја имав таа чест да ја промовирам книгата на познатиот новинар, колумнист Борис Дежуловиќ посветена на сплитската новинарска и писателска легенда Миленко Смоје, авторот на некогаш култните ТВ-серии „Мало мисто“ и „Вело мисто“ и на еден извонреден мајстор на перото. Мојата колумна денес ја посветувам за оваа убава пригода што се одржа во Скопје.

Борис Дежуловиќ е еден од ретките новинари што успеа со својата работа да излезе од границите на својот вилает и да пишува во повеќе медиуми во целиот регион на поранешна Југославија. Ги опишува прецизно нештата кои не им се допаѓаат на разните стари и нови деспоти, владетели, премиери-чудотворци и месии, корумпирани лидери, големи журналисти удобно заседнати во скутот на власта, неуморно пишува за патриоти-писатели и уплашени академици, за умислени херои, за разни националисти и шовинисти кои се дограбиле до милиони евра, јавајќи на несреќата на своите народи.

Дежуловиќ ги слика со остро перце неблагодарните наследници и расипници на богатствата на една волшебна и голема земја за која мислевме идиотски неправедно дека е мала, а откако ја изгубивме, дознавме колку била голема и убава. Авторот жестоко, сатирично, саркастично до вулгарност која не пречи ги исмева примитивизмот и провинцијализмот кои надојдоа како цунами, заедно со нешто за кое ние бевме убедени, се разбира погрешно, дека е слобода и демократија, дека е тоа патот кон Европа и излез од балканската крчма. Доцна дознавме дека сме ја идеализирале премногу Европа мерејќи ги нејзините пари и сонувајќи европски стандард. Ги заборавивме другите европски вредности во науката, во филозофијата, во литературата, образованието, воопшто во културата, спортот, демократијата и да не ги набројувам вредностите на светските достигнувања и специфични посебности на европските народи кои се одржуваат и негуваат преку бројни фондови. Уште не можеме да излеземе од страшната заблуда дека е доволно да имаме повеќепартиски систем и самостојна држава и веднаш да се прогласиме за Европејци. Сега знаеме дека членството во големиот клуб не ги лечи ни нашите комплекси за Европа, ниту, пак, европските, често оправдани предрасуди за Балканот како буре барут. Нашата голема несреќа, стана јасно, е во лидерите кои не ги забрзуваат историските процеси на евроинтеграции, туку трагично ги забавуваат. Многу често тоа се прави свесно и намерно за да се владее вечно и непречено. Но, и ние самите сме дел од таа несреќа бидејќи прифативме да бидеме клиенти, соучесници и поддржувачи на една таква политика.

Книгата на Дежуловиќ, „Разговори со Смоје“ направени пред 20 години е, всушност, хроника за животот на еден новинарски диносаурус, омилен на просторите на поранешна Југославија, чудесниот сплиќанец Миленко Смоје, писател и новинар, автор на култните ТВ-серии кои своевремено, ние кои сме живееле во Југославија добро памтиме ги празнеа улиците кога милиони луѓе остануваа дома пред ТВ-екраните за да уживаат гледајќи се себеси. Кога почнав да ја читам книгата, која се чита во еден здив, прво помислив дека ова е една новинарска сага за сплитската легенда, за една интересна и возбудлива личност чиј живот сам по себе е роман. Го знаете она „живот пише романе“, ете баш така. Но набргу уште по првите страници се открива дека оваа книга има универзални димензии и излегува од сплитските улички, пјаци и меани и се претвора во нешто што е многу повеќе од единствен ваков во светот необичен новинарски учебник за тоа што е, всушност, новинар-диносаурус, вид што повеќе изумира во време на глобалното затоплување, во ерата на лажна демократија, отколку во „ледената доба“ кога беа тврдите режими.

Авторот со оваа книга не го спасува Смоје од заборав и од вообичаената намерна балканска амнезија која ја сервираат политичките анестеолози кога нешто сакаат да прикријат. Смоје би излегол и сам на виделина со сиот свој габарит и со своите јанѕи и мани, но Дежуловиќ го забрза и го отвори тој процес. Она што е важно, авторот не го велича Смоје, ниту пак се велича тој самиот. Напротив, Смоје одговара на сите прашања и дилеми на Дежуловиќ, ги признава своите грешки и во пишувањето и во животот со една зачудувачка искреност и за најинтимните теми кои ги избегнуваме дури и во разговори со најблиските. Притоа, Смоје не се посипува со пепел на грешник, ниту бара простување, туку храбро кажува за своите промашувања.

Книгата е универзална и го надминува локалниот амбиент, иако е пишувана на чакавски дијалект,или како што велиме ние, на далматински. Но, за среќа, на едно место во книгата има упатство како да ја читате без проблеми и се’ да разберете. Смоје,во еден миг, додека чита некој словенечки весник, вели не знаев дека знам словенечки, дајте ми еден англиски текст, можеби знам и англиски. Ова морам да го дообјаснам за помладите генерации. Во нашата поранешна татковина сите бевме полиглоти. Тоа од поодамна убаво го објасни нашиот писател Венко Андоновски. Сите знаевме покрај македонски и српскохрватски, разбиравме словенечки и бугарски, учевме понекој светски јазик. Но да се каже тогаш дека знаеш македонски, српски и хрватски ќе беше смешно бидејќи тоа беше сосема нормално. Денес има луѓе кои во своите биографии пишуваат дека знаат македонски, српски, хрватски, црногорски, албански, турски, бошњачки,разбираат и се користат со словенечки и бугарски… и тоа сега воопшто не е смешно, туку е фасцинантно. Секогаш на младите новинари и студенти по новинарство им велам дека покрај светските јазици, треба да научат неколку балкански јазици. Тоа нема да им биде тешко, особено за словенските јазици. Во светот стотици милиони луѓе знаат англиски, ама заедно со македонски, српски, хрватски, црногорски, словенечки, бошњачки, бугарски, а зошто не и албански, турски, грчки… таа комбинација е победничка и ретка која може да им овозможи успех во животот.

Она што ја прави оваа книга убава, особено за луѓето што живеат од пишување, или што сакаат да станат новинари, пред се’ се животот и светогледот на Миленко Смоје низ еден тестаментален разговор со својот помлад колега, авторот на книгата. Ова е, всушност, еден аманет за младите генерации-журналисти за тоа што е вистинско новинарство и зошто новинарите секогаш треба да бидат на страната на онеправданите, на страната на послабиот, на страната на малцинството што размислува, а не на мнозинството што само слуша и извршува нечии наредби. „Разговори со Смоје“ е роман и за новинарството и за Сплит и за Југославија, но најмногу за животот на еден извонреден пишувач и редок човек во нашиот еснаф. Топло ви ја препорачувам книгата која е непреведлива на ниту еден друг јазик, но ако ја читате, ќе видите дека сте знаеле чакавски – далматински без да знаете за тоа. На промоцијата и Дежуловиќ се увери дека знаел македонски, иако никогаш не зборувал на тој јазик. Разбра се’ што сакаме да му кажеме.

(Објавено во Утрински)

Коментирај:

коментари:

Овој текст има 2 коментари

  1. МИЛАН

    За жал, во Словенија и Црна Гора ниту збор за смртта на Смоје, во Србија многу малку, не сум сигурен во БиХ.
    Но ме скокотна проверениот податок кој никој не сака да го спомне за Смоје: тој е сценарист (или косценарист) на неколку југословенски воени филмови од `60- ите и `70- ите години на минатиот век. Чисто како пример, меѓу другите филмови, и на филмот “Партизанска ескадрила” снимен 1979 година.
    Зошто тој дел од неговиот опус бива толку упорно премолчуван?
    Не гледам дека во тоа има било што за срамење.

  2. МИЛАН

    А да понуди “Утрински весник” соработка со Дежуловиќ?
    Тој пишува за состојбите во Србија, Хрватска и Босна и Херцеговина но не и за состојбите во Македонија.
    Не ми позната неговата “цена” но …

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *