Banner
Мое ќоше

Ќе бираме слобода или влада

EC42ABD6E5E635418ED769A074741FD6

Девет полни години жителите на Македонија живеат и работат под силна партиска и политичка пропагандна пресија. Тој постојан атак врз мирот, спокојството и приватноста на луѓето неколку месеци пред секои избори прераснува во жестока агресија по сите сетила на граѓаните.

Пред секои избори, откако Никола Груевски е на власт, земјата станува колективна пералница на мозоци, почнува легализирана коруптивна хистерична предизборна кампања. Како што изгледа, еден ден во предизборна Македонија ќе има предвремени парламентарни избори по цели 10 месеци, ако важи најновиот палома-договор. Главните телевизии секоја вечер почнуваат со едно врескање на водителите божем црна се чума задала над Македонија. Тече цела драма со викотници на лиценцирани подобни новинари, срам за професијата, врескаат на цел глас како опозицијата подготвувала голем грабеж и како е фатена на дело од чесните партиски активисти и новинари на ВМРО-ДПМНЕ. Потоа се откриваат уште неколку предавства и подготовки за продажба на уставното име од страната на опозициските лидери и неколку поголеми подготовки за земање мито. Арамиската и предавничка опозиција е сатанизирана на сите партиски вести, почнувајќи од државниот јавен сервис кој го узурпирал името МРТ, па преку најгледаните комерцијални телевизии, штедро и на мала врата финансирани од буџетот. Се разбира, пред тоа се јавуваат стотици портали и онлајн-изданија кои владеат со социјалните мрежи. Сите тие од „А“ до „Ш“ со исти зборови ја цитираат големата ударна вест составена во партискиот кабинет на Владата за специјални намени, за оцрнување на опозициските политички лидери и за откривање на предавници, непријатели, кодоши, соросоиди и разни други опозициски вештерки.

Дури потоа почнуваат вестите за големите успеси и достигнувања на премиерот Груевски и Владата. Пораката е јасна, додека другите крадат и лажат, нашиот мудар водач гради и вработува, работи ударнички за подобра Македонија. Во еден важен миг се појавува лично премиерот Груевски и така едно 13 пати на секои вести, на сите телевизии, радиостаници и портали. Груевски елоквентно почнува едно десет минути да кажува колкав успех е постигнат што граѓаните ова лето ќе можат да земат зелен картон само за еден месец ако патуваат во странство. Не мора да плаќаат цела година ако само еднаш патуваат во странство. За тоа ќе платат помалку ако имаат помала кола, едно 50 еврулиња, ако, пак, колата им е поголема, ќе платат помалку од сто евра. Сите детали за оваа извонредна можност како да добиете зелен картон летово ги објаснува лично премиерот Груевски.

Потоа продолжуваат вестите со уште повесели работи, премиерот отвора нови училишта, следува ударна вест кога премиерот ја шутира топката во новата фискултурна сала каде што младите пензионери, кога ќе се вратат од Запад, ќе играат фудбал во слободно време. Потоа следува сечење лента од отворањето на новата фабрика во која ќе се вработат во првиот турнус петстотини луѓе, а во вториот уште илјада. Потоа премиерот удира темели на нови погони, најавува нови странски инвестиции…. Потоа следуваат вестите за најголемиот стопански раст во цела Европа, тренд кој ако остане Груевски на власт ќе продолжи и во наредните сто години. Потоа премиерот одговара на едно сосема случајно поставено новинарско прашање кога ќе има вонредни избори. Следува брилијантен одговор: ние не сакаме предвремени избори. На граѓаните им е преку глава од избори, но бидејќи ни е спречен четиригодишниот мандат, подготвени сме целосно уште утре да му го нанесеме на Заев најтешкиот пораз во историјата на СДСМ за конечно да добиеме опозиција каква што сакаме и каква што заслужува Македонија. Потоа премиерот е опколен со деца, со книги, со писатели… Саде убавини.

Потоа премиерот се префрла на вестите што доаѓаат од светот. На меѓународен план, исто така, тече мед и млеко. Секоја вечер по десет пати гледаме оригинални, немонтирани, несечени и нелепени снимки со автентични евроатлантски определби на Груевски директно од светски форуми. Следуваат изјави во живо од некои анонимуси претставени како големи државници за кои сте помалку посрамени оти не сте чуле никогаш. Тие зборуваат за големото лидерство на Груевски и неговата успешна политика. Овие платени десничарски лобисти без срам и перде поддржуваат деспот и притоа не забораваат да опоменат за опасноста по Македонија што ја приредува лидерот на опозицијата Зоран Заев, ако не престане да ги вознемирува свеста и совеста на граѓаните со „бомбите“ од прислушуваните разговори кои се грандиозна слика за злосторствата на Груевски и неговата дружина. Редовната порака до Заев од овие лобисти е да си ја свитка опашката и да се врати во парламентот.

По 45 минути вести за достигнувањата на Груевски и по 20 минути црнила за опозицијата завршуваат вестите и почнуваат турските серии. Меѓу секоја серија се повторуваат истите вести неколку пати и се’ така до раните утрински часови кога почнуваат емисиите во живо со пациентите на кои успешно им е извршена лоботомија.

Идејата е да се прикаже многу успешна влада која од душманите е спречена да работи понатаму. Пропагандистите сакат да излажат и овој пат дека на изборите ќе се бира како и досега повторно една успешна влада. Прикриваат иако знаат дека на овие избори во април 2016 година, народот само ќе ја верификува како на референдум определбата за слобода и демократија, за вистински подобар живот, а не за лажни успеси, за систем кој ќе се пресмета со организираниот криминал и коруптивното владеење, систем кој ќе го врати ограбеното богатство во буџетот на државата, систем кој ќе ги ослободи медиумите, кој ќе воведе владеење на правото, кој решително ќе тргне кон европеизација на Македонија, нов систем кој ќе обезбеди мир и стабилност во државата. Систем кој ќе влезе во решителна пресметка со провинцијализмот и примитивизмот и ќе ги врати на јавната сцена избришаните и понижени вредности.

Коментирај:

коментари:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *