Banner
Мое ќоше

Да отвориме фабрики за портрети

grpr

Што мислите за предлогот да се портретираат сите наши претседатели, премиери, министри, градоначалници, значајни личности…

Слатко ме изнасмеа јавниот предлог на уметникот-колумнист Александар Станковски да отвориме фабрики за портрети и за сликање на значајни историски настани од поновата историја на Македонија. Тоа би било големо историско достигнување од два аспекта. Прво, би се вработиле сите сликари и уметници во државата. Второ, би се овековечило за век и веков уште едно големо лудило како продолжение на грандиозниот проект „Скопје 2014“.

Еве како уважениот Станковски предлага да се „пополни страшниот амбис во македонската култура“. Таа голема црна дупка би се покрила со изработка на портрети во природна големина на досегашните претседатели на државата, на претседателите на Собранието на Република Македонија, ако тоа не е доволно за пополнување на дупката, ќе се портретираат сите министри, градоначалници и други значајни личности од македонскиот општествен и културен живот. За тоа уметникот има генијално образложение: за да не дојде до ретроактивно одбележување на историјата на македонската нација и држава, Станковски предлага со време синхрониски да се зафатиме со оваа задача, со што би поентирале на две нивоа. Прво, би ја одбележале нашата историја систематски, а не кампањски и стихијно, што подразбира многубројни грешки. Второ, би ги минимизирале политичките и општествените поделби и конфликти. Па затоа уметникот предлага да се пристапи кон портретирање на главните личности во природна големина и сликање на круцијалните настани во поновата македонска историја од 1991 до денес. Претпоставувам исто така во природна големина, со што цела Македонија не би била повеќе страшен амбис, туку добро покриена со портрети на нашите значајни дејци, државници, политичари кои ја одбележаа ерата на потемкиновите села.

Искрено посакувам овој предлог да биде прифатен од Владата и да го доведеме до делириум лудилото што ја зафати земјата со политичката стимулација на науката и уметноста во потрага по пославно минато и за светла иднина. Работата е многу едноставна иако авторот не ги кажува сите детали во оваа рана фаза на реализација. Само стравувам дека едно 5.000 портрети, се разбира, во природна големина и едно сто историски настани што ни ги приредија овие значајни личности, како што се нашите претседатели, премиери, министри, градончалници и јавни личности колку што се изредија во изминатите 24 години нема да бидат доволни да се пополни амбисот во македонската култура, природа и општество. Ќе мора уште многу историски нешта да се насликаат и портретираат, па да биде покриена и пополнета цела Македонија. Можеби вреди да се размисли да се направат портрети во природна големина на секој граѓанин на Македонија од времето на Аминта Трети, Филип Втори и Александар Македонски до денес, да се насликаат сите големи битки, победи и порази и така сите што сме во дупката да се покриеме како фараоните во пирамидите кога заминуваат во подземниот свет.

Какви времиња, такви идеи. Штом живееме во ерата на процут на уметноста и културата, на големи градителски потфати, сосема природно е да се јават проекти кога стотици сликари, ако треба ќе се ангажираат и некои од странство, ќе ги портретираат сите значајни личности и настани кои го одбележуваат ова време на лечење комплекси со пославно потекло, правејќи инстант историја како во телешоп или во рубриките „направи сам“. Само што завршивме славно со грандиозната идеја над 3.000 копачи кои ја прекопуваа Македонија да го најдат гробот на Александар, изгубеното богатство и доказот за нашето античко потекло, еве сега во таа дупка во која не најдовме ништо, ќе ја пополниме со портрети на значајните личности и со слики од историските настани, што не’ доведоа до ова дереџе да станеме најбедниот и најсиромашен народ во Европа.

Навистина низ историјата имало славни и големи уметници кои работеле и на царските дворови или биле ангажирани од царевите и кралевите и императорите да изработат големи безвременски ремек-дела во нивна слава. Ама досега немам слушнато дека некоја држава или влада остварила проект за портретирање на сите претседатели, премиери, министри, градоначалници и познати јавни личности на овој начин како во фабрички работилници во три смени. Тоа не го направиле ни Сталин , ни Мао Цедунг, со својата културна револуција.

Најпознатите портрети на големи државници и личности, слики од значајни светски историски настани настанале како инспирација на големите уметници без ничија нарачка. Се разбира, многубројни се ремек-делата кои се изработени и како лични нарачки и се изложени во најпознатите музеи или се дел од најголемите познати приватни колекции. Низ целата историја, а и денес и државите преку своите институции на системот се јавуваат како мецени, нарачатели и купувачи на уметнички дела. Нема тука ништо непознато и невообичаено. Оргиналноста и посебноста на предлогот на Станковски е во политикантскиот мотив да се портретираат сите претседатели, премиери, министри и градоначалници и други јавни личности во природна големина, да се насликаат значајните историски настани од 1991 година до сега. Овој најнов продолжеток на „Скопје 2014“ во „Скопје 2018“ очигледно е политички мотивиран како лоша пропаганда.

Историската наука значајните личности порано или подоцна ги сместува каде што им е местото, во учебниците, музеите, на плоштадите…. а портретите се вреднуваат по едни други мерила и кога не се на познати личности, туку сосема анонимни. Особено тогаш. Галиба Станковски го наслика својот најавтентичен автопортрет со зборови.

 

Коментирај:

коментари:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *