Banner
Мое ќоше

Ќе испуштиме ли уште една историска шанса

zname

Политичар кој не може да процени кога треба да се повлече и да ги обеси на ѕид ракавиците, секогаш завршува катастрофално. Колку му е повисока позицијата на пирамидата на власта толку е потежок падот. Кога самиот одлучува да се повлече, во вистински момент, штетните последици и за него и за неговата партија и за државата се најмали. Неприфаќањето на оваа закономерност е агонија на целото општество со тешки последици и ненадоместливи штети за секој ден задоцнување. Македонија живее во таква коматозна состојба повеќе од осум месеци откако лидерот на опозицијата Зоран Заев обелодени снимени материјали кои укажуваат на организиран криминал и големи злоупотреби на власта.

Се изнаслушавме со месеци ужасни работи, почнувајќи од подли пресметки со политичките противници со нарачани апсења и судски пресуди на долгогодишни казни затвор, чувме монструозни нарушувања на човековите права и слободи, како се организираат избори со штабови во МВР, до речиси целосна контрола и цензура врз најголемиот број медиуми, видовме и чувме како се корумпираат уредници и како се бираат подобни новинари. Јавноста, без малку секој ден, беше згрозувана од ароганцијата, одмаздољубивоста, примитивизмот, провинционализмот, ненаситноста и алчноста од носителите на највисоки политички функции. И наместо, како што е редот, како што налагаат и пишаните и непишаните закони и правила кога ќе ве обвинат за вакви недела против својот народ, веднаш сите инволвирани високи владини функционери, на чело со премиерот Никола Груевски, да поднесат неотповикливи оставки и со тоа да го ослободат од притисок судството за брза и праведна истрага, тие одлучија да ги бранат своите позиции по секоја цена, жртвувајќи и свои блиски соработници и партија и држава.

По поднесена оставка на премиерот и неговите најблиски соработници, евентуалната ослободителна судска пресуда и изнесување на доказите дека обвинувањата на опозицијата се лажни, дека снимените разговори се монтирани, креирани, сечени и лепени, како што долги месеци секој ден повторуваше премиерот, ќе значеше негово враќање на голема врата на чело на владата и крај на политичката кариера на Заев со соодветни санкции и казни. Ако пак непристрасните професионални вештачења кои можат да се изведат и процесуираат за неполн месец дена покажеа дека се’ е точно како што е снимено, дека нема никакви дополнителни интервенции и фалсификувања, во тој случај и судската истрага ќе имаше брз и праведен епилог. Се разбира, една таква правна разврска со пресуда дека е невин премиерот и негови најблиски соработници, или со пресуда по која премиерот со лисци на раце оди во затвор заедно со своите соработници, во двата случаја, ќе значеше зрелост на македонското општество, стабилност на институциите на системот, функционирање на правната држава. Тоа ќе беше историски подвиг и целосно враќање на довербата во судството. Но од сето тоа не видовме ништо. Ни оставки без кои не е можна брза и праведна истрага, ни пак судски процес.

Сите видовме, всушност, како почна да тече агонијата на Македонија, со тоа што политичката криза поприми чудовиштни димензии. Власта откако ги негираше сите обвиненија и не призна ни грам вина од она што го слушнавме и видовме, откако главните актери сменија повеќе свои ставови од тоа дека ова е непријателски чин на странски служби, па испадна дека тие не биле инволвирани и по долго трубење на цел глас дека снимките се сечени и лепени, почна и тоа да го премолчуваат откако се наближи непристрасното вештачење. Груевски се определи со нова пожестока пропагандна војна да докажува дека многу работи, дека постигнува големи успеси, дека гради и вработува, а ова со арамилакот го препушти на своите помошници да се опструира со минирање на сите постапки кои можат да донесат до вистината.

И, се разбира, кога тоталитарните системи се затвораат во себе и спроведуваат терор врз своите граѓани, особено кога станува збор за земја која потпишала меѓународни обврски и е кандидат за членство во НАТО и во ЕУ, меѓународниот фактор иако е трагично бавен, не останува рамнодушен. Кога ќе се помине границата преку која не може да се толерира тоталитарноста и злоупотребите на власта, нарушувањата на човековите права и слободи, е тогаш доаѓа до замешателствата за кои на цел глас врескаат властите и нивните поданици дека се мешање во внатрешните работи, дека е притисок врз самостојноста и независноста на државата, се раскажуваат разни квази патриотски гачки и приказни, се повикува на единство и хомогенизација, се застрашува со протекторат, иако тој е стопати подобар од криминална власт.

Штом стасаа странските олеснувачи и експерти, клопчето почна да се одмотува. Прво паднаа оставките на најблиските соработници на премиерот, кои сега можат да го видат само кога прославуваат роденден, или на некој државен празник. Потоа уследија долги преговори и договори кои го донесоа специјалниот закон за обвинителство на чело со специјален обвинител. Потоа премиерот прифати некаква половична оставка три месеци пред изборите, потоа се најде решение како да гласа дијаспората, се најде и компромис околу изборниот законик, односно околу гаранциите дека Македонија конечно еднаш мора да има беспрекорни и фер избори. И кога на хоризонтот се појави нова надеж дека е почнато инсталирањето на правна држава, на демократијата, на слободни избори, властите се сетија дека тоа го навестува нивниот крај и повторно е активирана вмровска тактика на иле и опструкции.

Иако јавно се даваа изјави дека нема да се попречува работата на специјалниот обвинител и неговиот тим брзо уследи срамното преполовување на избраниците на обвинителката Јанева. Со невидена ароганција противзаконски е отстранет половина тим и тоа не по нејзин избор, туку по избор на Советот на обвинители. Власта го испука првото торпедо против новото обвинителство со најава дека сака да го сотре и да ја натера обвинителката да се откаже од својата должност. Но Јанева се покажа како тврд орев, веднаш по осакатувањето на нејзиниот тим со бришење на сите скопски обвинители, таа со насмевка ќе објави одиме понатаму, повторно ќе поднесеме барање со образложение зошто е тоа неопходно. Таа ги замоли медиумите да и’ дадат поддршка во битката за владеење на правото. Јавните обвинители кои досега во врска со прислушувањето ништо не направија скриени во глувчешки дупки, овој пат целосно се посрамотија. Јавниот обвинител Марко Зврлевски само еден ден порано даде изјава дека нема ништо против специјалното јавно обвинителство за преку ноќ да го смени мислењето и прифати да поднесе барање за испитување на уставноста, иако во Законот за обвинителство децидно пишува дека со закон се формираат и со закон се укинуваат обвинителствата.

Не е тешко да се прогнозира како натаму ќе одат работите. Познати се тактиките на оваа власт. Веќе стапија на сцена застрашувањата со опасноста од прогласување на Македонија за протекторат, за нарушување на независноста и самостојноста, суверенитетот и се’ она што одамна го немаме. На јавната сцена сега ќе се инсценираат нови меѓуетнички судири и верска нетрпеливост, уште поостар јазик на омраза, следуваат серија селективни апсења и големи афери и скандали пакувани во провладините и вмровски медиуми. Цензурата и притисокот врз различно мислечките луѓе и медиуми ќе се зголемуваат. Истовремено ќе течат канонадите за големите успеси и достигнувања, ќе продолжи немилосрдното трошење на парите на граѓаните за корумпирање на гласачите преку лажни форми на самовработувања и вештачки и социјални субвенции за акцијашки вработувања кои немаат никаква допирна точка со економските закономерности. Тоа се двата фронта што ги отвораат ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски да се спечи прваната разврска на криминалот, кој го навестуваат прислушувањата.

Тоа значи дека Македонија може уште еднаш да испушти голема историска шанса ако не покаже државен капацитет и зрелост за да добие препорака за почеток преговорите со ЕУ и да стане членка на НАТО. Се’ додека високи функционери на ЕУ доаѓаат тука и разговараат со нашите политичари за излез од кризата и се’ додека Америка и Германија покажуваат интерес за она што се случува во Македонија има надеж. Штом ќе кренат раце од нас патот кон делбите и исчезнувањето на државата е отворен. Тоа не е ништо ново. И во поновата историја исчезнуваат држави и народи.

Излезот го гледам во целосната општонародна поддршка на специјалното јавно обвинителство и обвинителката Катица Јанева, да го докомплетира својот тим и да почне непристрасна истрга. За почеток нека ги обезбеди своите простории од прислушување и нека го замрзне имотот на сите инволвирани во случајот според Законот. Обидите за уривање на специјалното обвинителство и на Јанева и нејзиното прогласување од провладините медиуми за непријател број еден јасно покажува кој е уплашен и од својот народ и од вистината и од фер избори.

Коментирај:

коментари:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *