Banner
Мое ќоше

Забрането мрестење на шараните

ohrid

Во големата густина на драматични настани кои се случуваат во светот и кај нас дома, главно поврзани со терористичките напади во Париз и бегалската криза, една информација и една фотографија од Охрид посебно ми го привлекоа вниманието. Веста и фотката кои во други околности би биле пласирани на прва страница успеале да се пробијат во „Утрински“ до петтата страница, а во повеќето други медиуми воопшто ја немаше нешто поради строгата цензура, а нешто била запоставена поради наездата од закани и заплашување на граѓаните дека ќе ни се случи и нам Париз. Веста и сликата во нормални времиња би предизвикале аларм од прв степен. Повторно е нападнато Охридското Езеро од градежната мафија.

Продолжува со несмалено темпо да се уништува нашето најголемо, природно и национално богатство, најскапоцениот ресурс што го имаме, водите на Охридското Езеро. На фотографијата јасно се гледа дека се поставува арматура во езерото, се истураат големи количества бетон, а на некои места, како што јавува нашиот дописник, се потопуваат и карпи за да се тампонира просторот кој до вчера беше под вода и дел од крајбрежјето на езерото. Овој терористички чин врз националното богатство што го прават нашите арамии повеќе ме плаши отколку застрашувањата дека се можни терористички акции на екстремисти и емигранти во Македонија. Со грубо кршење на Законот за заштита на Охридското Езеро се краде од неговата површина и се претвора во објекти за легални профити, се скрнави светското културно и природно наследство и повторно којзнае по кој пат се плука врз покровителството на УНЕСКО под чија заштита се градот Охрид и Охридското Езеро. Изградбата на бетонски и камени ѕидови во водите не може да се толкува поинаку отколку како терористички чин со груба деградација на човековата околина и опасност за опстанок на живиот свет во езерото и неговото крајбрежје.

Се покажува дека се’ уште се актуелни идеите на премиерот Груевски кои јавно ги опиша најдобро човек од неговиот тим, поранешниот заменик-министер Владимир Лазаревиќ. На владина седница, да потсетам, Груевски предложил да се разгледа идејата да се искорне трската во водите на Охридското Езеро и да се направат плажи, да се изгради околу целото езеро бетонски парапет со висина од половина метар и да се увезе убав песок за плажите. По благото предупредување до премиерот од експертите присутни на владината седница дека тоа ја нарушува еколошката рамнотежа и може да го оневозможи мрестењето на рибите, особено на охридскиот крап, Груевски поентирал со прашањето дали ќе правиме туризам, или ќе ловиме риби.

Оваа историска епизода од седница на Владата ме потсети на култната драма на писателот Александар Поповиќ „Мрестење на шараните“ која и ден-денес се изведува по театрите на просторите на бивша Југославија, но се чини дека сега е многу поактуелна отколку некогаш кога за таа драма се крена голема прав. Во тие „волнени“ времиња, и покрај тешкотиите и сопките со кои беа соочени, можеа да пишуваат и работат, да бидат почитувани и уважувани големи имиња како Александар Поповиќ, Живко Чинго, Гојко Џого, Драгослав Михаиловиќ и плејада други култни автори, познати писатели, режисери чии дела беа синоним на отпорот против ѕидање на темните балкански вилаети каде што одамна се започнати омразата и делбите, братоубиствените војни кои се’ уште траат и нема надеж да престанат. Стотици автори, писатели, сатиричари и врвни новинари секојдневно ги исмеваа примитивизмот и простаклакот. Во нивните епски дела ингениозно се опишани сцени на апсења, на измачувања, на предавства, на карактерот на луѓето од балканските простори, но најмногу од се’ суровата војна за власт, зависта, лицемерието, aлчноста и сиромаштијата. Погодувате, клучното прашање e зошто денес при олку голема слобода и демократија нема такви автори, или пак можеби мислите дека денес не се присутни темите кои инспирираат за вакви дела. Забраната за мрестење на шараните во Охридското Езеро, идејата за изградба на големиот хотел во Свети Наум и хидродромот на површината до езерото, од страна на мултимилијардерот Субрата Рој, изградбата на фарма-фатаморгана со 20.000 крави во Овчеполието кај Џумајлија, подигнувањето на најголем во светот гламурозен споменичен комплекс на скромната Мајка Тереза на Скопскиот плоштад, клепањето лажни барокни Потемкинови фасади во 21 век, бетонираните гемии на Аксиос, жалните врби и мостови кои не водат никаде и згора над се’, 70-метарско Панорамско тркало качено на мост преку Вардар со челични столбови зариени длабоко под нивото на она што остана од реката, сето тоа за забава на најсиромашниот народ во Европа за само дваесетина милиони евра.

Дали се тоа доволно инспиративни теми за ремек-дела рамни на „Пофалба на глупоста“ од Еразмо Ротердамски, или барем рамни на делата на веќе спомнатите современи писатели. Зар денес битките за власт не се посурови и повалкани, нема ли апсења со политички мотиви, нема ли алчност и арамилак, нема ли примитивизам и провинцијализам, завист и инает, нема ли омраза и делби. Или можеби нема творци кои ја препознаваат подобро сегашноста во која живеат од минатото за кое пишуваат, а кое одамна пред нив го опишале некои други мајстори на перото, ама како сведоци на своето време. За сведоштво на своето време треба повеќе од храброст.

(објавено во Утрински)

Коментирај:

коментари:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *