Banner
Си велам

И овие од „Фридом Хаус“ не се нормални

Freedom-House

„Што су веќе клевете и лажи, то нам је Никола дражи“

И овие од „Фридом хаус“, како и „Репортерите без граници“, како и оние од од ЕУ, не се нормални. Секоја година и нам и на светот му праќаат извештаи за политичките, граѓанските и медиумските слободи, а немаат поим дека тие не’ вознемируваат колку ланскиот снег. Ни редат оценки со екстерно тестирање те вакви сме биле, те такви сме биле, те за никаде сме биле: не’ сместиле од „Фридом хаус“ во својот Извештај и за 2015 година пак во делумно слободни земји во друштво на пет европски држави: Косово, Босна, Украина, Албанија и Молдавија. Сме биле поблиску до Русија и Белорусија каде што ич немало слобода. Тие сироти не знаат дека тоа за нас се големи комплименти да бидеме заедно со Русија. Кај нас важи единствената мерка што ја прифативме од времето на Тито „што су веќе клевете и лажи, то нам је Никола дражи“. Се разбира, ни на крај памет не ми е да ги споредувам Броз и Груевски, ниту пак такво нешто е споредливо.

Вие, светски џандари и хохштаплери, кои го тероризирате целиот свет, сте си дале самите себе за право да правите некакви ранг-листи каде што биле нарушени човековите права, каде што има монтирани судски процеси и заточеници на совеста, каде невини луѓе гнијат по затвори заради своите политички ставови и јавни настапи, каде што полицијата и војската употребила прекумерна сила во пресметка со своите граѓани, каде што медиумите се под контрола на власта и центрите на моќ, каде што има цензура, каде што се спречуваат синдикалните протести и правото на штрајк, каде што се ограничуваат правата на работниците, каде што цути корупцијата и организираниот криминал, каде што нема дијалог, каде што има верска, расна и меѓуетничка толеранција…. и уште стотици критериуми по кои се стасува на дното на листите кои ја мерат слободата и демократијата по вашиот аршин. Се’ ви е внатре погрешно.

Господа, загрижени за слободата и демократијата, оценките за Македонија ви се бајати и апсолутно не се точни. Ние со сите овие работи уште од 2006 година имаме раскрстено и докрај расчистено. Кај нас нема нарушување на правата ниту на домашните, ниту на дивите животни, а да не зборуваме за луѓето. Тие се на беспрекорно ниво. Никој никого не допира ни со прст ако достоинствено молчи и си ја гледа својата работа и си гласа за власта според своите убедувања. Монтирани судски процеси нема од 2006 наваму. Оттогаш не е регистрирано ни едно судење под политички или каков било притисок на никого. Судовите ни се ептен независни и департизирани, но вие за тоа не ги прашавте ни претседателите на судовите, ни министерот за правда, ни премиерот, ниту претседателот на државата. Се’ се тоа големи и осведочени демократи. Не го разбравте работењето на нашиот парламент без опозиција кој одлично функционира. Многу подобро откако нашата тајна полиција го спречи државниот удар во дебатната сала на Собранието па оттаму ги избрка пратениците на најголемата опозициска партија. Додуша со малку ќотек, ама се однесува на оној ќотек што излегол од рајот. И новинарите беа превентивно избркани од Собранието да не биде загрозен животот на претседателот на параламентот поради што тој ја повика тајната полиција да расчисти со пучистите, а новинарите кои лесно можеа да бидат злоупотребени и да пласираат дезинформации, мораше да бидат отстранети од своите работни места, исто така со мали грубости и удирања по цеваници. Фала му на господа и на полицијата, на претседателот на Собранието не му фалеше ни влакно на главата.

Во нашите затвори нема невини луѓе, ниту политички затвореници. Нема сопственици на медиуми и нивни соработници, нема свештени лица, нема претседатели на политички партии и политичари, нема новинари, нема шпиони… И ако има по нешто од нив, треба да знаете дека сите се осудени за криминал против државата и власта. Единствениот новинар кој беше осуден со затвор поради напишан текст пред шест години е пуштен деновиве на слобода иако е виновен. Колкава толеранција и великодушност.

Синдикалните штрајкови и протести се регулирани со закон и нема никакви притисоци или злоупотреби на власта. Еве на пример, вчера министерот за образование Адеми јавно и трнспарентно им кажа на учителите и наставниците кои штрајкуваат барајќи преку леб погача, дека не ќе можат да земат плата ако не одат на работа, а не се членови на Синдикатот. Башка експресно им пронајдоа дека во касата им фалат пари. Најдовме и едно оргинално решение за учениците да не трпат штета од прекинот на наставата. Кај нас учителите по физичко и ликовно предаваат математика и физика. Се разбира, само за време на штрајк. Учителите и наставниците, нашиот премиер, јавно ги опомена да внимаваат што прават бидејќи до вчера ја фалеле владата, а денес неблагодараници штрајкуваат. Студентските и професорските протести поминаа во најдобар ред без никакви притисоци, иако премиерот сто пати излезе на телевизиите да им каже дека не треба да протестираат за правата на идните генерации и дека се злоупотребени од опозицијата. Кај нас кога премиерот покажува со прст на грешниците не се смета за притисок, туку за татковски однос.

Со слободата на медиумите и разните цензури, коруптивни кампањи и економски притисоци врз новинарите, уредниците и сопствениците на медиуми работата одамна е завршена, уште од 2008 година. Таков ред е направен во медиумите што воопшто не е потребен никаков притисок или некакви закани. Секој си ја знае својата работа која е во интерес на државата и на власта. Секој што ќе излезе од тие правила автоматски станува странски, односно ваш платеник, непријател, или предавник на татковината. Тие што се подготвени да го носат тој товар се изолирани во неколку озлогласени медиуми и невладини организации и немаат доволен пристап до пошироката јавност која е добро заштитена од туѓи влијанија и пропаганди.

Во последните неколку години применуваме и еден добро испробан метод од поранешните идеални општества. Нашите уредници во патриотските медиуми кои се најгледани ги знаат на памет луѓето кои можат да и’ наштетат на државата и на Владата. Едноставно нивното мислење не е потребно бидејќи ја вознемирува јавноста. Сите тие регистрирани непријатели и кодоши се проскрибирани и не можат да се појават во независните мас-медиуми на власта и да ги кажуваат своите штетни размислувања и ставови.

Ете така, ние со инсталирање на идеално општество кое е на врвот на светските ранг-листи за големи успеси во економијата, стандардот на граѓаните, квалитетот на живеење, поголемо вработување и како земја Елдорадо за странските вложувања, направивме историски достигнувања само со сто чекори во изминатите, ќе биде девет години. Тоа се вистинските и релевантни ранг-листи признати кај нас, а не како вашите кои се лажни и злонамерни.

Конечно ќе мора да признаете дека и вие од „Фридом хаус“ и од „Репортери без граници“ и од Еу заедно со вашите политички лидери сте најзаслужни што нашата држава се најде на ова дереџе. Силната поддршка што ни давате секој ден не се симнува од нашите подобни и неподобни медиуми. Добро е што не сакате да учествувате во разрешување на проблемот со името на државата и со нашето членство во ЕУ и во НАТО. Тоа е најдобриот начин како оваа демократска влада да остане на власт уште неколку децении. Замислете каква неправда би ни направиле ако притиснете тие грчки ултиматуми да се симнат од дневен ред. Ќе мора да станеме членка на НАТО и да почнеме преговори со ЕУ за примена на европските стндарди и во економија и во демократија и во екологијата и во земјоделството….. Па тоа би било смртна пресуда за оваа власт. Затоа сме ви многу благодарани. Само продолжете да ни праќате извештаи дека ни се ограничени правата и слободите. Тоа е идеалниот начин да си останете и вие кај што сте и ние кај што сме. Немојте случајно да ви падне на памет Македонија да почне со преговорите со ЕУ и да стане членка на НАТО со името ПЈР-Македонија, како што пресуди вашиот суд во Хаг и како што гласи Привремената спогодба со Грција. Тоа би било крај на оваа наша златна ера на Груевизмот.

 

Коментирај:

коментари:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *