Banner
Мое ќоше

Единствениот јазик што тие го разбираат

protest

Единствениот јазик што владејачката врхушка го разбира е нивниот. Кога ќе им одговориш на тој јазик и кога ќе почувствуваат дека можат да ја загубат власта и да завршат на обвинителна клупа, ги фаќа уплав. Тогаш експресно од опрем одат во позиција на одопрем, или од петта брзина уфрлаат драматично во рикверц. Немаат гајле што тоа обично значи и брукање и тумбање, лицето одамна им е како ѓон. Тие немаат ни срам ни перде.

Кога ќе го чујат нивниот јазик веднаш повлекуваат тазе предложени закони, менуваат одлуки и ставови, за еден час стануваат кооперативни без малку љубезни. Такво лигавење и сервилност пред посилниот имаат кукавици кои се храбри само кога одат во чопор. Таква слика видовме деновиве по објавувањето на ОБЗНАНАТА, или срамниот закон за бришење на сеќавањата на граѓаните и на сопствените гревови кои не може да ги собере ни телефонски именик откако една шака узурпатори ја презедоа целата власт во државата и ги суспендираа сите институции на системот, па владеат со години без никаква контрола.

Дали можете да замислите за што го есапат својот народ ваквите квази патриоти, колкаво е тоа понижување кога се осмелија да понудат закон со кој се казнува најмалку на четири години затвор секое спомнување, пишување, поседување, јавно осудување на нивните злодела кои со месеци згрозени ги слушаа граѓаните на Македонија, благодарение на храбри луѓе кои го препознале јавниот интерес и опасноста по државата и иднината на граѓаните и го дадоа тој пеколен материјал на лидерот на опозицијата за да слушнат луѓето кој не’ води и како се фалсификувани и корумпирани изборите и медиумите.

Сите ја слушнавме монструозната доктрина во нивните телефонски разговори за владеење непречено со децении, па сега сакаа тоа да го забранат и да ни го избришат од главите. Откако ја разбраа на нивен јазик жестоката реакција на јавноста излегнаа арогантни пред камерите, во стилот ем шуто ем боде, да и’ објаснуваат на јавноста дека го повлекуваат законот привремено, дека за него ќе се расправа по комисии, дека тоа биле партиски тактики при политичките пазарења и преговори, дека опозицијата знаела за законот како некој тоа да го интересира дали опозицијата знаела или не знаела. А,бре, неграмотни луѓе дали се слушате што зборувате, какви политички трикови и тактики, каква опозиција какви бакрачи, или какава важност има тоа кој знаел или не знаел. Па ова што го предложивте на Собранието и што го нарекувате Закон е невидена срамота на Балканот, а да не зборуваме за Европа. Таква бламажа од закон зад кој цврсто стоевте само еден ден, па потоа се повлековте покиснати како мали деца кои веќе не сакаат да се играат кога губат, немало ни пред големите револуции за соборување на кралевите и уривање на феудализмот.

Се покажа дека кога маршираат студентите заедно со своите професори, кога демонстрираат средношколците, кога граѓанските здруженија и опозицијата организираат митинзи и протести, кога ечи центарот на Скопје од „нема правда – нема мир“ е најдобриот јазик кој предизвикува паника во власта, која се шокира од сознанието дека има многу луѓе кои не се задоволни од нивното владеење, има илјадници луѓе кои не се импресионирани од приказните за големите успеси и достигнувања. Се’ погласни се луѓето кои одамна го прочитале примитивниот популизам и агресивната пропаганда на величање на вождот и неговиот двор. Има стотици илјади граѓани кои ги открија лагите на власта и механизмите на создавање еднопартиска држава и клиентелизам со закани и со уцени, со корупција и купување гласови. Кога пред Владата дојдоа над 50.000 граѓани, Никола Груевски омекна како издишан балон. Кога и ЕУ и Стејт департментот конечно осознаа дека даваат поддршка на едно авторитарно владеење и еден деспот кој ги сопре сите демократски процеси во младата независна држава и кога бриселските бирократи инструирани од своите влади настапија тврдо заедно со Америка без влакна на јазикот и без дипломатски ракавици Груевски ја свитка опашката и почна да ги исполнува сите барања.

До вчера храбриот витез, кој преку своите мегафони ја критикуваше американската политика спрема Македонија, и удираше контри на Европа, наеднаш прифати се’ што му побараа, освен неговата оставка. Се откажа од своите блиски соработници министрите Јанкуловска и Јанакиевски, го жртвуваше својот најблизок и најдоверлив човек, својот роднина, шефот на тајната служба Мијалков. Воопшто не му беше ни мачно, ни тешко да ги коригира своите јавно искажани ставови, па наеднаш испадна дека странски служби не биле замешани во аферата со прислушување, дека во Куманово немало замешателство на големите сили и разни агентури. Груевски кротко прифати специјални обвинители, прифати менување на изборниот законик, прифати да поднесе и привремена оставка сто дена пред изборите, на крајот ќе прифати уште неколку побарувања и на домашната јавност меѓу кои конечно и да замине од политичката сцена. Така ќе заврши ерата на Груевски и еднодецениското неконтролирано владеење кое ја врати Македонија со децении назад. Сега ова што го гледаме се очајнички обиди да се растурат договорите кои можат да го однесат Груевски и неговите најблиски соработници и на обвинителна клупа.

Кога сфатија властодршците дека тактиката на уривање на оваа власт оди чекор по чекор и дека е неизбежна сликата кога Груевски заедно со своите соработници ќе се појави на сослушување пред специјалните обвинители и ќе мора да објасни некои снимки и настани кои навистина се случиле и прецизно се опишани како закани и намери во телефонските разговори, тогаш се освестија што им се случува и настапи мачната мртва трка како да се изигра и меѓународниот фактор и домашната опозиција и очекувањата на граѓаните да се вратат на голема врата демократијата и слободата.

До април 2016 година ќе се изнагледаме не само валкани подметнувања и закани на грогираната власт, туку и опасни обиди за сеење страв и нови апсења, исценирани меѓуетнички инциденти и повици за хомогенизација и спасување на државата. Советниците на Груевски веќе му подготвуваат огнени патриотски говори кои ќе повикуваат на единство, се подготвуваат големи митинзи за спасување на Македонија од предавници и непријатели. Тоа е јазикот на ВМРО-ДПМНЕ. Со истиот јазик и уште пожестоко ќе одговорат и слободоумните луѓе, опозицијата студентите, средношколците интелектуалните елити и ќе и покажат на власта тоа од што најмногу се плаши. А тоа е како изгледа маса од сто, или двесте илјади граѓани пред Владата. Тоа е таа критична маса за која со години се зборува во Македонија и која годинава се појави за првпат прилично спонтано… Мислам дека по последните предлози за донесување на царска обзнана со која се забранува говорот, пишувањето и јавниот настап и дебати за прислушуваните разговори и нивната содржина која е од јавен интерес во Македонија се создава доволно јасна слика до каде се’ може да одат и Груевски и Ахмети во задржување на власта.

Враќањето на демократијата и јасно кажување НЕ на тоталитарни идеи и обзнани за спречување на веќе стекнати слободи и стандарди е голем мотив да се излезе храбро на мегдан и да се каже Доста е. Одете си. Сликата од 150 до 200 илјади луѓе пред Владата е доволна да фатат усвет. Тоа им го должиме на идните поколенија и на Македонија.

(објавено во Утрински)

Коментирај:

коментари:

Овој текст има еден коментар

  1. radovanpopovski

    dovagam vo makedonija i ce vidam kako ce komentirate izborni rezultati.nesto vnatresno vo vas reagira inemirite ve pravat smesen kaj citatelite.ne si go urivajte ugledot.vo starost covekot treba do gi uziva plodovite na svojot trud.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *