Banner
Мое ќоше

Еден ден сè ќе се дознае

gruevski anketna

Ете и тоа се случи. Премиерот Никола Груевски сведочеше во Собранието на Македонија пред Анкетната комисија. Одговараше повеќе од два часа на прашањата на членовите на Комисијата во врска со скандалот „прислушување“и „бомбите“ на Заев. Груевски замина од зградата на парламентот, видливо трудејќи се да остави впечаток на добро расположен студент после положен испит, оти одговорил на сите прашања, дури и повеќе, бидејќи прашањата се истрошиле и немало што повеќе да одговори. И толку. Така сите дознавме дека тоа било страшното испрашување за моралната одговорност за незаконското прислушување на илјадници граѓани.

Сослушувањето на крунскиот сведок помина зад затворени врати во најголема тајност. Таков бил договорот ако сведокот побара исклучување на јавноста, мора да се почитува неговата желба. Еве тоа е целата игранка околу сведоштвото на премиерот, а галиба, така ќе биде и со најголемиот број сведоци и главни актери во најголемата афера на прислушување на илјадници јавни личности, а особено на следењето на комуникациите на самиот премиер и неговите најблиски соработници, министри и шефот на тајната полиција.

Морам да бидам искрен, мислев дека ако Груевски воопшто се појави пред Анкетната комисија дека ќе распали храбро како Касиус Клеј, кој нема што да крие од својот народ со кој му е полна устата деновиве. Си реков, Груевски добро подготвен ќе мора да демонстрира одважност и самиот да бара јавно сослушување со директен пренос за да види целата јавност дека тој е подготвен да докаже не само пред Анкетната комисија, туку и пред Специјалното јавно обвинителство и на суд дека разговорите што сите ги слушнавме се креирани, сечени и лепени и дека се работи за обид за пуч со измислени и монтирани разговори прислушувани од странски разузнавачки служби, како што кажа повеќе пати јавно пред и по експлозиите на бомбите. Но, ништо од тоа не дознавме и не видовме поради тоа што Груевски се скри. Сега останува само да претпоставуваме кои се мотивите што премиерот сакаше тајно сведочење, односно да одговори на прашањата зад затворени врати.

Прво тој самиот навести еден од неговите мотиви за исклучување на јавноста е дека сакал да сведочи во мирна атмосфера за опозицијата да не конструира кризна ситуација. Не знам дали притоа премиерот мислел дека во Македонија нема криза, па сега сака некој да ја конструира, или веројатно мислел дека опозицијата сака да ја продлабочи постојната криза за која Груевски до вчера тврдеше секој ден дека постои и дека е производ на опозицијата во спреги со домашни непријатели, финансирани од странски служби и фондации.

Второ, можеби премиерот сакал да одбегне издавање на некои државни тајни со јавно соопштување на некои чувствителни информации кои можат да нанесат штета на државата во односите со некои земји. Факт кој треба да се респектира. Но, веќе од дадените одговори кои се снимени и кои ги слушнале повеќе луѓе се знае дали имало и такви информации кои претставуваат државна тајна и можат да ја загрозат безбедноста и стабилноста на земјата. Значи, ова е лесно и брзо докажлива работа, а вчера по сослушувањето никој не ни спомна дека имало безбедносно сензитивни информации во одговорите на премиерот.

Трето, а можеби и прво, бидејќи станува збор за морална одговорност кога се сведочи пред Анкетна комисија, Груевски мислам избега од јавноста да не се слушне колкава е одговорноста на еден премиер кога со години некој непречено снима и следи илјадници граѓани по нечија нарачка, а тој за тоа ништо не знае, или ако знаел, а молчел, уште полошо. Само поради ова моралната одговорност со неотповиклива оставка беше првиот и најисправен чин за почеток на разрешување на најголемата афера во нарушување на човековите права и слободи во Македонија. Еден ден се’ ќе се дознае, само не знам дали тоа ќе биде кога ќе има некакво значење, или кога тоа никого нема да го интересира.

(Објавено во Утрински)

Коментирај:

коментари:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *