Banner
Мое ќоше

Опасна игра со денарот

denar

Среде длабока политичка, економска и морална криза во коа тоне Македонија, Стопанската комора отвора една опасна расправа: дали курсот на денарот е реален и доволно стимулативен за развој на бизнисот. Не верувам дека Бранко Азески, претседателот на Комората, не знае дека чепкањето по стабилноста на курсот на денарот, макар и преку коморска расправа, може да предизвика стампедо во македонските банки и целосен хаос во економијата, кои никој не може да ги запре. За време на југословенската криза, ние кои сме повозрасни гледавме еден таков хорор во живо кога илјадници луѓе со свои макотрпни стекнати пари и заштеди ги платија грешките на политичарите. Трагичните последици од обезвреднетите преку ноќ динарски штедни влогови и заробените девизи во банките не беа помали од војните разорувања.

Штом почне тој психолошки удар да се спасуваат заштедите во банките, веќе никој не може да го запре ураганот. Ни изјавите на гувернерот, ни соопштенијата на Владата ни апелите, ни ветувањата. Само еден час затворени шалтери во банките за штедни влогови и само едно ограничување врз сопствените пари на луѓето во ваква криза може да предизвика финансиско цунами кое никој не може да го запре. Нема економист, деловен човек и особено веќе еднаш „изгорени“ граѓани што ова не го знаат. Затоа зачудува што токму Стопанската комора отвора ваква расправа баш сега во кризно време кога малку фали и без тоа да пламне пожарот од колку и да е мала и контролирана девалвација. Секој пожар почнува од мала искра.

Се разбира, секогаш има еден куп аргументи и противаргументи каков курс треба да има денарот, стабилен или пливачки, но тие расправи и финансиски политики се за едни други времиња во еден многу поповолен амбиент. Притисокот на извозниците за пореален курс на денарот, во суштина не значи ништо друго туку заговарање на девалвација. Доколку Владата сака да го стимулира извозот, ова може да го решава преку поинаква политика на делење субвенции со пренасочување на поголем дел од средствата за повисоки извозни стимулации, а не како досега кога парите за субвенции во најголем износ се раздаваат како социјална помош и партиска коруптивна кампања. Здравата стимулација на извозот е многу подобра работа со повисоки ефекти, отколку да се посегнува по некаква божем оправдана девалвација на денарот од шест до осум отсто колку што заговараат одредени економисти и деловни луѓе. Таков експеримент на трусно подрачје, како што е Македонија, може брзо да предизвика финансиски земјотрес со двоцифрена, или, не дај боже, трицифрена бројка.

Покрај примамливоста на контролирана девалвација во кризни времиња, владите кои со своите погрешни економски политики и неуспешни реформи влегуваат во ќор-сокак, како давеник за сламка се фаќаат по еден на прв поглед спасоносен чекор, а во суштина се работи за камиказе лупинг. Погодувате, тоа е печатење пари без покритие. Не смеам ни да помислам дека зад вакви коморски дебати во ова време можат да стојат и некакви црни сценарија на заплашување и за собирање на партиски и политички поени.

Драмата при распадот на Југославија одеше паралелно со турбо работењето на печатницата за пари на Топчидер. Печатењето динари во три смени значеше тотален крах на стопанството и уништување на имотот на милиони луѓе, неминовен распад на една многу помоќна и економски посилна држава отколку што е денес Македонија. Практично, судбината на Југославија и денес може да биде добар пример колку се значајни за стабилноста дури и за многу побогати и посилни држави, слободата и демократијата, владеењето на правото и економските закономерности и реформи. Отсуството на тие три елементи ја парализираат државата и практично ја предизвикува политичката криза која прави заложници и страдалници од милиони граѓани.

Нема начин за побрзо осиромашување на граѓаните и на најголемиот број компании од стимулирање на девалвација по што ако излезе од контрола доаѓа и до инфлација. Тоа е она време кога еден петел вреди милион динари, или колку две кокошки. Или ако сакате обратно за да биде појасно кога вашиот милион ќе вреди колку две кокошки или еден петел.

Комори, центри на моќ, министерства и влади кои во девалвација гледаат излез, практично длабоко ја завлекуваат раката во џебот на граѓаните.

Коментирај:

коментари:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *