Banner
Мое ќоше

Полна уста со новинарство

Journalism-is

Новинарите не се симнуваат од ТВ-екраните со дебатите за себе, за професијата и односите со политиката. Полна ни е устата со новинарство, професионализам, етика и морал, објективност и независност, слобода и демократија. Ако не’ слуша некој отстрана што не ја знае нашата трагична загаденост на медиумскиот простор, сто пати над дозволеното, може да дојде до заклучок дека тука нема никакви проблеми. И новинарите и политичките партии и власта и опозицијата и јавноста сите сакаат и очи вадат за слободно, објективно, професионално и етичко новинарство. Во таков амбиент решението би требало да е брзо и лесно. Зошто тогаш сме сведоци на толку драматична расправа, лутина, чемер и јад, напуштање на преговорите за реформите во медиумите. Очигледно дека некој многу лаже дека сака слободни и независни медиуми.

Само по три дена престој во Македонија и проследување на медиумите, станува трагична реалната слика за јавното информирање, за објективноста и за високите професионални стандарди, за почитување на кодексите, за нивото на цензурата и комуникациската култура, за корумпираноста на медиумите, за нивната партиска припадност и воопшто за нивото на демократијата во општеството. По десет дена читање, гледање и слушање, без големи дополнителни истражувања, се’ ви е јасно и кој ги контролира медиумите и зошто Македонија на светските ранг-листи за медиумски слободи е на самото дно покрај диктатурите и режимите, а пред неполни десет години бевме на пристојни позиции и во Европа и во светот. Се разбира од тоа не бевме задоволни што е вообичаено за постојаниот судир меѓу политиката и медиумите. Сега тие простори се несовладливи височини за згазениот, понижен и уништен македонски журнализам.

Обидете се да одговорите на прашањето, може ли една власт која го згази професионализмот во новинарството, која ги корумпира со години медиумите, која стимулира лошо апологетско новинарство, а уништува професионално, да учествува во преговори за слободно новинарство. Можат ли да зборуваат за професионализам и етика новинари кои ја понижија и посрамија професијата, кои ги напаѓаат и анатемисуваат своите колеги кои не мислат како нив, можат ли да зборуваат за професионализам новинари и еснафски здруженија кои ги изедначуваат власта и опозицијата во одговорноста за вкупните состојби во државата, вклучувајќи ги и демократијата и слободата на медиумите. Каде тие новинари слушнале, прочитале или виделе дека и власта и опозицијата се подеднакво одговорни за блокираните демократски процеси, за коруптивно рекламирање на владините пропаганди и кампањи, за донесување рестриктивни медиумски закони со партиско надгласување. Може ли опозицијата да биде виновна за апсење и судење на новинари на долгогодишни затворски казни, за нарачување на текстови и поданички стории… такво нешто нема во ниту една европска земја со пристојна демократија. Со се’ што е поврзано со демократијата и медиумските слободи Македонија е убедливо на последно место во регионот и меѓу земјите-кандидати за членство во ЕУ заостанувајќи далеку зад европските демократски држави. Бидејќи ЕУ воопшто не разговара за членство со земјите каде што се загрозени медиумските стандарди и слободи како едно од најзначајните прашања за излез од длабоката политичка криза во која западна Македонија беа и медиумските реформи. Таа обврска од договорот во Пржино сите политички партии ја прифатија безмалку со задоволство. Многу бргу се виде дека власта сака статус кво и натамошна контрола врз целиот медиумски простор. Поради тоа се нервозните реакции и хајки против лидерот на опозицијата и против медиуми и новинари кои опстојуваат се’ уште на професионалните кодекси и норми.

И еве го сега суштинското прашање дали во Македонија е можно сега да отворите нова високопрофесионална телевизија, или весник кој би бил и финансиски успешен и независен од политиката. Од доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт и на премиерската функција на Никола Груевски, појавата на таков слободен и економски независен медиум е невозможна. Медиумскиот пазар е нерегуларен и целосно под контрола на власта. Затоа ниту една сериозна и голема светска информативна куќа не сака да влезе во Македонија. И тие што влегоа порано излегоа тресејќи јака. Можете да направите прекрасна професионална редакција, со добри новинари и уредници, можете да подготвите одлични весници и ТВ и радио програми, онлајн изданија, да имате добри тиражи и голема гледаност и пак да тонете во загуби бидејќи рекламниот колач и на јавните и на приватните компании ги контролира Владата директно, или индиректно со страв и закани. Таму кај што не рекламира Владата сите се воздржуваат да рекламираат. Велат да не си ставаме трн во здрава нога. И готово крај. Без реклами нема успех со евтини весници и евтини програми.

Заклучок: без радикални промени и воспоставување на демократско општество, колку и да се менуваат законите и да паѓаат разни договори, нема слободно новинарство. Медиумските слободи се многу повеќе од закони напишани на хартија. И најголемите диктатори имале добри закони и полни логори и затвори.

(објавено во Утрински)

Коментирај:

коментари:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *