Banner
Мое ќоше

Да се замолчи Ризаов

komisija-fakti

Бев само предавник и странски платеник, сега сум и кодош, таен агент, соработник на Верушевски, пијаница и умислен аристократ стасан за затвор

Падна директива. Веднаш да се замолчи Ерол Ризаов. Прво да се прогласи за кодош, потоа за најголем соработник на Зоран Верушевски и на тајната полиција. Да се компромитира како пијаница и Турчин, умислен аристократ со беговско потекло кој не сака да живее заедно со рајата. Ако и тоа не помага, Ризаов да се уапси. Оваа задача му е доверена на Томе Аџиев, претседателот на Лустрациската комисија и на медиумската инквизиција на премиерот Никола Груевски, предводени од Мирка Велиновска и Миленко Неделковски, со логистика на еден куп партиски полицајци и истражители и колеги-полтрони. Операцијата се одвива мошне успешно.

На Аџиев не му успеало во првиот обид да ја заврши работата, мојот кодошлак не поминал пред Комисијата, но во натамошните обиди и таа работа ќе се заврши за да биде спокоен вождот. Но, затоа, пак, на Велиновска и на Неделковски тоа добро им оди од рака, како и секогаш кога треба на некој да му се скине главата, или јавно да се запали на клада. Ова го очекував многу одамна, како и голем број мои читатели. Мислам дека прилично доцнат моите инквизитори. Но за зло никогаш не е доцна. Бркајте работа, да видам до каде ќе стасате.

Најнапред претходницата, големите бранители на ликот и делото на Никола Груевски, тандемот Велиновска – Неделковски, во одделни наменски текстови открија дека сум бил најголем, најпостојан и најревносен соработник на Зоран Верушевски и на тајната полиција. Потпрена врз својата извонредна меморија, Велиновска ископа чудесно сведоштво дека еден ден, кога пред повеќе од десет години гледала шпионски филм како гостинка во домот на разузнавачот Верушевски, видела страшни работи, многу пострашни од овие што сега ги презентира Заев, ама за тоа не сакала да пишува тогаш, како и сега, оти било уцена на државата. Тоа што не го напишала големата патриотка по една недела, Верушевски со текст потпишан од Ерол Ризаов го објавил во „Утрински“ на 29 декември 2005 година.

Откако на Мирка јавно и убаво нагледно и’ објаснив дека такво нешто немам никогаш напишано, ни потпишано и оти тоа лесно може да го провери секој граѓанин за само неколку минути преку интернет. Следуваше нова канонада од лаги и навреди дека сум пијаница, умислен аристократ, човек што живее во паралелен свет, дека го оплакувам Никола Младенов, иако го есапам како Миленко Неделковски жив и слични гнасотилаци. Па еве, читателите што имаат можност преку интернет нека ги проверат сите овие лаги, што објавил „Утрински“ во декември 2005 и во јануари 2006 година со наслови „Верушевски најави хаос во државата“. И „Верушевски приложи докази за наводна негова ликвидација“. Во декември 2005 година,„Михајловски без коментар за Верушевски“, кога тогашниот министер Љубомир Михајловски-Џанго дава изјава дека достоинството, честа и професионалноста не му дозволуваат да коментира вакви изјави и коментар на нашиот новинар Борис Георгиевски под наслов „Опасни закани на Верушевски“. Сите четири текста: трите информации што ги објавија сите македонски медиуми, освен Мирка, и коментарот на Георгиевски не се со мој потпис и не се напишани од мене. Но еве да и’ угодам на Велиновска бидејќи таа ги смета за мои оти тогаш сум бил главен и одговорен уредник на „Утрински“. Со голема гордост прифаќам дека овие текстови и коментарот на Борис Георгиевски ги потпишувам и денес со две раце како високо професионални, кои од оваа десетгодишна дистанца би ги објавил повторно со задоволство и гордост. Во тоа можат да се уверат и самите читатели ако на одредените датуми погледаат во архивата на „Утрински“.

Што се однесува до мојот однос кон колегата Младенов, тие исти денови во врска со аферата „швајцарски сметки“ објавив два мои авторски текста. „Разочаран претседател“ и „Лут премиер“, со критики на однесувањето на претседателот Црвенковски и на премиерот Бучковски во врска со аферата „швајцарски сметки“. Поради разочараноста на Црвенковски во институциите на системот, му побарав да поднесе оставка. И сето тоа го преживеав без ниту една закана од никого, или каква било последица по мене. Но, на кого докажувам кога извршителите на Груевски си имаат сосема поинаква цел да учествуваат во акцијата за моја дискредитација и замолчување. До каде ќе стигнат, ќе видиме.

Можам да им порачам дека и на нив и на нивните работодавци не им се плашам и дека сум убеден дека во блиска иднина и тие и нивните поколенија ќе се срамат од нивните злодела што им ги нанесуваат на сите граѓани на Македонија.

Што се однесува до Мирка Велиновска, вистина е дека јас и таа, не одамна како што вели, туку отсекогаш живееме во два различни света и дијаметрално спротивно го разбираме новинарството. Таа сака да креира политика, а јас да се спротивставам на злоупотребата на власта и на центрите на моќ. Таа пишуваше дека „како Бранко Црвенковски еднаш на илјада години се раѓа државник“, а сега пишува дека „Никола Груевски конечно премина во категоријата историски значајни национални фигури“, а утре удобно сместена во скутот на некоја друга власт пак ќе промовира историски државници и фигури. Таа секогаш во својата новинарска мисија се определува кон тие што создаваат нова историја, а јас кон тие што трпат јарем од таа историја. Тоа се навистина два различни света.

Е, па Мирке, продолжи да ја спасуваш Македонија од непријатели и предавници такви како мене, јас останувам додека можам таму каде што сум сите овие безмалку 40 години.

Повеќепати ја цитирам големата мисла напишана во парискиот „Панетон“. Татковината ќе ги препознае луѓето. Еден ден тоа ќе се случи и кај нас. Кој ќе преживее, ќе дознае.

Коментирај:

коментари:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *