Banner
Мое ќоше

Претседателот не е виновен за ништо

ivanov

Ѓорге Иванов, претседателот на Република Македонија, ни приопшти уште една генијална формула како се пресметува вината за состојбите во македонското општество. Како и сите големи изуми и овој е многу едноставен. Новинарите се виновни за срамната позиција во која потонаа македонските медиуми. Судиите се виновни што во земјата не владее правото. Универзитетските професори се виновни што е укината автономијата на факултетите. Лекарите се виновни за катастрофата во здравството. Опозицијата е виновна што Собранието не работи според основните принципи на парламентарната демократија. Студентите и учениците се виновни што не знаат математика и што се на маргините и што се мешаат во работите на државата. Вработените во сите институции се виновни што не функционираат најважните оски на системот. Уставниот суд е виновен за неуставни закони…. И така со ред, секој си ја презема својата вина што Македонија и по 24 години самостојност не може да ја оправда независноста на државата.

Има ли нешто за што претседателот на државата не е виновен. Според неговата формула тој лично за ништо не е крив. Еве, на пример, зошто би бил одговорен еден претседател на држава, врховен командант на вооружените сили, за безбедноста на земјата, за работата на службите за разузнавање ако, да речеме, во неговата земја со години некој ги држи под надзор и прислушува илјадници граѓани и јавни личности. Зошто би требало да чувствува вина еден претседател ако целиот безбедносен систем му е како швајцарско сирење полн со дупки. Зошто би бил одговорен еден претседател ако некој го прислушува премиерот, министрите, судиите, новинарите, професорите , академиците, интелектуалците, деловните луѓе. Зошто бил крив претседателот ако и него некој го прислушува и му го следи секој разговор. Човекот не знаел со години дека такво нешто се случува во неговата држава. И според новата формула ала Иванов, за одредување на вината и одговорноста, ако не знае претседателот и никој ништо не му кажал, тој не може ни да биде виновен. Незнаењето на Уставот според новата доктрина на претседателот го ослободува од одговорност и да не го спроведува, иако во него се заколна веќе двапати. Тоа му е исто кога криминалците не знаат дека според законот крадењето се казнува. Многу логично дури и за мали деца, штом нешто не знаеш, не си ни крив.

Зошто претседателот на државата би требало да биде неспокоен ако цели шест години, колку што е претседател, на упатил ниту една критика или барем мала забелешка за работата на Владата и на премиерот Никола Груевски. Тоа би било многу некоректно од негова страна. Замислете претседател на држава, а да критикува премиер и Влада, особено кога се редат секој ден големи успеси во сите сфери од животот. На што би личело да се појави претседателот на државата во парламентот, или на телевизија, на некоја дебата и да каже дека не ни чинат работите со политичките и економските реформи. Веднаш би станал предавник.

Или зошто треба да се чувствува непријатно претседателот ако тој е на чело на најсиромашната држава во цела Европа, а некогаш Македонија беше меѓу првите во регионот. Колку би бил бесен премиерот ако претседателот каже негде јавно дека Македонија има сериозни проблеми со регуларноста на изборите, со демократијата, човековите права и слободи, со економските реформи, или да каже дека кампањските политички вработувања не се во склад со економските закономерности. Не дај Боже, претседателот да побара одговорност за фрлените милијарди денари за кич споменици и налудничавата антикоманија и потрага по пославно античко минато со политичка интервенција во науката.

Зошто би бил одговорен еден претседател на држава ако таа е веќе десет години кандидат за влез во ЕУ и ако цели шест години по ред не може да ги почне преговорите. Зошто би се секирал еден претседател на држава ако чекаме со години да станеме членка на НАТО. За сите тие незавршени работи нашиот прв човек има извонредно оправдување. Секогаш други се виновни. Проф. Ѓорге Иванов стана еден од големите научни експерти за оправдувања. За решенија се одговорни виновниците и предавниците.

И, конечно, зошто би бил виновен еден претседател ако сите граѓани не го чувствуваат како свој претседател. Тие што го гласале и што го поддржуваат му се доволни човекот да се чувствува убаво кога седи на највисокиот трон во државата и кога шета по резиденцијата на Водно и патува по светот. Тие што не гласале за него не е важно што чувствуваат кога и онака се виновни што не знаеле да ја изберат правата личност која ќе ја претставува државата на највисоко ниво и ќе го штити нејзиниот углед дома и во светот. Зошто би било грев за еден претседател ако поддржува премиер кој вовел деспотски систем на владеење. Ете затоа драги мои, нашиот претседател е гениј, кога во телевизиско интервју ја откри најголемата вистина за виновниците кои ја доведоа државата до вакво дереџе.

Виновни сме сите што трпиме со години некој да не’ прави будали при здрава памет. Затоа му давам целосна поддршка на претседателот на државата да истрае до крај во неговата истрага по виновници. Така ќе успееме еден ден да дознаеме дека тој навистина за ништо не бил крив, туку сите ние.

П.С. Почитувани читатели во наредните десетина дена ќе ве одморам од моите писанија на општо задоволство мое, ваше и на сите кои не се чувствуваат за ништо криви. Јас малку ќе се оддалечам од ловот на виновници и вештерки, ќе ловам риби. Да знаете ги враќам во реката. Така се чувствувам подобро, а не се ни знае колку сум фатил.

Коментирај:

коментари:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *