Ми се допадна дијагнозата на претседателот на државата Ѓорге Иванов што ја даде на економскиот самит во Порторож. Тој пред претседатели, премиери и бизнис-елитата од Југоисточна Европа искажа прецизна историја на болеста на нашата политичка, економска, морална и духовна криза. Иванов им кажа на сите дека цели 24 години Македонија е заглавена во лифт. Од инает.
За чиј инат се работи, не кажа нашиот мудар претседател. Дали е тоа наш инает, негов инает, на нашите соседи, на Европската унија, на Америка, на Кина, на Русија… тоа се веќе детали за кои не е упатно да зборува еден претседател на држава на економски форум. Тој го кажа најважното, каде е излезот. Вели, бидејќи сме заглавени во лифт, најдобро е да градиме во височина. Браво, претседателе, оваа генијална мисла секогаш треба да се има на ум кога ќе заглавиме во лифт. Наместо да притиснеме на аларм и да викнеме мајстор да не’ одглави, најдобро е веднаш да градиме во височина, оти останавме едно три децении заглавени во лифтот. И тоа од инает кој обично оди заедно со ароганција, незнаење, простотилак, алчност и еден куп други одлики на заостанатоста и балканштината.
Да се обидеме да откриеме од чиј инат останавме 24 години заглавени во лифт и зошто, како што минува времето, тој инат е се’ поголем и поголем. Прво, веднаш да ја исклучиме можноста дека се работи за наш домашен инает, бидејќи нашиот лифт работи беспрекорно. На сите страни саде успеси, Македонија драматично брзо се гради во височина. Достигнувањата толку многу нараснаа што не можат да се измерат, бидејќи се веќе над облаците. Имаме најголем стопански раст во Европа. Македонија е европски рекордер во брзо растење. Вистински облакодер. Имаме најбрз раст на вработеноста. По глава на жител, во Македонија, споредувајќи со цела Европа, најбрзо се отвораат нови работни места. Толку е пријатно на македонското небо што деловните луѓе просто лебдат од среќа. Особено странските инвеститори кои чекаат на ред за да ги вложат своите пари во земјата со најпријатна клима. Имаме највисоки споменици во Европа на Александар Македонски и на татко му Филип Втори. Брзо растат платите, пензиите, субвенциите… стигнаа толку високо што веќе удираат во плафонот на лифтот што работи 24/7 како перпетуум мобиле.
Значи, се работи за инает на другите кои со векови коваат заговор против Македонија. Сега ситуацијата станува многу појасна. Претседателот на државата Иванов зборува за спречувањето на Македонија да стане членка на ЕУ и на НАТО. Ние направивме се’ што е до нас, арно ама, поради инает на комшиите и големите сили останавме заглавени во европскиот лифт, па затоа тргнавме во височина. Така на Европа ќе и’ влеземе не преку врата, туку преку прозорците и оџакот. Шегата настрана, одамна тврдам, како и повеќето луѓе во земјата и во светот, дека Европската унија и НАТО и’ го свртеа грбот на Македонија, толерирајќи го грчкиот ултиматум, иако Македонија не претставува никаква опасност ниту за Грција, ниту за кој било сосед. Ова е голем децениски срам на меѓународната заедница, на ЕУ, на Америка, на Обединетите нации, на светскиот интелектуален врв, невладини организации и институции, што се потврди и со пресудата на Меѓународниот суд за правда во Хаг. За жал, никогаш не ја научивме разликата меѓу меѓународното право и меѓународната политика на интереси.
Но, што е она клучно што ние не го направивме во сите овие години, особено од Букурешт наваму. И кој е нашиот дел од вината и од инаетот. Прво, наивно и глупаво му покажавме на светот дека стравот на Грција не бил безразложен. И најдовме дебело оправдување на грчката шовинистичка политика. Почнавме да присвојуваме туѓа историја и да го величаме хеленизмот преку кич-споменици и скапи лажни барокни зданија. Второ, Македонија по самитот на НАТО во Букурешт, назадуваше во сите сфери на предусловите што треба да ги исполни за влез во НАТО и во ЕУ. Грубо е деградирана демократијата со масовно нарушување на човековите права и слободи. Во Македонија има политички затвореници осудени на долгогодишна робија. Повеќе луѓе долго и противзаконски се држат во притвор во нехумани и нечовечки услови. Медиумските слободи се укинати, корупцијата во медиумите и цензурата се легализирани, а граѓаните со години се изложени на пропагандна пресија. Владеењето на правото е строго селективно, судството во сите инстанции е партизирано. Парламентот работи без опозиција, а монетарната власт е под силен владин притисок. Полицијата е комплетно партизирана и злоупотребена повеќепати.
Надзорот на над 20.000 граѓани и нивното повеќегодишно прислушување се една од најмасовните злоупотреби на власта во Европа. Толерантноста на Брисел и на големите сили за сите овие злосторства е, всушност, најголемиот грев врз два милиона луѓе на една мала мирољубива европска земја. По ослабувањето на позициите на Груевски, веќе се наѕира како Европа го запира своето учество во процесот на демократизација во земјата. Откако Груевски ретерираше и ги прифати сите барања на Брисел, оваа работа ја оставија сами да ја завршиме. Во Македонија деспотската власт која владее по повеќекратно фалсификувани избори, по флагрантен организиран криминал и со целосна контрола на сите институции на системот е оставена на мира. Дали вечните интереси налагаат уште еден амин на Брисел за тортура врз граѓаните. Тоа е таа политика на ЕУ кога го врти грбот за да оствари свои повисоки интереси во полза на нејзините редовни членки. Овие денови ќе видиме што ќе испорача за возврат Груевски во Брисел.
(Објавено во Утрински)