Banner
Мое ќоше

Добре дојдовте во Румелија

fh

До пред неколку години се’ уште со извесна вознемиреност и загриженост ги читав извештаите на светските асоцијации за заштита на политичките, граѓанските и медиумските слободи. Особено со внимание ги следев ранг-листите до каде сме и со кого сме комшии на скалата во освојување на демократијата. Се сеќавам на оценките за 2008 година кога се врткавме некаде од 24. до 34. место во светот и според „Фридом хаус“ и според „Репортери без граници“. Не бевме задоволни бидејќи нашиот идеал беше западноевропско и скандинавско ниво на професионализам, одговорно и етичко новинарство, демократија и комуникациска култура, што не беше достижно, но барем бевме на тој пат. Се движевме напред прилично бавно, но во правилна насока. И наместо „Збогум, Румелијо“ ние во изминатите неколку години стасавме до темен вилает каде што македонскиот журнализам никогаш не бил на толку ниско и срамно ниво. А, се надевам по санирање на оваа катаклизма, нема ни да биде.

Сега сме последни на Балканот и во Европа, далеку зад сите наши соседи. Заедно сме со Украина каде што се води војна, поблиску до државите со авторитарни режими каде што владеат тирани и деспоти. Можеби ќе се изненадите, но од поодамна воопшто не се вознемирувам од овие ранг-листи бидејќи во изминатите седум-осум години начисто отрпнавме од овие жални вести што ни ги праќа светот, бидејќи тоа нема ама баш никакво влијание врз Владата, врз институциите на системот, па дури и пошироко врз јавноста која е секојдневно предозирана од невидена пропаганда дека цел свет се заверил против Македонија и дека секој збор изречен како критика на власта е непријателски чин на странски разузнавачки служби во спрега со домашни предавници и платеници.

Повеќегодишната агресивна пропаганда со постојан лов на непријатели, гарниран со глорификација на власта и нејзините големи достигања, направи пустош во свеста на голем број граѓани. Во јавноста е прилично изместена перцепцијата што е тоа добро и професионално новинарство, што е основната задача на еден новинар и еден независен и слободен медиум. Денес најголемо достигнување стана да се велича Владата, премиерот и неговите потемкинови села. Нешто што е дијаметрално спротивно на суштината на постоењето на медиуми и новинарството, на граѓанските слободи и човекови права, при што откривањето на злоупотребата на власта и на моќта е најважната задача на новинарите и медиумите.

Ако во 2014 сме достигнале до 125. место во светот, вест којашто сега се објавува, тогаш, по скандалот со прислушување на илјадници јавни личности, политичари, пратеници,министри, новинари, судии, граѓански активисти… оценките за 2015 година ќе бидат многу полоши. Но, немојте да очајувате. Нашата пропаганда тоа веднаш ќе го исправи и ќе ги открие заверите против македонскиот народ и против сите граѓани, против мудрото и способно раководство. Патриотското новинарство, како и секогаш, цврсто ќе застане зад бедемот на татковината и ќе не’ опсипа со информации дека тоа е масло на Америка и нејзините сојузници, темните западни сили и служби кои ја подриваат Македонија во која никогаш немало поголеми слободи и поголема демократија. Ќе ни кажат по стопати на ден дека зад ова се кријат шпиони кои работат на тоа да се смени името на државата, да се дестаблизира Македонија, да биде под странски протекторат. Новинарските шарлатани кои не се срамат од своето незнаење и од своето полтронство ќе ни докажуваат дека Америка и Германија, Британија и Франција, цел Запад до гуша се во цензура и медиумска контрола, дека таму владеат црни режими многу пострашни од нашиот итн, итн… будалштини и примитивизам на тони, со кои не може да се води расправа, ниту пак некаков дијалог. Како да му се спротивставите на самонаречен новинар, кој се преставува како херој со тоа што го поставува прашањето што им прават Американците на Индијанците и на црнците и разни други големи откритија како само што не пропаднала западната демократија. Дали можете со вакви новинарски труби да водите дебата, или јавна расправа за кое било прашање со кое се судрува демократијата во светот и која е разликата со она што се случува таму и во Македонија.

Што можете да кажете за власт и нејзини поданици кои не се срамат, целосното разголување на нивната работа со снимените разговори да го оквалификуваат како новинарски подвиг и успех на владата. Штом кукавичлакот, креирањето на уредувачките политики во партиските штабови се прогласува за храброст и патриотизам, за наследно право на политички уредниците и нивните нарачатели не ви преостанува ништо друго освен да го примите сето тоа како природна катастрофа, земјотрес, или цунами, ураган, поплава….. чии последици долго ќе се отстрануваат по смирување на тлото и повлекување на надојдените води. Чесното информирање на јавноста денес во Македонија се’ повеќе наликува како да работите во воени услови и во илегала.

Единствената работа која ми дава се’ уште надеж и затоа сум тука со вас е дека доаѓа време кога ќе превладее сознанието дека медиумските и граѓанските права слободи не се работа само на новинарите, туку на сите нас, дека тоа е најзначајниот дел од системот без кој не е можно да се гради просперитетно и слободно европско општество. Ќе мора конечно да се определиме дали ќе се вратиме во Румелија, или ќе одиме во Европа каде што бевме на добар пат од кој не вратија назад големите патриоти.

Коментирај:

коментари:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *