Banner
Мое ќоше

Ѓаволот е во деталите

2668804110_386a1670e5

Воопшто не се радувам што погодив дека македонската пролет ќе почне идната година кога пак ќе расцутат липите. Најавив голема прослава и катарза на скопскиот плоштад по враќањето на слободата и демократијата, длабоко убеден дека Македонија веќе не може да биде иста, а најмалку да остане ваква, свесен за фактот дека режимите тешко паѓаат. Смената на власта на фер избори би бил историски настан, голем празник за спречување на опасноста од исчезнување и поделба на државата до каде што ја доведоа Груевски и неговата клика. Тоа би бил дефинитивен пораз на едно лошо владеење, на авторитарен режим и праведен крај на ерата на груевизмот што одзеде 10 години од животот на граѓаните на Македонија.

Не сум среќен поради фактот што ѓаволот е секогаш во деталите. Додека да дојде април 2016 година, има уште 10 месеци. Дотогаш треба да се отстранат најважните упоришта на деспотизмот вградени во сите институции на системот и во сите полуги на власта. Со Груевски на чело на која било влада: техничка, експертска, привремена… тоа не е можно. Ако Груевски ја предводи која било влада до април 2016 година, тој ќе ја предводи и доживотно, поточно до распадот на државата. Кој наивен може да верува дека Груевски ќе форсира чистење на Избирачкиот список и донесување закони кои гарантираат слободни избори кога тој и неговите најблиски соработници го монтирале системот да гласаат мртви души со по неколку лични карти и пасоши. Видовме какви фер избори досега организирал Груевски со партиски предизборни штабови во МВР. Дали може Груевски да спроведе попис ако според законот тоа требаше да се направи во 2011 година. Пописот доцни четири години, а сега треба да се заврши во рок од десет месеци!!!

Кој е тој нормален човек што може да поверува дека Груевски ќе се заложи за чистка на компромитираните судии кои суделе по нарачка на партискиот врв и шефот на разузнавање. Дали може уште да суди судија кој прима наредба преку телефон колку години да осуди претседател на опозициска партија.

Има ли некој во Македонија кој може да поверува дека јавниот обвинител Марко Зврлевски може да покрене постапка за истрага за она што сите во државата го слушнавме од прислушуваните разговори. Кој македонски обвинител досега го викна Груевски во Обвинителството да даде исказ по сопствено јавно признание што е точно, што е делумно точно, а што е погрешно од снимените материјали. Тој ужас што го слушаме со месеци за обвинителот Зврлевски не значи ништо. Се сокри во глувчешка дупка, таму молчи и чека наредби. Гласот на јавноста не допира до него. Тој се подготвува да ги обвини опозициските лидери и „свиркачите“, храбри луѓе кои на јавноста и’ ја дадоа на увид вистината за едно криминално владеење. Може ли таков јавен обвинител да го испрашува премиерот.

Може ли да се очекуваат фер избори ако најгледаните телевизии се под директна контрола на партискиот врв на ВМРО-ДПМНЕ и на премиерскиот кабинет. Кажете една телевизија, или едно интервју кое го има дадено премиерот во последните години, а да не било на партиски канал со однапред нарачани прашања, секогаш дополнително цензурирани и самоцензурирани од уредниците. Го гледате ли како побледува нашиот премиер и почнува да пелтечи кога некој домашен или странски новинар на некоја конференција ќе му постави прашање кое не го очекува. Можете ли да се сетите на која јавна дебата учествувал Груевски во демократска и слободна Македонија како што тој ја гледа државата на чие чело се наоѓа девет години.

Како ќе се ослободи МРТВ како јавен сервис ако таму сите што одлучуваат за што било од портир до новинар, уредник, главен уредник, директор, се под контрола на власта. Само еден мал број новинари се оставени на маргините како доказ дека не е се’ сотрено. Како ќе се носат нови закони ако Уставниот суд, како и сите судови, се под контрола и се полни со партиски активисти од дактилографи до судии.

Зашто ѓаволот е во деталите. На 10 јуни во Брисел, пред преговарачите за излез од кризата во Македонија треба да бидат сите суштински предуслови од кој еден е најбитен: Груевски не може да ја предводи владата за излез од кризата која тој ја предизвика со својот деспотски начин на владеење. Враќањето на слободата и демократијата во Македонија треба да почне уште утре со ослободување на политичките затвореници и со било формален, било неформален почеток на преговорите со ЕУ, по што би уследило членство во НАТО. Без тоа нема решение за кризата во Македонија. Исполнувањето на условите од поглавјата на ЕУ за преговори е, всушност, вистинскиот излез од кризата. Тоа Груевски не го направи цели девет години, па како ќе го направи десеттата.

Премиер на која било европска држава кој не сака да види дека по сето ова мора да си замине од политиката работи против интересите на својата држава, своите граѓани и својата партија.

Коментирај:

коментари:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *