Banner
Мое ќоше

Железната рака беше мека

demirel

Почина Сулејман Демирел, познат турски државник и голем пријател на Македонија, со исклучително интересна и возбудлива биографија. За него Турците велат дека има седум животи и дека е светски рекордер по тоа колку пати бил премиер и колку пати бил во опозиција. Демирел петпати ја освојувал жешката премиерска фотелја и петпати се враќа на уште пожешкото место на лидер на опозицијата. Неговата долга политичка кариера и долговечен живот, 90 години, беа исполнети со победи и порази, но за цело време остана голема фигура во врвот на турската политичка елита, без оглед дали е премиер, претседател, опозиционер или пензионер. До последниот ден беше активен, а веста за неговата смрт во миг го обиколи светот.

Премиерскиот мандат на Демирел двапати е прекинат со државен удар. Демирел повеќе месеци престојуваше во домашен притвор. Неговото име во превод значи „железна рака“. Првпат кога го запознав во библиотеката во семејната куќа во Анкара каде што ме прими, тогаш како лидер на опозицијата, иако стисокот при ракувањето беше цврст, раката на Демирел беше мека, пријателска, а односот татковски.

Кога со политичар во опозиција ќе станете пријател, ако е вистински државник, лесно ќе дојдете до него кога ќе стане премиер, или претседател. Државниците не го забораваат професионалниот и коректен однос кога се борат за освојување на власта. Демирел како брилијантен оратор имаше извонредно памтење и фер однос со новинарите. По оваа наша прва средба, подоцна вратите ми беа отворени и повеќе пати се сретнав со Демирел и како премиер и како претседател на државата.

Пресудна беше неговата улога во признавањето на Република Македонија без никакви условувања. Најавата на Демирел дека Турција прва ќе ја признае Македонија ја објави цел свет и таа предизвика кај многу земји и наши соседи забрзување на постапката за признавање на независноста на Македонија. Личната заслуга на Сулејман Демирел не е само во признавањето, туку и воопшто во вкупниот негов однос кон Македонија. Демирел беше голем, да се изразам послободно, навивач и пријател на нашата земја.

Еве како течеше разговорот за признавањето. Во средината на декември 1991 година во премиерскиот кабинет не’ прими Сулејман Демирел мене како заменик-главен уредник во „Нова Македонија“ и мојата колешка Дрита Карахасан, тогаш главен и одговорен уредник на весникот „Бирлик“ што излегуваше на турски јазик како едно од изданијата на НИП „Нова Македонија“. Само што влеговме во пространата канцеларија и се поздравивме веќе како пријатели, веднаш ми излета од уста прашањето „кога Турција ќе ја признае Македонија“. Стариот мудрец се насмеа и ми рече јаваш, јаваш, полека, полека на добар пат сме. Прво ќе се напиеме по едно кафе, потоа ќе го проследите мојот работен ден кој денес е посветен на граѓаните, потоа ќе одиме дома во мојата резиденција и таму ќе одговорам на сите ваши прашања и ќе ви кажам добра вест за признавањето на Македонија.

Беше тоа голема привилегија да се помине работниот ден во премиерскиот кабинет. Се редеа граѓани, здруженија, јавни личности… секој со својата мака. Демирел за секој од нив однапред беше информиран во што е проблемот и со своето искуство воопшто не му беше тешко во најголемиот број случаи веднаш да ги реши проблемите на луѓето, или да ги упати на вистинската адреса. Во трајно сеќавање ми остана неговата средба со синдикатот на актерите кои бараа поголеми плати, со земјоделците од Анталија кои се жалеа на големите даноци, со селаните на едно село кое немало се’ уште струја.

Работниот ден заврши и со премиерскиот автомобил заминавме во резиденцијата. Додека пиеме чај кој лично ни го послужи неговата сопруга, јас повторно: кога Турција ќе ја признае Македонија. Ајде, рече Демирел, да ја кажеме добрата вест. Го пренесувам од збор до збор одговорот кој ќе го паметам додека ме служи меморијата. „Турција ќе биде првата земја што ќе ја признае независноста и самостојноста на Република Македонија. Така налагаат нашите интереси, свесни дека малку ќе им значи на граѓаните на Македонија ако бидеме десетти или дваесетти на ред. Ќе бидеме први. Одлуката на владата е подготвена и таа набргу ќе биде и формално донесена“. Дали можам ова да го јавам веднаш, му велам на Демирел. Ми го подаде телефонот. Уште додека го работевме интервјуто преку светските агенции, веста го обиколи светот со наслов „Турција прва ќе ја признае Македонија“.

Меѓутоа, наредните денови се случи едно мало задоцнување кое предизвика загриженост во Македонија. Се јавив во кабинетот на Демирел да го прашам неговиот портпарол што е со признавањето. На мое големо изненадување, по неколку минути се јави лично Демирел и ми кажа дека принципите на надворешната политика на Турција налагаат да ги известат заинтересираните соседи за признавањето на Македонија. За неколку дена во Давос ќе се видам со грчкиот премиер и ќе му ја соопштам нашата одлука која јавно ќе ја обнародиме по мојата средба со него. Така и беше. На 6 февруари 1992 година турската влада соопшти дека ја признава Република Македонија.

Но, ова мало одложување со цврста најава дека прва ќе биде Турција убеден сум предизвика Бугарија да побрза и таа на 15 јануари 1992 година прва ја призна Република Македонија. Што, секако, е за голем респект. Турција беше втора, но за мене имаше ефект како да е прва, бидејќи уште од самата најава се гледаше дека нема никакви условувања ниту со јазикот, ниту со името, ниту со националната или верската припадност. Мое сознание е дека клучни беа интересите на Турција, личната заложба на Демирел и неговото пријателство со претседателот Глигоров. Тоа се виде многу добро и при посетата на бегалците во „Стенковец“ по косовската воена криза. Кога другите државници и светски личности изразуваа вербална поддршка на Македонија и праќаа телеграми, Демирел стигна во Скопје со куферче кеш 100.000 долари кои му ги предаде на претседателот Глигоров како прва помош за бегалците.

(Објавено во Утрински, 17.06.2015)

Коментирај:

коментари:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *